Реформа или назад во проклетија

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Нема никакви реформи, нема цивилизација и нема Европа во оваа земја без реформи во медиумите! Таа подразбира невозможни работи, какви што се разбивање на племенските обрасци на читателите и собирање граѓани околу весници како метафора за граѓански столбови.

Каква е оваа медиумска сцена: смешна, наивна, очигледна, расчистена – кој е тој што го води главниот дискурс? Што да се одговори: комунистите? Лидерите? Националните шамани? Кризата? Општата лоботомирачка практика? Некој луд научник што опозиционерите ги претвори во дел од амазонска џунгла, олицетворена во племенски војни, со очи што го гледаат минатото, кои дури сега го открија тркалото и огнот, додека другите се обидуваат да „исфрлат“ четврта генерација микрочипови?

Живееме во фрагментирана земја и, што е неспоредливо полошо, општеството е оболено од неверување! Најпрво, не им веруваме на оние што зборуваат со различен јазик од нашиот, потоа не им веруваме на оние што поинаку мислат, па не им веруваме на оние што слават различни богови и, на крајот, не им веруваме на оние што ги знаат сите букви во македонската азбука, a посебно не им веруваме на оние кои се обидуваат да пишуваат реченици. Дури, не им веруваме и на оние што се познаваат и се дружат со некои странци. Од неверување, што значи од „еретичкиот ембрион“ во „најдобриот систем на светот“ се раѓа неверување во сопствените можности, во себе, потоа и во други, па во минатото, сегашноста и во иднината! Во ваков систем избор мора да има.

Слободни медиуми

Ајде за почеток да претпоставиме дека Македонија се развивала како отворено, демократско општество со сите цивилизациски карактеристики на развиена европска држава. Да земеме дека внатре во таа замислена држава весниците и порталите им се како што им личи – значи слободни, аргументирани и полемични! Дури тогаш кога се ќе се упропасти и кога националистичките патријарси – секогаш се тие задолжени за сите срања! – весниците и уредените портали (со импресум, со став, со мисла, со полемика) имале и имаат улога да ја запрат прогресивната парализа на „високата политика“.

Таквите весници и портали за час ќе ги срушат неспособните, ќе ги разоткријат манијаците, ќе ги разобличат демагозите пред своите читатели, кои ги третираат како граѓани, како јавно мнение, а не како припадници на одредено племе кое судбински е врзано за својот медиум – ќе му ја откријат целата игра: непрекината борба за власт и дивиденди од користење на таквата власт!

Ама, за жал, ние од петни жили се обидуваме да бидеме граѓанско општество во кое царува „одвратна“ граѓанска демократија – а тоа го попречува системот на делегатско самоуправување во кое царуваат лаги, спинови и дезинформации на „вмровски“ „fast-fact jankies“ новинари.

Историјата на нашите медиуми, со чесни исклучоци, претставуваат долга низа од лажирани слики на стварноста – од фамозната приватизација, од преминот на колективизација во плурализација, од некои партиски пресметки и „ломови“. Прашањето е: како е можно луѓето правилно да расудуваат со напливот на електронските комуникации и помагала? Како е можно да пораснат како граѓани и слободни луѓе ако филтрите доаѓаат низ арбитрирани канали? Таквата лекција не смее да се зборави ниту во поновата македонска новинарска историја: за Груевски беа спремни – со содржина на ропска чорба (статус, стан, плата) – и на „Худини новинарство“.

По Груевски, што значи по едно циклично движење, задолжително добиваат опсесивна форма разни мутанти во сите области – системот на бирање, економија, кадровска политика, образование, историја и, секако – медиумите! Постојат луѓе кои забораваат дека ние зборуваме (ние кои нешто пишуваме) со брзина од 100 до 150 зборови во минута, а мислиме од 300 до 600 зборови во исто време – тоа се вика „екстензивно мислење“. Другиот вид луѓе (кои нешто пишуваат) пишуваат со емоција наместо со информација. Тоа е причината зошто нашите медиуми се параноичен избор од асоцијации.

Граѓански столбови

Да не е премногу апстрактно, ќе се послужам со сопствениот пример. Не се сложував со поранешниот уредник на „Слободен печат“, Бранко Героски, не за политиката на весникот, туку со неговата лична идеолошка позиција. За тоа, награден сум така што сите мои текстови што ги пишував за „Плусинфо“ се избришани. Над тие текстови јас крвавев, бидејќи мислев дека кога се пишува, се пишува онака како што доликува: есеистички, со минимум од 800 до максимум 1.000 зборови во една колумна. Пишував со години. Рецензирав филмови, серии, книги и пишував „ангажирана“ колумнистика.

Сакам да ви кажам, нема никакви реформи, нема цивилизација и нема Европа во оваа земја без реформи во медиумите! Таа подразбира невозможни работи, како што се разбивање на племенските обрасци на читателите и собирање граѓани околу весници како метафора за граѓански столбови. Подразбира, исто така, сложеност заради двојазичноста, односно сложеноста на многујазичноста во нашето јавно мнение. И над сѐ – медиумите мора да живеат од пазарот, затоа што секоја политика подразбира и обврска кон неа. Но, притоа, не треба да се сакрализира јавното мнение: него го чинат половина граѓани што никогаш весник во рака не земаат, а потоа имаме третина која чита онака како што е напишано и тоа е, вкупно, две третини од граѓанството кое мисли онака како што му се сугерира.

Накратко, мислам дека независноста на медиумите е услов без кој нема да престане фрагментацијата и авторитарноста во општеството. Ама таа независност претставува и исклучителна одговорност, која внатре во професијата едвај се гледа. Зборувајќи географски, а не вредносно, се во оваа земја е поделено на два система: реформскиот систем на Заев – Европа, и на Мицкоски – назад во проклетијата. Без разлика на привлечноста и на одбојноста на нивната форма. Или да одам до крајот: овде се бие битка, баш во овој момент, денес, сега, против примитивизмот што се заканува да стане пандемиски, поопасен од смртоносната корона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот