РЕК Битола постепено ќе се затвора, а во меѓувреме на просторот на овој рударско-енергетски капацитет ќе се создаваат нови „зелени“ енергетски капацитети. Ова го најави директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој учествуваше на дебатата „Визија за енергетска транзиција 2040“.
Според планот што го презентираше Ковачевски, РЕК „Битола“ ќе престане да ја произведува струјата од јаглен во 2040 година.
– Планот е со завршувањето на грејната сезона 2025/2026 година да престане да работи првиот блок на РЕК Битола, потоа со завршувањето на сезоната 2031/2032 да се затвори вториот блок, и последниот – трети блок, да престане да работи со завршувањето на грејната сезона 2039/2040 година – рече Ковачевски.
Тој објасни дека кога ќе се затвори првиот блок на РЕК Битола, треба да биде готова гасна централа со јачина од 250 мегавати, што ќе го замени производството од првиот блок. Истовремено, тоа ќе биде и комбинирана централа што ќе произведува топлинска енергија која ќе се спроведува преку топловод од РЕК Битола, преку општините Новаци и Могила до Битола.
Во рамките на РЕК Битола планирана е и изградба на соларна електрана од 200 мегавати.
Постепеното затворање на РЕК Битола е од повеќе причини. Резервите на јаглен веќе се намалени и затоа за три години се предвидува исклучување на едниот блок. Еколошката компонента, е исто така многу значајна и тоа не само поради заштитата на населението, туку и поради фактот што Енергетската заедница, чиј член сме и ние, воведува данок на CO2.
Според најавите на Ковачевски, електростатички филтри во блоковите 2 и 3 на РЕК Битола ќе се стават до 2023 година, а десулфоризацијата треба да почне да се врши од 2026 година.