Реконструкција на Универзална сала – Реалност или уште едно празно ветување? – Слободен печат
ВестиСкопје

Реконструкција на Универзална сала – Реалност или уште едно празно ветување?

Градоначалникот Шилегов, инаку на скопјани им вети стартување на процесот на изградба на Универзална сала веднаш по добивање на градоначалничкиот мандат уште во време на предизборието за локалните избори во октомври 2017

Владата пред два дена ја усвои програмата за реализација на средствата предвидени во буџетот на Министерството за култура за 2019 година. Во програмата, која е со буџет од 117.5 милиони денари, меѓу другите проекти е и Реконструкцијата со доградба и надградба на конгресен центар Универзална сала – Скопје. Дали тоа значи дека конечно ќе се реконструира или изгради нова Универзална сала, наместо старата која со години е затворена? Од Град Скопје немаат прецизен одговор.

– Градот Скопје ќе поддржи проект за Универзалната сала, без разлика дали станува збор за реконструкција или изградба на нов објект. Изградбата на нов објект за Универзалната сала отсекогаш бил проект кој ќе биде финансиран од страна на државата. Станува збор за капитален проект, кој би чинел десетици милиони евра и е трошок кој Град Скопје не може сам да го издржи – информираат од Град Скопје.

Тие исто така дополнија дека времето кога проектот би бил реализиран, зависи од самиот проект и обемот на зафати, како и времето потребно за спроведување на сите потребни законски постапки (проекти, тендери итн.).

Во мај минатата година градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и тогашниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски се пофалија дека на Скопје ќе му ја вратат Универзалната сала. Тие потпишаа писмо за намери со кои се дефинираа активностите на унапредување на културата на подрачјето на Град Скопје.

Градоначалникот Шилегов, инаку на скопјани им вети стартување на процесот на изградба на Универзална сала веднаш по добивање на градоначалничкиот мандат уште во време на предизборието за локалните избори во октомври 2017.

Универзална сала, иако не работи, се уште има вработени кои земаат плата, а чии активности се главно преку летниот период кога, многу ретко, на платото пред салата се одржуваат културни настани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close