Ременски цели да ја сврти наопаку партиската пирамида: Врвот да биде долу, а членството на врвот

Фросина Ременски
Фросина Ременски / Фото: Архива на „Слободен печат“

Кандидатката за претседателка на Социјалдемократскиот сојуз, Фросина Ташевска Ременски, во вечерашното гостување на ТВ Сител изјави дека не прави разлика меѓу луѓето, како и дека на СДСМ не му треба само лидер кој ќе раководи.

„Сметам дека не одговоривме на сите барања на граѓаните и верувам дека тоа ќе го поправам. Го немаме веќе луксузот да се заробуваме во партиските органи, вели Ташевска Ременски.

Таа додава дека доколку стане претседателка на владеачката партија, ќе бара јасни и конкретни ставови од сите партии за горливите прашања на државата.

Според Ременски, потребна е консолидација и обединување во партијата.

-Мојата примарна цел е да ја свртиме пирамидата на одлучување наопаку – врвот да биде долу, а базата на членството да биде на врвот, вели поранешната пратеничка и министерка за труд и социјална политика.

Таа се осврна и на нејзиниот противкандидат за лидерската функција во СДСМ, Димитар Ковачевски и на тоа што тој го придружуваше Заев во преговорите за влез на Алтернатива во Владата.

„Не сметам дека присуството на Ковачевски на овие владини средби е некаков хендикеп или непотребно, имајќи предвид дека и тој е самиот и дел од владиниот кабинет. Јас се прашувам зошто можеби и други членови на Владата не присуствуваат. И што тоа значи? И каква е тоа порака што ја испраќаат? Можеме од секаков агол да ги коментираме позициите. Но, на прво прашање при поднесување на мојата кандидатура од еден новинар баш во овој контекст кога се е јасно зошто, јас и денеска ви тврдам дека во Социјалдемократскиот сојуз ништо не е јасно по однос на резултатите во внатрепартиските избори“, рече Ташевска Ременски.

Таа додаде дека секој има право да има фаворит, секој има право да поддржи некого, но она што искрено таа го очекува е поддршка и поздрав на кандидатурите од претседателот Заев за сите кандидати, вклучително за кандидатурата на Јован Деспотовски, вклучително и нејзината – бидејќи, како што рече, само така може да се покаже тој еднаков пристап кон кандидатите кои треба да „трчаат“ за лидерската позиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот