Релјеф на времето

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Се почесто се фаќам себеси како размислувам за времето. Велат дека е тоа непогрешен симптом на стареењето. Нека е и така, но сепак мислам дека обидот да се разбере временската димензија е еден од најголемите предизвици за човековата свест. Големите физичари ја скротија мистеријата на времето во величина што се протега по четвртата димензија, но мислам дека никој не успеал таа димензија и да ја сфати. Се уште не се нашол јунак, од мајка роден, што успеал времето навистина да го разбере и восприеми, толку добро за да може да го објасни и на други.

Научивме како да го мериме текот на времето со најпрецизните од сите машини на светот, но не ги пронајдовме зборовите со кои времето може да се опише и објасни. Така што, ако излеземе од светот на математичките апстракции што служат временската димензија да ја артикулираат во законите на физиката, тогаш ни останува само временската интуиција со која го перципираме и чувствуваме времето. Но, чувството е секогаш бескрајно мал дел од разбирањето.

Ајнштајн, човекот со најимагинативната физичка интуиција на модерната доба, за времето кажал многу работи, но за човековото доживување и сфаќање на времето не сакал ниту да зборува. Вели тој: „Луѓето како нас, што веруваат во физиката, знаат дека разликата помеѓу минатото, сегашноста и иднината е само една тврдоглава и упорна илузија“.

Иднината како видлива планина

Таа илузија меѓутоа е единствената супстанца од која човекот го гради својот идентитет, темелите на самозпознавањето, географијата на својот живот, сите хумани и социјални релации и вредности, и, се разбира, сите свои соништа, планови, желби и надежи. Испаѓа дека од првите три димензии што практично целосно ги разбираме, можеме да го градиме само физичкиот простор и машинскиот свет – ништо навистина хумано вредно. Од друга страна, од четвртата, временска димензија – која никако не ја разбираме – се создадени нашите животи, нашите вредности, сеќавања, стравови и радости.

Сега сигурно се прашувате, почитувани читатели, како од ова лефтерно мисловно талкање по „изгубеното време“, односно по необјаснивото време, ќе го направам преодот кон радиоактивниот отров што со утринско чајче го испивме уште пред децении – нашето смртоносно вмро? Но, имајте трпение, за вемерето сѐ уште не стасал моментот.

Елем, моето рефлексивно препелкање во потера по необјаснивото, упорно ме навраќа на парадоксот што Ајнштајн така ладно и бесчувствително го формулираше: сите аспекти преку кои ние го доживуваме времето – минатото, сегашноста и иднината – се упорна илузија! Минатото, од каде ја црпиме идентификацијата и самоспознавањето, сегашноста во која нашата свест го препознава своето постоење, и иднината во која ги проектираме нашите планови и желби – сѐ се тоа непостоечки ентитети, обични илузии на умот. Тоа се илузии од кои е изграден непостоечкиот, но вистински(!) простор на нашето постоење; простор со вредносни димензии, своја географија и релјеф.

Сите знаеме дека нашата перцепција на времето зависи од нашите чувства: кога сме среќни – времето лета, кога имаме болка – ни да мрдне! Чувството за време е секогаш обратно од нашите очекувања, па кога сакаме да помине – тоа се инаети на место, а кога сакаме да застане – тоа се забрзува; кога брзаме – тоа истекува уште побрзо, а кога чекаме и времето застанува. Но, нашето восприемање и согледување на времето во огромна мера зависи од „наклонот“ на историската тенденција во која го живееме животот, од еден вид вистински вредносно-временски релјеф.

Како „работи“ овој релјеф? Тестирајте го и самите, почитувани читатели: кога животните околности од година за година се подобруваат во секој поглед, иднината станува видлива како да е планина чиишто димензии и облици се видливи за вашето око и имагинација. Исто како нагорната вредносна тенденција – подобрувањето на условите на живот – да е вистински наклон што создава угорнина. Оваа угорнина ја прави иднината видлива, замислива, посакувана и предвидлива.

Во годините во кои југословенското општество напредуваше во сите свои димензии, параметри и аспекти, во 50-тите, 60-тите и 70-тите, сите ние го планиравме времето буквално со децении нанапред. Се сеќавам прецизно дека кога дипломирав, професионалните и животните планови ги правев цели за цели 40 години иднина! И оваа непоколеблива верба во подоброто утре – која се темелеше на толку убедливата и цврста иднина, како да е планина истопорена на хоризонтот – ја делеа Македонците и Југословените од сите возрасти. И, дедо ми, кој ги протерал и балканските и светските војни, секогаш успевајќи да се исправи, додека во југословенскиот социјализам остана без бизнисот и имотот, ја препознаваше објективната нагорнина на животот и ја гледаше иднината како да е моќна планина, јасно исцртана пред нас на хоризонтот, која беспоговорно ги исполнува сите планови и желби. Нашите родители и ние децата, зборувавме за иднината како за нешто апсолутно цврсто и сигурно, а оваа верба ни ја потврдуваше секој следен ден.

Поглед надолу

Овој вредносен временски релјеф во себе крие изненадувачки аналогии. Така, на пример, во тоа време на нагорна историска тенденција, времето што минало се третираше априори за полошо, перцепцијата на минатото беше плитка, погледот наназад не беше омилен, а носталгичари како воопшто да немаше. Релјефната аналогија е совршена: погледот надолу по терен со надолен наклон не овозможува длабок увид, а погледот се губи во перспективата на недогледот. И, колку што е пострмо пред нас, толку погледот губи перспектива, се до амбисот кој создава чувство на најголема несигурност и апсолутно отсуство на иднина (или минато, во зависност дали надолниот наклон е пред или зад нас).

Од распадот на Југославија и еуфоричното создавање купче независни држави, сите ние – западнобалкански абориџини – стапнавме на сртот и радосно почнавме да се спуштаме по осојната страна од историската планина што претходните 45 години сме ја качувале од присојната страна. Во оваа деградирачка историска тенденција, сите параметри на животот – за жал, не само на Балканите, туку и на целата планета – добија надолен наклон. Се разбира, оваа сложена временска географија обезбедува релативни разлики во наклоните по коишто се тркалаат различни земји, но општата надолна тенденција е неумолива целово ова време. Во нашево локално долче, пресудниот фактор што долините ги претвора во срмни суводолици е – се разбира, вие погодивте – нашето ВМРО, зашто успешно ги соедини своите деградирачки политички програми со општата неолибералистичка и авторитарна тенденција на севкупното пропаѓање на човечките вредности и условите за живот на планетата.

Токму поради оваа стрмнина пред мене, не можам да го здогледам ни 1 Мај, сал неколку дена пред мене; годишниот одмор не само што не може да се планира, туку веќе тешко и се замислува, а крајот на годината е во матна темница, во непровидна и непредвидлива празнина, што како тешка завеса се провиснала врз целиот хоризонт.

 

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот