„Рено“ со огромен пад, продадени за 35 отсто помалку автомобили
Претходниот месец на „Рено“ му беше одобрен заем во износ од пет милијарди евра со гаранција од француската влада, која е и најголем акционер, со цел полесно да ја преброди корона кризата.
Францускиот производител на автомобили „Рено“ во првите шест месеци во светот продал малку повеќе од 1,25 милиони возила, што е за 35 отсто помалку во споредба со истиот период претходната година, објавува компанијата.
Остриот пад на продажбата во најголем дел се припишува на мерките спроведени за справување со ширењето на корона заразата.
Продажбата во Европа, најголемиот пазар на „Рено“, подона за 42 отсто, а според податоците на Европското здружение на производители на автомобили, побарувачката за нови автомобили паднала за 38 отсто.
Неодамна францускиот ривал на „Рено“, „ПСА“, производителот на „Пежо, Цитроен, Опел и ДС“ соопшти за пад на продажбата на автомобили за 46 отсто во првите шест месеци во споредба со истиот период претходната година.
Сепак „Рено“ може да се пофали со добри резултати во растечкиот сегмент електрични автомобили, бидејќи во првата половина од 2020 година продажбата на неговите градски електрични возила „ЗОЕ“ во Европа скокна за речиси 50 отсто, односно биле продадени 37.540 автомобили.
Претходниот месец на „Рено“ му беше одобрен заем во износ од пет милијарди евра со гаранција од француската влада, која е и најголем акционер, со цел полесно да ја преброди корона кризата.
„Рено“, кој во 2019 година ја заокружи со вкупна нето загуба од 141 милион евра, следните три години планира да ги намали трошоците за 2,2 милијарди евра.
Во планот до 2024 година предвидено е и намалување на стандардното производство од 4 на 3,3 милиони возила.