Реформите да продолжат без оглед на преговорите со ЕУ

Секој втор од анкетираните граѓани смета дека земјава се движи во лоша насока, секој трет дека е во добра, а секој петти дека насоката е иста, односно дека ништо не е променето. Вакви се резултатите од истражувањето што го спроведоа Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија „Социетас цивилис“ за ставовите на граѓаните за актуелните политички случувања во Македонија.

Интересно е тоа што речиси една четвртина од испитаниците посочиле дека Евроазиската Економска Унија (ЕЕУ) е одлична алтернатива за земјава ако во мај идната година не добиеме датум за преговори со ЕУ. Сепак, мнозинството од испитаниците – 65,3 отсто, на прашањето за тоа кои се алтернативите за земјава одговориле дека треба да продолжи со реформи, без оглед дали ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ.

Анкетата била спроведена од 15 ноември до 1 декември 2019 година на национален репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, со статистичка грешка од 3,1 процент со прифатливо ниво на доверба од 95 отсто.

Против Преспанскиот

Телефонската анкета на порталот МКД, спроведена од агенцијата „Маркет вижн“ од 12 до 20 декември годинава, покажала дека криминалот и корупцијата се на врвот од предизвиците со кои новата власт ќе треба да се соочи по изборите на 12 април и дека највисок рејтинг помеѓу политичарите има претседателот на државата Стево Пендаровски, а најнизок – судството. Истражувачите велат дека анкетата е направена на репрезентативен примерок од 1.200 граѓани на ниво на Македонија според регион, пол и возраст во однос на процените за населението од Државниот завод за статистика од 2017 година. Албанската популација во примерокот е застапена со 20,7 отсто.

Мнозинство испитаници или 68 проценти во анкетата на МЦМС сметаат дека Владата не направила доволно за случајот „Рекет“, а 55,1 отсто од анкетираните истакнале дека опозицијата не е доволно посветена на реформската агенда кон ЕУ. На прашањето дали треба целосно да се имплементира Преспанскиот договор, без оглед на исходот на последниот самит на Европскиот совет во Брисел, една третина од испитаниците (33,2 проценти) одговориле позитивно, а мнозинството од 55,8 отсто дале негативен одговор.

Речиси половина или 46,8 отсто од испитаниците сметаат дека Владата е виновна за недобивањето датум за преговори со ЕУ, а мало малцинство од испитаниците, односно 22,5 отсто, вината за неуспехот ја гледаат кај Франција и во внатрешните проблеми на ЕУ. Незначително малцинство, или 9,7 отсто, пак, сметаат дека опозицијата е виновна за недобивање датум за преговори со ЕУ.

Ниски оценки

 Резултатите од анкетата на „Маркет вижн“ покажуваат дека при оценувањето од 1 до 5 на градоначалниците, претседателот, премиерот и судството, никој не добил повисока оценка од 2,61 – оценката со која може да се пофали единствено шефот на државата Стево Пендаровски. Најниска оценка добило судството – 1,79, а кај премиерот Зоран Заев е забележана надолна линија – од 2,61 во ноември 2018 година, до 2,40 во декември 2019 година.

На прашањето дали Македонија оди во добра или во погрешна насока, дури 61 отсто од испитаниците одговориле дека земјава оди во погрешна насока, додека, пак, во ноември минатата година овој процент изнесувал 54,9 отсто. Намален е бројот на тие кои сметаат дека Македонија оди во добра насока – од 32,6 отсто лани на 27,9 отсто сега.

Во однос на политичката определеност на гласачите, ако утре се одржат парламентарни избори, тогаш 14,1 отсто од анкетираните ќе гласаат за опозициската ВМРО-ДПМНЕ, додека, пак, 11,5 отсто ќе го дадат гласот за СДСМ. Меѓу гласачите Македонци, 12,5 отсто би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, додека, пак, 7,2 отсто за СДСМ. Висок е и процентот на гласачите Албанци што би гласале за СДСМ – 2,1 отсто.

Висок е процентот на оние што одговориле дека ќе ги бојкотираат изборите – 22,5 отсто, но и на оние што велат дека сè уште се неопределени – 21,6 отсто.

И во албанскиот политички блок, здружените опозициски партии Алијанса за Албанците, Беса и Алтернатива за Албанците би можеле да освојат повеќе пратеници од ДУИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот