Рељиќ, голема надеж на македонското таеквондо: До успех со тренинг, истрајност, желба, почит кон тренерот

Најголемата поддршка на патот кон успехот ја имам од тренерот Александар Ефтимов, човек кој многу ме мотивираше, веруваше во мене, почнавме да одиме на меѓународни натпревари. Условите во Таеквондо клубот „Тигри“ – Скопје се одлични – вели македонската таеквондистка.

Македонија го слави Дејан Георгиевски (22), таеквондистот кој оствари голем успех на Олимписките игри во Токио освојувајќи го сребрениот медал во категоријата над 80 кг. Спортскиот херој и неговите тренери најавуваат дека и натаму со силја волја ќе се тренира за да се продолжи трендот на врвни резултати и со надеж за злато на Олимпијадата во Париз 2024 година.

Чекор по чекор, тука не треба да се застанува во планот и стратегијата, треба и натаму да се вложува, да се води грижа за овој спорт во нашата земја (како и за секој друг), за да можат и самите натпреварувачи во машка и женска конкуренција да почувствуваат дека ги имаат потребните идеални услови почнувајќи од тренинг, секако настапите на домашната сцена, воедно и патувања, учества на меѓународните турнири, големите натпреварувања..

Ние како веб медиум продолжуваме да ги следиме македонските спортски таленти кои ветуваат, кои се борат со сиот потенцијал и срце за нашата земја, а помеѓу нив е и Мила Рељиќ (18) од Таеквондо клубот „Тигри“ Скопје. Таа има значаен број на освоени медали, трофеи во изминатите 3-4 години, а како еден од нејзините најголеми резултати го одвојува бронзениот медал од Президенс Купот лани во Шведска каде во борбата за финале имаше тесен пораз од тогаш актуелната светска вицешампионка.

За нејзините почетоци, тренинзите, нејзините досегашни успеси, за македонското таеквондо, многу повеќе прочитајте во продолжение..

Како започна љубовта кон таеквондото, што ве инспирираше да бидете дел од овој спорт?

– Во нашата населба имаше таеквондо клуб и мајка ми нè запиша мене, брат ми и сестра ми чисто колку да ја потрошиме енергијата и да спортуваме нешто. Никој тогаш не размислуваше дека ќе станам професионален спортист. Таму тренирав 7 години.

Кој е вашиот тренер и клуб, кажете ни нешто повеќе околу самите тренинзи, колку сте задоволни од условите?

– Од пред 5 години се префрлив во Таеквондо Клуб Тигри Скопје, мој личен тренер е Александар Ефтимов (4 дан), човек кој многу ме мотивираше, веруваше во мене, почнавме да одиме на меѓународни натпревари, претходно 7 години немав такви натпревари. Секогаш беше тука кога ми беше најпотребно неговата поддршка е огромна, практично Александар е најзаслужен за мојата кариера и моите успеси. Условите во клубот се одлични, имаме многу опрема, сала со татами, фитнес справи, секакви реквизити за вежбање и што е најбитно одлична атмосфера за тренинг.

После февруари 2020 откако освоив бронзен медал на Европски Президенс Куп во Хелсингборг Шведска почнавме да работиме многу повеќе индивидуални тренинзи, програма спремена само за мене и за време на корона кризата и покрај тоа што салите беа затворени ние 7 месеци вежбавме 2 пати дневно надвор на бетон, желбата за успех ништо не можеше да ни ја намали, иако скапо го платививме тој данок со плускавци на нозете кои ден денеска не можам да ги излечам.
Тренирам 2х дневно, со еден ден во неделата пауза. Исто така и имам приготвено специјален режим за исхрана и стриктно се придржувам.

Кои се вашите најголеми успеси на домашната и меѓународната сцена, како пример учествувавте на меѓународниот турнир „Тирана Опен“ во Албанија каде бевте прогласена за најдобар борец од сениорките..

– Секако мој најголем успех е бронзениот медал од веќе спомнатиот Президенс Куп во Шведска каде во борбата за финале имав тесен пораз од тогаш актуелната светска вицешампионка.

Пред еден месец во Тирана имав три борби за да стигнам до златниот медал, сите три победи ги издвојував со технички нокаут (доминантна разлика над 20 поени) и таму го освоив првиот пехар за најдобар борец во женска сениорска конкуренција. Но, јас целам кон Европските Г1 турнири, додека бев јуниорка како најголеми резултати би ги издвоила златниот медал од Босна Г1 опен, сребрениот медал од Софија Г1 опен, бронзениот медал од Галеб Г1 опен. 5 место на Европско Клубско Првенство во Солун, 6 место на МултиЕвропски Игри во Софија и нормално многуте златни медали на турнириве организирани на Балканот.

Верувате ли дека македонското таеквондо доволно се вреднува во нашата земја, гледаме дека таеквондото знае да носи врвни резултати, а последен пример беше сребрениот олимписки медал на Дејан Георгиевски во Токио..

– За жал мислам дека не се вреднува доволно таеквондото кај нас, многу луѓе немаа ни слушнато за оваа боречка вештина која пак е многу, многу популарна во странство, но со успесите од минатите години и посебно со сребрениот олимписки медал на Дејан сите очекуваме дека таеквондото ќе го заземе местото кое му припаѓа.

Како моментално течат вашите подготовки и кои се целите кои сакате да ги остварите во следниот период?

– Летово додека сум послободна од училишни обрвски гледаме максимално да го искористиме со тренерот Александар. Во јули месец бевме на подготовки во Грција, па вчера се вративме од Охрид и за август месец имаме веќе од поодамна уплатено за два тренинг кампа во Србија и Грција за веднаш потоа кон крајот на август да отпатуваме за Естонија на Европското Првенство до 21г за кое веќе имаме обезбедено норма со освоениот бронзен медал од минатогодишниот Европско Президенс Куп. Се надевам дека ќе успееме да донесеме медал од ова исклучително силно натпреварување.

Која е вашата најголема поддршка на патот кон успесите?

– Најголема подршка кон мојот пат кон успехот дефинитивно е мојот тренер Александар Ефтимов, кој цврсто веруваше во мене, кој ме мотивираше после поразите, тренер кој знае да ми каже доста мотивирачки реченици и често чита такви книги за патот кон успехот, понекогаш се прашувам како и тој има толку сила кога покрај неговата работа каде е доктор на науки на Медицински Факултет наоѓа време секој ден по 2,5ч за тренинг. Нормално тука се и моите родители, баба ми, дедо ми и посебно тетка ми која како големо семејство секогаш се тука покрај мене и во победите и во поразите.

Што треба да го краси еден натпреварувач во таеквондо, воопшто спортист, за да може да верува во добар резултат?

– Желба, истрајност, трпеливост, доверба, почит кон тренерот, и многу многу напорно вежбање, откажување од многу работи која нашата генерација ги прави, едноставно тренингот да се стави на прво место.

Спортски резултати на Мила Рељиќ во текот на 2017-2020 година:

– Сребрен медал Кадетки +59кг, Будимпешта Опен, 18 Февруари 2017, Будимпешта, Унгарија
– Бронзен медал Кадетки +59кг, Шабац Опен, 8 април 2017, Шабац, Србија
– Сребрен медал Кадетки +59кг, ТопЏим Опен, 6 мај 2017, Тирана, Албанија
– Златен медал, кадетки +59кг, 13 мај 2017, Илинден Опен, Скопје, Македонија
– Бронзен медал, Кадетки +59кг, Астерикс Опен, 20 мај 2017, Ниш, Србија

– Златен медал, Кадетки +59кг, Корио Опен, 30 септември 2017, Скопје, Македонија
– Учество на Европско Кадетско Првенство, Кадетки +59кг, 5-8 октомври 2017, Будимпешта, Унгарија
– Бронзен медал кадетки +59кг, Елит Опен, 20 ноември, Белград, Србија
– Учество, Кадетки +59кг, Хереја Опен, 10 декември 2017, Софија, Бугарија
– Златен медал Јуниорки -68кг, Омега Куп, Март 2018, Белград, Србија

– Златен медал Јуниорки -68кг, Скопје Опен, Април 2018, Скопје, Македонија
– Златен медал Јуниорки -68кг, ТопЏим Опен, Мај 2018, Тирана, Албанија
– Бронзен медал Јуниорки -68кг, Балканско Првенство 2018, Букурешт, Романија
– Златен медал Јуниорки -68кг, Теранда Опен, Септември 2018, Сува Река, Косово
– Златен медал Јуниорки -68кг, Белград Опен, Ноември 2018, Белград, Србија

– Златен медал Јуниорки -68кг, Хереја Опен, Декември, 2018, Софија, Бугарија
– 5 место на Европско Клубско Првенство 28.02-03.03.2019, Солун, Грција
– Златен медал на Омега Опен 9 март 2019, Белград, Србија,
– 6 место на МултиЕвропски Игри, 20-23.03.2019, Софија, Грција,
– Златен медал на меѓународен натпревар Скопје Опен, 07.04.2019

– Учество на Софиа Опен Г1 натпревар, 20-23.04.2019, Софија, Бугарија
– Златен медал на Астерикс Опен, 11-12 мај 2019, Ниш, Србија
– Златен медал на Охрид Опен, 01.06.2019 Охрид
– Бронзен медал на Балканско Првенство 20-22 септември 2019, Самоков, Бугарија
– Златен медал на меѓународен натпревар Теранда Опен, 31.09.2019, Сува Река, Косово
– Златен медал на Босна Г1 Опен, 11-13 октомври 2019, Зеница, БиХ

– Бронзен медал на Србија Г1 Опен, 25-26 октомври 2019, Белград, Србија
– Златен медал на Хереја Опен, 30 ноември 2019, Софија, Бугарија
– Златен медал на Кобра Опен, 08 декември 2019, Скопје
– Бронзен медал на Европски Президенс Куп Г2, 18-22 февруари 2020, Хелсингборг, Шведска
– Сребрен медал на Софија Опен Г1, 07-08 март 2020, Софија, Бугарија
– Учество на Софија Опен Г1, 6-7 март 2021, Софија, Бугарија, Сениорки – 62кг
– Победа во прво коло, Турција Опен Г1, 10-15 март 2021, Истанбул, Турција, Сениорки -62кг.
– Учество на Европско Сениорско Првентсво, 16-18 април 2021, Софија, Бугарија, Сениорки -62кг
– Златен медал на ТопЏим Тирана Опен, сениорки -67кг и пехар за најдобра сениорка, 25 јуни 2021

Видео на денот