„Рено“ со рекордна загува од 7,3 милијарди евра

Групацијата кон крајот на мај најави намалување на 15.000 работни места ширум светот, од кои 4.600 во Франција.

Францускиот производител на автомобили „Рено“ забележа најтешка загуба во својата историја во првите шест месеци од 2020 година, во износ од 7,3 милијарди евра.

Групацијата, која веќе беше во тешка состојба пред пандемијата на новиот коронавирус, и која на крајот на мај најави намалување на 15.000 работни места ширум светот (од кои 4.600 во Франција), посочи дека се откажува од секоја прогноза за финансискиот резултат за 2020 година, наспроти неизвесностите поврзани со пандемијата со Ковид-19.

– Ситуацијата е без преседан, коментираше новиот генерален директор Лука де Мео, кој ја презеде функцијата на почетокот од овој месец.

Историската загуба главно се објаснува со придонесот на производителот на автомобили Нисан, во кој Рено поседува 43 отсто од капиталот. Бројките се во спротивност со оние на францускиот ривал ПСА (Пежо, Цитроен) кои успеаја да заработат пари во првото полугодие и покрај кризата, со чиста добивка од 595 милиони евра. Но, Рено (во кој спаѓаат и брендовите Дачија, Лада, Алпин и Самсунг Моторс) страда од производство на прекумерен капацитет на светско ниво. Групата беше особено погодена од падот на пазарот поврзан со здравствената криза.

Прометот опадна за 34,3 отсто во текот на првите шест месеци од годината на 18,4 милијарди евра. Оперативната маргина падна нагло на минус 1,2 милијарди евра. Рено го проценува негативното влијание од здравствената криза на 1,8 милијарди. Оваа маргина беше позитивна од 1,7 милијарди евра во првата половина од 2019 година.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот