Регулаторната комисија не може да го контролира мазутот за кој дава лиценца

Регулаторната комисија
Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси/ Фото: РКЕ

Претседателот на УО на Акционерскотo друштво „Оранжерии“ во с.Хамзали Босилово, Васе Митев, јавно призна пред камерите на „Код“ дека потпишал лажен договор со компанијата „РКМ“ за складирање на мазут, за да може оваа компанија да добие лиценца за трговија со мазут.

– Тоа го направив само за одреден надомест. Никогаш тука не се складирал мазут. Ги потпишавме документите за да може „РКМ“ да добие лиценца. Од Регулаторна комисија дојдоа и прашаа дали имам магацин за складирање и јас потврдив – рече Митев.

Токму компанија „РКМ“ во емисијата „Код“ беше посочена и како увозник на отпадно масло, откриено во лабораторија во Хрватска, уште пред една година, кога лажниот мазут се транспортирал од Германија до Скопје, а Хрватите забележале нешто чудно, па затоа и ја направиле анализата.

Лиценците за енергетска дејност и за трговија со нафтени деривати ги издава Регулаторната комисија за енергетика. Таа, на 20 јули 2020 година, донела Одлука за издавање на лиценца за вршење на енергетска дејност трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт – трговија на големо со мазут (М-1) на Друштвото за производство, трговија и услуги РКМ ДООЕЛ Скопје. Но, сега за да ја одземе лиденцата, потребно е Државниот пазарен инспекторат да ги утврди неправилностите со мазутот.

– Регулатрната комисија за енергетика оди во контроли на сите фирми на кои им издала лиценци. Но, ние немаме надлежност да го контролираме мазутот, или да ја мериме количината во просторот за складирање. Согласно член 209 од Законот за енергетика за тоа е надлежен Државниот пазарен инспекторат. Тој може да земе мостра и да направи анализа на квалитетот на мазутот. Од друга страна има Правилник за ниво и начин на пресметка на оперативна резерва. Според овој Правилник, задолжителното ниво на мазутот треба да биде 5-дневна резерва, при што се зема предвид прометот од минатата година. И тоа може да го измери Државниот пазарен инспекторат. Ние имаме меморандум за соработка со оваа институција и јас им се обратив, а и јавно порачав дека треба да се направат анализите. Откако ќе ги добиеме резултатите, ние можеме да постапуваме и ако треба, согласно регулативата, да ја одземеме лиценцата – објасни за „Слободен печат“, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Тој повторно потенцираше дека треба да добие законска рамка предлогот од Регулаторната комисија, нафтените деривати да доаѓаат директно во акцизиски склад и таму да се извршат проверките од страна на Пазарниот инспекторат и Царинската управа, пред тие да бидат пуштени во промет за да нема манипулации.

На 18 мај, пак, Владата објави дека на седница ја разгледувала како вонредна и итна информацијата објавена во јавноста од страна на Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ за постоење сомневања дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати опасни по здравјето и животната средина. Тогаш Владата го задолжи Државниот пазарен инспекторат, во соработка со Бирото за стандардизација и метрологија и со помош на акредитираната мобилна лабораторија за проверка на квалитетот на нафтените деривати, веднаш да спроведе вонреден инспекциски надзор во компаниите што увезуваат, како и во институциите што користат мазут. Рокот до кога треба да го дадат извештајот е 2 јуни. Покрај Пазарниот инспекторат, со извештај, до тој рок треба да излезе и Царинската управа, за увозот на нафтените деривати во периодот од 2018 до 2020 година. Но, не е јасно зошто Владата не бара извештај и за 2021 година.

Всушност, две новинарски стории откриваат два канала на дистрибуција на, како што велат, лажен мазут. „Код“ зборува за „лажен мазут“ што оди од Германија до скопската фирма „РКМ“, а ИРЛ за „токсично гориво“ од Чешка до кичевски „Евротим“.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот