Регионални избори во Франција: Републиканците го запреа маршот на екстремната десница

Фото: EPA-EFE/IAN LANGSDON

Партијата Национален собир (РН) на Ле Пен завчера беше поразена од спротивставениот „републикански фронт“. За поразот придонесе и одлуката на Социјалистичката партија и на левичарската алијанса да ги повлечат своите кандидати, кои во првата рунда имаа слаби резултати.

Десничарската партија на Марин ле Пен претрпе сериозен удар во вториот круг од регионалните избори во Франција, не успевајќи да освои мнозинство во својата најсилна база во јужниот дел од земјата.

Партијата Национален собир (РН) на Ле Пен во првиот круг освои најмногу гласови во провинцијата Прованс-Алпи-Азурен брег, но завчера беше поразена од спротивставениот „републикански фронт“. За поразот придонесе и одлуката на Социјалистичката партија и на левичарската алијанса да ги повлечат своите кандидати, кои во првата рунда имаа слаби резултати. Таквата комбинаторика предизвика прелевање на гласовите што беше доволно да се спречат екстремните десничари да ја освојат провинцијата.

Кандидатот на републиканците Рено Музолие освои 56,6 отсто од гласовите во Прованс-Алпи-Азурен брег, а Тјери Маријани од РН освои 43,4 проценти.

Ваквиот исход ги разочара екстремните десничари и нивната лидерка Марин ле Пен, која очекуваше евентуалната победа на локалните избори да ѝ послужи како отскочна штица за претседателските избори в година, на кои според анкетите во вториот круг ќе се соочи со актуелниот претседател Емануел Макрон.

По објавувањето на резултатите Ле Пен оцени дека „локалната демократија е во голема криза“ и ги критикуваше „неприродните сојузи“ создадени од политичките ривали со цел РН да биде поразена и „да се спречи да покажеме дека можеме ефикасно да владееме регион“.

Ни претседателот Макрон немаше многу причини да биде задоволен од резултатите, пред сѐ поради катастрофално лошите резултати на неговата партија Во марш!, но и поради високиот степен на апстиненција на гласачите.

Ле Пен оцени дека регионалните избори сведочат за големото разочарување помеѓу гласачите, што треба да претставува „важен сигнал и за политичката класа и за општеството“.

И покрај честите повици на политичарите и на функционерите до граѓаните да излезат на изборите, двојно повеќе гласачи апстинираа отколку што се појавија на гласачките места. На првиот круг од изборите пред една недела апстиненцијата беше 66,74 отсто, а на вториот се задржа на околу две третини.

Аналитичарите оценуваат дека одѕивот бил слаб поради регионалниот карактер на изборите, бидејќи вниманието на јавноста веќе е насочено кон претседателските в година и кон парламентарните неколку месеци подоцна.

На национално ниво, за победници на овие избори може да се сметаат републиканците, со освоени 38 отсто од гласовите, пред сојузот на левицата и зелените со 34,5 отсто од гласовите. Далеку зад нив е Националниот собир на Ле Пен, а уште послаби резултати постигна владејачката партија Во марш!, создадена од Емануел Макрон спроти неговото кандидирање за претседател во 2016 година.

Пратеникот Станислас Герини од Во марш! признава дека поразот е големо разочарување за владејачката партија, но и изрази задоволство поради тоа што екстремната десница не победила во ниту еден регион.

– Имаме многу работа пред себе – изјави Герини.

Резултатите во исто време се и големо охрабрување за умерените блокови групирани околу социјалистите и републиканците, кои порано беа традиционални главни ривали, но речиси исчезнаа од политичкиот хоризонт по победата на центристите на Макрон и бавниот, но постојан подем на трансформираната екстремна десница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот