Регистриран „напредок“ и во корупцијата

Договорот од Преспа за промена на уставното име, кој според ЕУ бил историски, исто како и Договорот за добрососедство со Бугарија, практично ѝ обезбедија на земјава досега најчиста препорака од Европската комисија (ЕК) за почеток на пристапните преговори со Унијата. Како што е наведено во извештајот, Македонија доби пофалби за добро организираните претседателски избори и зголемената доверба помеѓу различните етнички заедници.

Комисијата во извештајот посочува дека нашата држава поминува низ „темелни промени во инклузивна и отворена политичка атмосфера“ и дека конкретни резултати се видливи во сите клучни реформски области, како што е правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, разузнавачките служби, посебно формирањето на ОТА. Комисијата нотира дека СЈО ја докажало својата водечка улога во гонењето високопрофилна корупција. Сепак, Брисел препорачува дека реформите треба да се засилат посебно во делот на владеењето на правото и во битката против корупцијата.

„Властите треба дополнително да ги засилат напорите и да покажат дека борбата против корупцијата е национален приоритет на сите нивоа на овластувања. Меѓутоа, корупцијата е распространета во многу области и останува прашање за загриженост“, наведено е во извештајот.

За борбата против организираниот криминал, во документот се наведува дека правната рамка на земјата во голема мера е усогласена со европските стандарди, како и дека напорите за спроведување на стратегиите против организираниот криминал и активното мерење на нивното влијание треба да продолжи.

Македонија има забележано голем напредок и во заштитата на фундаменталните човекови права која во голема мера е усогласена со европските стандарди. „Зголемена е заштитата против говорот на омраза и дискриминацијата со измени на Кривичниот законик и донесување на Закон за спречување и заштита од дискриминација. Исто така, усвоена е амбициозна стратегија за деинституционализација и цели за борба против насилството врз жените се преточени во акционен план за спроведување на Истанбулската конвенција. Сепак, механизмот за надворешен надзор на полицијата сѐ уште не е цЕвропска елосно оперативен и земјата треба дополнително да ја развие примената на алтернативни санкции и пробацијата“, се вели во извештајот.

Слободата на медиумите и слободата на изразување продолжува да се подобрува, пишува во извештајот. Но, посочено е дека од суштинско значење било државните функционери и политичките елити да демонстрираат повисоко ниво на толеранција кон јавната критика. „Климата за слобода на медиумите и слобода на изразување се подобрува. Земјата треба да направи значителни напори за подобрување на независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис, како и нејзината финансиска одржливост. Донесени се измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и нивното спроведување ќе бара силна политичка заложба за гарантирање на професионално, транспарентно, врз основа на заслуги и правично застапување“, посочено е во извештајот на ЕК.
Во однос на подготвеноста за прифаќање на обврските од членството во ЕУ, Македонија е умерено подготвена во повеќето области, вклучително во областите на конкурентноста, јавните набавки, транспортот и енергетиката, се вели во извештајот на ЕК.

„Земјата покажува добро ниво на подготвеност во областите како законот за трговски друштва, царинската унија, трансевропските мрежи и науката и истражувањето. Дополнителни напори се потребни, особено во областите каде земјата е во рана фаза на подготовки, како што се слободното движење на работници, како и финансиските и буџетски одредби. Поголем фокус е потребен на административните капацитети и ефективната имплементација. Земјата продолжува да ја подобрува својата усогласеност со одлуките на ЕУ и на Советот за заедничка надворешна и безбедносна политика“, се вели во извештајот на ЕК.

Нотирана е и добрата соработка со соседите и со земјите-членки на Унијата околу проблемот со миграцискиот бран. Обезбедена е, посочено е во документот, ефикасна контрола на јужната граница, но сепак мора да се реши проблемот со илегалниот транспорт на мигранти, особено кон северната граница на земјата.

Негативна оценка за јавното трошење

Во однос на економските критериуми, извештајот на ЕК за земјава за 2019 година кажува дека е направен напредок и дека има солидно ниво на подготвеност за развивање на функционална пазарна економија. Но, тука има и голема забелешка за составот на јавното трошење. „Економскиот развој продолжи по една година стагнација, иако инвестициите се на релативно ниско ниво. Владата презеде мерки за подобрување на управувањето со јавните финансии и транспарентноста, за реформи на оданочувањето и пензискиот систем. Сепак, составот на трошењето се влоши, а фискалната консолидација мора да биде поамбициозна за да може да се постават јавните финансии на одржлива патека“, посочено е во извештајот.

Јавната администрација не ни е за фалење

Во врска со спроведувањето на стратешката рамка за реформа на администрацијата и за зголемени јавни консултации, извештајот посочува дека се потребни понатамошни напори за да се засили отчетноста на администрацијата и да се спречи нејзина политизација.

„Направен е добар напредок, особено со спроведувањето на стратешката рамка за реформа на јавната администрација, подобрените јавни консултации и зголемената транспарентност во креирањето политики. Преземени се чекори за решавање на наводните политизирани именувања. Сепак, потребни се понатамошни напори за зголемување на одговорноста на администрацијата и спречување на нејзино политизирање. Почитувањето на принципите на транспарентност, системот на заслуги и правична застапеност остануваат од суштинско значење“, се вели во извештајот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот