РЕК Битола и Осломеј загадуваат како сите електрани во Германија

РЕК Битола
РЕК Битола/Фото: МИА

Двата oџака на РЕК Битола годишно повеќе загадуваат со сулфур диоксид од сите електрани во Германија, објави граѓанската еколошка организација „Еко свест“. Во најновиот извештај на мрежата Бенквоч и истражувачкиот центар CREA, подготвен во соработка со Еко-свест, загадувањето од оџаците на битолската електрана, Битола Б1+Б2, со капацитет од 60.422 тони, и Битола Б3, со капацитет од 24.091 тони, и натаму остануваат најголем извор на сулфур диоксид во земјава. Загадувањето на РЕК Битола и на ТЕЦ Осломеј во 2020 година е на истото високо ниво како и во 2019 година, тврди оваа невладина организација.

Ова се количества што се деветпати повеќе од дозволените за електраната и се повисоки од вкупните емисии на сулфур диоксид од сите електрани во Германија, велат од „Еко свест“. Најголем проблем со електраните на јаглен се емисиите на сулфур и на прашина, односно ПМ-честичките.

Според податоците од извештајот, ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј заедно испуштаат дури 3.684 тони прашина, што е повеќе од двојно повисоко од дозволено за земјата. РЕК Битола е меѓу поопасните енергетски постројки по здравјето на луѓето во регионот, велат од „Еко свест“. Доколку емисиите биле доведени во законските граници, само во 2020 година би можеле да се спречат речиси 300 предвремени смртни случаи од рак, респираторни и кардиоваскуларни заболувања.

„Во последните 10 години нема никаков прогрес во намалување на загадувањето од електраните на јаглен. Земјава и понатаму е сериозно зависна од јагленот како енергенс и покрај најавите за постепено негово напуштање. Но, дури и ако се остварат стратешките определби да се затворат двете електрани во наредните пет до седум години, недозволиво е тие да продолжат да загадуваат на овие нивоа “, истакна Невена Смилевска од „Еко свест“.

Давор Пехчевски, координатор за аерозагадување за Балканот во „Бенквоч“ изјави дека државата официјално има план за престанок на употребата на јаглен, но работите мора да се одвиваат побрзо, со цел максимална заштита на здравјето на луѓето.

Владата ја усвои првата Долгорочна стратегија за климатска акција, со која се дефинира придонесот на државата кон глобалните напори, преку патот кон зелен, ниско јаглероден и климатски отпорен развој, како дел од обврските произлезени од Парискиот договор за климатски промени. Стратегијата е реализација на обврската за транспозиција на правната рамка на ЕУ во својот национален правен систем и предвидува во 2035 година Македонија да има 10.000 зелени работни места или 2,7 пати повеќе работни места од сегашниот број вработени во термоцентралите на јаглен во државата.

Исфрлање на јагленот како енергенс – глобална цел

Додека Македонија и натаму останува зависна од јагленот како енергенс, неговото исфрлање и нула-емисии ќе бидат обврска за сите земји кои се дел од Самитот за климатски промени КОП 26 кој треба да се одржи во Глазгов, Велика Британија на почетокот на ноември. Светот се обидува да ги забрза промените кои би довеле до забавување на загревањето на атмосферата, односно да преземе подрастични мерки за да се ограничи глобалното затоплување во рамките на 1,5 степени до 2050 година.

За остварувањето на целта – исфрлање на јагленот како енергенс, инвестирање во обновливи извори на енергија, запирање на дефорестацијата и префрлање на електрични возила – земјите-учеснички на самитот треба да обезбедат околу 100 милијарди долари годишно од фондови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот