„РЕКЕТ“: Обвинителство отвори случај за нови пет лица

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Државниот обвинител Љубомир Јовески откри дека обвинителството отвори нов случај поврзан со Mеѓународниот сојуз на Бојан Јовановски.

Истрагата се проширува кон пет физички лица и едно правно лице. Обивнителството ќе побара притвор за едно од нив, а превентивни мерки за останатите. Четворицата биле вмешани во трансферот на парите во износ од 720.000 евра преку две фирми до Меѓународниот сојуз

– Истрагата во првиот дел за „Рекет” е при крај. Обвинителката Вилма Рускоска работи на донесување јавно-обвинителска одлука. Колку што сум информиран во текот на утрешниот ден ќе селди обвинение за тој дел – изјави денеска Јовески.

Тој рече дека со тоа не го сметаат целосно исцрпен предметот „Рекет”, бидејќи обвинителството работи на утврдување на факти и околности и за други две-три дејствија.

– Во текот на денешниот ден ќе отвориме истрага уште против четири лица. Дел од тие лица беа на распит, а дел ќе бидат повикани на распит деновиве – рече Јовески.

Од ОЈО велат дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донел наредба за истрага против пет физички лица и едно правно лице, поради постоење на основано сомнение дека првоосомничениот сторил продолжено кривично дело „измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Останатите лица се сомничат дека помагале при извршување на кривичното дело „измама“, а тројца од нив се сомничат дека помагале и при извршување на кривичното дело „перење пари и други приноси од казниво дело“. Правното лице се сомничи дека сторило кривично дело „измама“.

„Врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката, дојде до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 година до април 2018 година, првоосомничениот како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво.

Тој, лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото.

Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација.

Воедно, едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт.

Ценејќи дека се исполнети законските услови за определување на мерки за обезбедување на присуство на осомничените, надлежниот јавен обвинител до судијата на предходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје во текот на денот ќе достави предлог за определување на мерка притвор за едно лице и мерки на претпазливост за останатите осомничени лица. Првоосомничениот во рамките на друга постапка се наоѓа во притвор“ соопшти ОЈО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот