Реконструкција на украинската влада – поставени девет нови министри

EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Украинските пратеници гласаа за девет нови министри, вклучувајќи го шефот на дипломатијата и двајца вицепремиери. Ова е најголемата реконструкција на владата од почетокот на руската инвазија во 2022 година.

Андриј Сибиха, искусен, но непознат за јавноста, 49-годишен дипломат, Министерството за надворешни работи го презема од Дмитро Кулеба, кој во последните години е едно од најпрепознатливите лица на украинската влада.

Иако промената нема да влијае на надворешната политика на Украина, предводена од Зеленски низ војната, таа се случува во еден чувствителен дипломатски момент, кога Киев бара дополнителна помош од своите западни сојузници додека истовремено се обидува да се доближи до земјите од глобалниот југ. Зеленски овој месец патува за Соединетите Американски Држави, каде се надева дека ќе му го претстави својот „план за победа“ на претседателот Џо Бајден.

Реконструкцијата на Владата почна во вторникот кога неколку министри поднесоа оставки. Најмалку пет други одделенија веќе се оставени празни поради претходните заминувања.

Дмитро Разумков, претставник на опозицијата, смета дека новите именувања нема да доведат до големи промени.

„Повеќето од одлуките на крајот се донесени во канцеларијата на Зеленски, на која за време на војната му беа дадени извонредни овластувања“, рече тој.

Ресорното портфолио на Олха Стефанишина се прошири, па освен што го предводи приемот на земјата во Европската унија и НАТО, таа стана и министерка за правда. Во говорот пред претставниците пред нејзината потврда, таа рече дека се потребни „стотици и илјадници“ законски измени за Украина да стане членка на ЕУ.

Поранешниот инженер, 32-годишниот Херман Сметанин е назначен за министер за стратешки индустрии, кој ќе биде задолжен за домашното производство на оружје.

Олексиј Кулеба, поранешен заменик-шеф на кабинетот на Зеленски, беше назначен за вицепремиер. Тој ќе биде задолжен за реконструкција, региони и инфраструктура, важен оддел кој ги надгледува потенцијалните огромни парични текови. Назначени се и нови министри за земјоделство, култура, животна средина, ветерани и спорт.

Ројтерс пишува дека оваа реконструкција на владата делува како политичко освежување, единственото можно за време на воената состојба во која Украина не одржува избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот