Ременски: Разрешувањето не е неважен, но не е и најважниот чин на „казнување“ на судиите

Фото Драган Митрески

Професорката и поранешна пратеничка Фросина Ременски  на својот Фејсбук профил објави статус во кој го коментира неодманешното  разрешувањето на судиите од  претходната власт.

Во продолжение дел од анализата на Ременски:

„Судскиот совет го разрешил судијата Горан Бошевски за „несовесно и нестручно работење“. Пред него разрешени Јово Вангеловски, Лидија Неделкова, Софија Лаличиќ, Татјана Михајлова, Ристо Катавеновски, Владимир Панчевски и други – скоро сите за „несовесно и нестручно извршување на судската функција“, спомнати во еден американски извештај.

Кога ќе се погледне оваа бројка на разрешени судии ќе добиете впечаток дека, се санкционира несовесната и нестручната работа на судиите кои низ тефтерчиња, црвени телефони, од некаков интерес не си ги почитувале начелата на работа во службата.

Разрешувањето не е неважен, но не е и најважниот чин на „казнување“ за несовесноста и нестручноста на судиите кои треба да се симбол на правдата, независноста, самостојноста, стручноста, праведноста …

Дали „несовесното и нестручно извршување на судската функција“ повлекува штети и какви се тие?

Дали тоа „несовесното и нестручното“ резултирале со свесна корист за некого?

Одговорите на овие прашања се суштински за разбирање на казната – разрешување со која најчество завршуваат постапките за одговорност на судиите.

Дали Судскиот совет, предлагачот за разрешување на судија, Државното правобранителство или пак јавното обвинителство се имаат впуштено во анализа на „нестручноста и несовесноста на судијата“ со која предизвикале штети на државата, на страните во постапката – на граѓаните кои најчество ги плаќаат високите Стразбуршки казни од пресудите по жалбите на судовите и пресудите на судиите?

Не – нема да најдете ниту една анализа со конкретни штети, ниту пак постапки поведени од Државното правобранителство или ЈО за несовесните и нестручни судии!

Обвинителите како по правило си го штитат својот двор и „купуваат“ милост во случај да се најдат пред судиите за кои можат да постапуваат.

Но, затоа граѓаните кои се оштетени од „нестручното и несовесно работење“ на судиите најчесто (по правило) ќе бидат упатени на приватни тужби и граѓански постапки кои во отсуство на аргументи и конкретно утврдени повреди на судската функција (не)даден од страна на Судскиот совет ќе бидат приморани да докажуваат „нестручност и несовесност“ на судија што е обврска на други органи!

И тука, правдата и еднаквоста се покажуваат важечки за едните, а неважечки за другите!

Ако го погледнете Кривичниот законик ќе видите дека постојат 8 кривични дела кои во битието и во именувањето го содржат зборот „Несовесно“ кое само по себе упатува на кривична одговорност и дела кои се гонат по службена должност.

Несовесно лекување болни

Несовесно вршење аптекарска дејност

Несовесно вршење преглед на месо за исхрана

Несовесно укажување ветеринарна помош

Предизвикување стечај со несовесно работење

Несовесно вршење надзор над сообраќајот

Несовесна изработка и преземање на воен материјал

Несовесно работење во службата

Во ова последното дело би требало да влезе и „оценката“ за „несовесното работење во судската служба“, според кое би требало да се утврди дали и кој имал корист/штета од несовесното судско постапување!

Но, ако го погледнете Законот за судовите, судската пракса и праксата на Судскиот совет (и на други институции), ќе видите дека само за судиите и дел за обвинителите „нестручното и несовесно работење“ се третираат на ниво на потешка дисциплинска повреда!
Тоа не е случај за сите останати професии за чиишто припадници по основ на „нестрручно и несовесно работење“ одговорноста се утврдува во друга постапка.

Дали јавноста е задоволна со разрешување на судиите од тефтерите?

Дали јавноста може да биде задоволна само со фактот што несовесните судии се разрешени?

Дали штетите од „нестручното работење“ треба да бидат грижа на засегнатите или пак на државата во нејзино и нивно име?

Дали можете да се сетите на еден случај (освен за Владимир Панчевски) во кој против судија се водела кривична постапка за несовесно работење во службата или збоупотреба на службената положба и овластувањата?

Дали ова се должи на здушната субкултура и симбиоза на солидатност помеѓу обвинителството и судот?

Кои се лицата во предметите кои заради овие разрешувања се вратиле или ќе се врратат на почеток, а имаат корист?

Дали тајмингот за разрешувања е погоден или не?

Ако погледнете каква и колкава е одговорноста на јавните обвинители по примерот на судиите по истиот основ – „нестручно и несовесно работење“ ќе се фрапирате од податокот дека, Советот на јавни обвинители иако има/имало дебели основи за разрешување и одговорност на обвинители за многу сериозни работи, отсуствуваат разрешувања.

Единствено беше разрешувањето на Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски во август 2017 година “за нестручно и несовесно работење” што никогаш, ама никогаш не почна и не заврши со утврдување на одговорност за сите тефтер-постапувања за кои сите пратеници тоа лето гласавме за неговото разрешување.

Закон за јавното обвинителство ќе ве шокира со одредбата (член 70 став 3) во која се вели дека, „За штетата што јавниот обвинител во вршењето на функцијата ќе им ја причини на граѓаните или на правни лица со незаконита работа е одговорна Република Северна Македонија“!

И доаѓаме до апсурдноста на гребењето по површина на „реформите по Прибе извештајот“ кој станаа алфа и омега во тоа како треба, а не како не треба.
Токму Прибе ја постави дијагнозата и за судството и за обвинителството и за безбедносните служби – им го најде заедничкиот именител – силното директно и индиректно влијание од олигархијата, криминалните структури и политиката!

Но, оваа апсурдност е уште поголема ако се погледне фактот дека, СЈО што го презеде неработењето на ОЈО ГОКК, односно работењето под „разно“ (РО) на големи криминални случаи и притвори неколкуте највлијателни идентификувани во Прибе-дијагнозата – настрада во една организирана акција токму на тие структури кои никогаш не сакале и не сакаат независно судство и обвинителство!

Реформската козметика во судско-обвинителската фела не подразбира „пудра-постапки“ за маскирање на модринките и бубулиците која по ново се вика „ветинг“, туку депилација на ладен восок – секој месец, секоја недела …, за да не никне влакно на таа фина површина која треба да свети од углед, а не да гребе од недоверба!

За штетата што јавниот обвинител во вршењето на функцијата ќе им ја причини на граѓаните или на правни лица со незаконита работа е одговорна Република Северна Македонија во следно подолго писание …

Живела револуција …, пишува Ременски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот