„Рекет” ја зафати и Јанева, 30 дневен притвор за специјалната обвинителка – Слободен печат
ВестиМакедонија

„Рекет” ја зафати и Јанева, 30 дневен притвор за специјалната обвинителка

Таа доцна синоќа од Кривичен суд со полициско комбе беше спроведена во истражниот затвор „Скопје", но сепак и е дозволено денеска да замине за Гевгелија, каде под полициска придружба ќе присустува на погребот на нејзината мајка, која почина вчера изутрината по долго боледување.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, чиј глас се слушаше во снимките објавени од италијанскиот весник „Ла Веритас”, во кои таа на главниот осомничен за случајот „Империја” Орце Камчев му вели „се ќе биде добро” е третоосомничена во случајот „Рекет”.

На јавната обвинителка, за која вчера нејзиниот адвокат Стеван Павлески, пред почетокот на вчерашниот распит во Кривичен рече дека таа била најлиберална во однос на мерката притвор, Судот и одреди 30 дневен притвор поради злоупотреба на службената положба и овластувања. Таа доцна синоќа од Кривичен суд со полициско комбе беше спроведена во истражниот затвор „Скопје”, но сепак и е дозволено денеска да замине за Гевгелија, каде под полициска придружба ќе присустува на погребот на нејзината мајка, која почина вчера изутрината по долго боледување.

Другите двајца осомничени за „Рекет”,  Бојан Јовановски и Зоки Кичеец повеќе од еден месец се во притвор.

Околу четири часа траеше распитот на Јанева, која беше придружувана од нејзиниот адвокат Павлески. Се дискутирално исклучиво за мерката притвор.

Обвинителката Вилма Русковка по излегувањето од Кривичниот суд изјави дека сметале оти во овој момент е неопходно да се одреди мерка притвор за Јанева.

Нагласи дека истрагата е се уште отворена и додаде дека постои судир на интереси поради тоа што Павлески е адвокат на Јанева, а тој е и адвокат на Цветан Панделевски осомничен во „Империја”. Додаде дека на нејзино барање треба да се земе обврската Павлески да ги откаже полномоштвата за другите осомничени во други предмети на СЈО.

Според Павлески, Јанева е жртва на случајот „Рекет” и таа тоа ќе го докаже.

-Катица Јанева е е човекот кој гледаше либерално на прашањата за притвор, таа е единствената која дозволуваше куќен притвор и враќање на патните исправи, но некој тоа и го зеде за зло. Јас мислам дека Катица Јанева сега е жртва на случајот и од тие причини ќе го докаже тоа, рече Павлески одговарајќи на новинарско прашање дали аргументите се на нивна страна.

Јанева  вчера беше приведена од нејзиниот дом во скопската населба Козле. Претреси се вршеа вчера во домовите на Јанева во Козле и Гевлегија, како и во нејзината канцеларија во СЈО. Два пати беше претресуван нејзиниот дом во скопската населба Козле, од каде со камион беше изнесен мебел и други предмети, а од канцеларијата во СЈО и беше одземен компјутерот.

Кусо по нејзиното приведување вчера прес-конференија одржаа државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, неговата заеменичка Лилјана Спасоска и шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Русковска.

Јовески изјави дека од досега обезбедените докази, има основи за проширување на истрагата за „Рекет” и врз Јанева. Тој кажа дека имаат докази оти Јанева остварила лична корист од околу  290 илјади денари, така што влијаела на постапката овозможувајќи олеснување на позицијата на осомничен во случајот „Империја”.

Таа најпрво влијаела за ослободување од притвор и враќање на патната исправа, а потоа и дала предлог да се олесни положбата на осомничениот за „Империја” со негово прифаќање како сведок во постапката.

– Од ноември 2018 година до април 2019 година еден од осомничените во „Рекет” со искористување на своето претпоставено влијание врз јавниот обвинител преку претходно воспоставени пријателски односи влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши. Откако осомничениот јавен обвинител донел наредба за спроведување на истражна постапка против повеќе лица во предметот со работен наслов „Империја”, влијаел на едно од лицата против кое се водело истрагата да му се олесни неговата положба во таа постапка со укинување на мерката притвор и да му се определи поблага мерка – куќен притвор, да му се даде својство на заштитен сведок и со наредба да се запре истражната постапка или да се склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и да плати незначителен износ на штета и да му се укине мерката на претпазливост привремено одземање на неговите патни исправи, истакна Јовески.

Според обвинителот двајцата обвинети во Рекет за да го убедат Орце Камчев дека можат да му помогнат во предметот Империја го искористиле влијанието на Катица Јанева врз обвинителката Лиле Стефанова користејќи ја блискоста на Бојан Јовановски и шефицата на СЈО.

Од осумте милиони евра кои од Камчев ги побарале, Боки 13 и Миле Кичеец добиле милион кога биле во посета на неговиот дом, сместени во торба марка Луј Витон, а претходно од сопругата на Камчев добиле 500 илјади евра, додека тој бил во притвор.

Барање за приведување или вршење претрес во домови на политичари и други лица нема, рече вчера Русковска, а од Обвинителството истакнуваат дека обезбедените докази потврдуваат оти се работи исклучиво за кривично-правен настан и затоа, како што велат, случајот не треба да се политизира или пак да се поврзува со учество и на лица од други држави.

Владиниот портпарол по приведувањето на Јанева вчера рече дека отворениот случај „Рекет” во кој сега е осомничена специјалната јавна обвинителка потврдува дека пред правдата и законите секој е еднаков и одговорен.

Владата, продолжи Хоџа, повикува на темелна и независна истрага, што ќе заврши што е можно побрзо и ќе ги покаже сите детали. Додаде дека Владата нема да дозволи случајот негативно да биде искористен за попречување на евроатлантските интеграции на земјата.

Посочи дека ова е уште еден мотив заедно со опозицијата да се заокружи реформата на правосудниот систем и да се обезбеди владеење на правото.

А опозицијата на став дека ЈО нема намера целосно да го расчисатат „Рекет”. Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски веќе четири месеци Јавното обвинителство ги има видео снимките и другите доказни материјали кои, како што рече јасно ја посочуваат инволвираноста во рекетот не само на двајцата извршители, туку и на оние кои го смислиле и помагале политичкото – обвинителско – медиумскиот октопод.

-Според она што до сега беше видено, Јанева е само една алка од синџирот на организиран криминал и корупција кој што во моментов го гледаме во Република Македонија преку случајот „Рекет”. Скандалозно, па дури и смешно е тврдењето на Јавното обвинителство дека двајцата осомничени барале 8 милиони евра, а Катица Јанева која ја завршила практично главната работа за која што биле барани парите, земала само предмети во вредност од 4.500 евра, рече Арсовски.

По приведувањето на Јанева СЈО е обезглавено, неговата судбина нерешена, поради застојот во преговорите меѓу власти и опозицијата за законот за Јавно обвинителство, каде се решава неговиот статус. Преговорите требаше да почнат оваа недела, но засега нема најава за нивни старт, а претседателот на Собранието, Талат Џафери предлог-законот за јавно обвинителство го стави на седница закажана за следниот вторник.

Јовески вчера појасни дека согласноласно Законот за СЈО, оваа институција се уште има мандат и доколку јавниот обвинител кој раководи со ова Обвинителство е спречен, тогаш Советот на ЈО треба да го констатира и веднаш да определи в.д. обвинител кој ќе раководи.

А портрпаролот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека Законот е прецизен и јасен на кој начин се бира специјален јавен обвинител, дури и доколку станува збор за вршител на должност.

Според него, она што го сугерирал на прес-конференција Јовески „е само една сугестија и една желба негова и на Зоран Заев да назначат уште еден јавен обвинител , уште еден рекетар кој што во иднина ќе може да продолжи да ги врши сите нарачки и задачи од главата на октоподот, а тоа е Зоран Заев”.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close