ВИДЕО | Ременски: Внимателно да се известува за идентитетот на жртвите, не е време за сензационализам

Фросина Ременски
проф. Фросина Ременски / Утрински брифинг

Веројатно денеска ќе се одложи ЦО и ИО на СДСМ со оглед на тоа што Зоран Заев не е во Скопје поради тешката собраќајна несреќа на скопски автобус што се случи во Бугарија, па оттука разговорот со професорката Фросина Ременски од Факултетот за безбедност во Утрински брифинг го започнавме со несреќата за што таа има експертиза.

-Ова е голема трагедија и треба да биде предмет на истрага што се случило. Сите очекуваат повеќе информации. Мое длабоко сочувство, вели Ременски.

-Местна и стварна надлежност имаат бугарските служби, полицијата, форензиката и т.н. но секако во билатерална соработка не се исклучува вклучување и на наши тимови. Тоа е посложена операција, станува збор за изгорени лица кои преку форензика треба да се идентификуваат како и испитување на машинската состојба на автобусот, вели Ременски за Утрински брифинг.

Како ќе се прави техничка форензика, како ќе се утврди начинот на кој се случила несреќата кога автобусот е запален?

-Потешко е, но ако се побара експертиза не е невозможно. Тоа е комплетно изгорен автобус, заглавен во еден меѓупростор што укажува дека немало превртување, бил во исправена позиција. Повеќе од убедена сум дека експлозија се случила внатре, да речеме мала плинска боца или сѐ што е поврзано со гас или запалива течност во допир со искричење при возење можело да доведе до силна експлозија што ги блокира сите автоматизирани системи на автобусот. Фактот што и возачот е загинат укажува на таква ситуација, објаснува Ременски.

Очигледно е дека треба да се вклучат и наши тимови. Како оди таа билатерална соработка?

-Тие соработки се на ниво на институционална соработка меѓу органите на двете земји, за што имаме потпишано договори. Веќе може да се воспостави таа соработка и треба бргу да се испратат наши тимови за да се одбегнат сите шпекулации. Оваа постапка ќе трае. Ако се сеќавате при падот на владиниот „кингер“ кај Мостар имаше помалку патници но идентификацијата траеше. Заради заштита на идентитетот сега не може да се објават никакви информации за идентитетот на загинатите и треба внимателно да се известува. Ако има и државјани на Албанија како што се вели, треба да се вклучи и таа земја, вели Ременски за УБ.

Ременски вели дека независно од политичките текови институциите треба да работат заедно и да го утврдат текот на оваа трагедија. Сега ќе бидат и помотивирани да излезат со пообјективен извештај, смета таа.

-Секако и ние треба да им доставиме документација на бугарските институции во некоја заедничка комисија. Секако дека многу прашања и процеси ќе се одложат по оваа трагедија. Не мислам дека ни едната ни другата страна сега ќе отвора прашања кои беа актуелни претходно. Но не сум оптимист ни за подоцна. Очекувам од новиот состав на владата кои најавија свртување кон иднината да има некаков напредок. Оваа трагедија е некаква опомена дека треба да соработуваме, а не да се оддалечуваме. Секако, на семејствата никој не може да им ја надомести загубата, вели Ременски и додава дека е важно да се спречат шпекулации и дезинформации.

Проследете го целиот разговор во видеото

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот