Реновирани просториите на Универзитетската Клиника за ортопедски болести

Фото: МИА

Во реновираните простории на Универзитетската Клиника за Ортопедски болести која се наоѓа во најстарата зграда на Клиничкиот центар на простор од 1300 метри квадратни во 20 болнички соби ќе има можност да се сместат и третираат 70 пациенти во најсовремени услови.

– Огромен број експерти работат тука, огромно искуство е кулминирано тука на оваа Клиника, тоа се наши колеги познати во светот по своите интервенции, по своите публикации и тоа е уште еден аргумент, уште една работа со која што сме навистина горди, истакна министерот за здравство Венко Филипче при денешната посетата на клиниката.

Информираше дека реновирањето чинело околу 13 млиони денари, а најголем дел од средствата се обезбедени од самата Клиника додека другиот дел од донаторите.

– Со ова се заокружува еден процес којшто значи осовременување на овие капацитети за лекување освен болничкиот капацитет веќе се претходно реновирани и операционите сали што значи целокупниот процес на лекување, хируршка интервенција. Постоперативно закрепнување, делот за интензивна нега се одвива со сосема нови простории, појасни Филипче.

Директорот на клиниката Александар Трајановски ја нагласи грижата на Министерството за здравство која, како што рече и во време на пандемија продолжи со овозможување на услови за лекување на пациентите на клиниката за ортопедија.

– Претходнава година од кога сум јас назначен на оваа функција беше доста тешка, пред се поради целото менаџирање на ковид кризата, но и покрај ковид кризата ние не се откажавме да реновираме дел од тоа кој е витален за целото македонско здравство, тоа е ортопедија, значи делот каде што се работат најсложените процедури како што не се работат никаде во нашата држава, истакна Трајановски.

Потсети дека целосно се реконструирани и реновирани Одделот за онколошка ортопедија, Одделот за детска ортопедија, Одделот за пластика, Одделот за спинална хирургија , целосно е реновиран Одделот за интензивна нега каде што има осум кревети.

Трајановски на министерот Филипче и на компаниите донатори им додели благодарници и најави дека за наредната година се планира да се реновира делот од Ургентниот центар, крилото дел од трауматологија како и КАРИЛ.

Извор: МИА

Видео на денот