Реџепи вели дека е со Владата, но Заев ја бара Алтернатива

Зоран Заев и Африм Гаши
Средбата на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и претседателот на опозициската Алтернатива Африм Гаши/ август 2020 година / фото: Архива

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска најави брза потврда на мнозинството, додека Алтернатива за Албанците и натаму тактизира и најави дека ќе пресече до крајот на неделава.

Пратеникот Кастриот Реџепи, кој со своето недоаѓање во Собранието одигра клучна улога за да не падне владата на Зоран Заев, сè уште тврди дека е дел од парламентарното мнозинство и од партијата Беса, бидејќи ниту партиските тела го исклучиле од партијата, ниту Беса излегла од Владата. Тој вели дека ќе се позиционира откако партиските органи ќе го исклучат од Беса и откако партијата ќе донесе одлука дека е во опозиција. Во меѓувреме, министерот за земјоделство Аријанит Хоџа, како и двајца заменици министри од оваа партија, си поднесоа оставки од Владата.

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска најави брза потврда на мнозинството, додека Алтернатива и натаму тактизира и најави дека ќе пресече до крајот на неделава дали ќе остане во опозиција или ќе го засили мнозинството со плус четири пратеници. Премиерот Заев вчера за ТВ Алсат изјави дека вчера имал комуникација со претседателот на Алтернатива Африм Гаши и од него побарал да одреди термин кога да се сретнат за да разговараат за можноста Алтернатива да влезе во Владата.

Пратеникот Реџепи своите позиции и ставови ги објасни денеска на прес-конференција, која предизвика голем интерес во јавноста. Сепак, и по неговата прес-конференција остана нејасно дали има промена во односот силите во Собранието, каде што и власта и опозицијата имаат по 60 пратеници.

Реџепи сè уште дејствува со мнозинството и пред прес-конференцијата обезбеди кворум на комисиската расправа за буџетот.

– Во моментов сме во коалиција со СДСМ, ДУИ и ДПА. Беса не е излезена од Владата бидејќи нема таква партиска одлука. Не се излегува од влада ниту се влегува со изјава ниту со прес-конференција или со фејсбук-статус. Знам кој е органот што одлучува. За склучување коалиции одлучува Централниот одбор – рече Реџепи.

Тој лично потврди дека не бил киднапиран туку дека самостојно се оддалечил на непозната локација во четвртокот кога требаше да се гласа за доверба на Владата. Иако првично сакал да дојде на седницата и да гласа против недоверба на Владата, рече Реџепи, се премислил и од безбедносни причини се засолнил и проценил дека му е потребно обезбедување.

– Проценив дека ќе бидам мета на вербални, па и на физички напади во такви моменти, кои според искуството, секогаш знаеле да бидат тензични – рече Реџепи.

Тој рече дека добивал текстуални пораките со закани и ги пријавил во полиција, но не откри од кого дошле заканите. Реџепи рече дека при чиста и мирна совест решил да не дојде на седницата, зашто имал сигнали дека за Македонија во декември ќе има друга, поинаква европска приказна и шанса. На прашањето зошто ја потпишал иницијативата, а потоа не дошол на седница да гласа, Реџепи рече:

– Иницијативата ја потпишав кога Заев поднесе оставка, кога Владата немаше кормилар. Тригер беше моментот со Желино. Потоа следуваа сигнали како изјавата на Макрон, посетата и изјавата на Руте и изјавите што доаѓаат од Вашингтон за максималната ангажираност да се добие датум, најавената посета на Ескобар во декември. За мене денеска како никогаш порано е извесно дека во декември ќе добиеме датум. Тука се и вчерашните избори во Бугарија. Сите конци се споени, само една работа можеше да го наруши тој процес, а тоа беше, ако ние, како претставници на народот, ѝ изгласавме недоверба на Владата. Во таков случај, јас ќе ви потпишев дека немаше да добиеме датум – рече Реџепи.

Во меѓувреме продолжуваат меѓупартиските средби и лобирања за зголемување на парламентарното мнозинство, како и за евентуална реконструкција на владата. Министерката Шекеринска рече дека граѓаните и јавноста чекаат наскоро да се потврди парламентарно мнозинство, кое ќе гарантира функционално Собрание и нормален тек на реформските процеси.

– Се водат разговори, очекувам тоа брзо и успешно да се заврши, бидејќи нè чека многу повеќе работа. Целта е да се обезбеди квалитетно мнозинство, кое точно ќе знае за какви политики се залага, кое има јасен план за работа и времето помалку ќе го троши во преговарање, а повеќе во работа – рече Шекеринска.

Неофицијално, дилемата во Алтернатива е како да ја спасат партијата, а не да добијат власт. Размислувањата се дека ако останат во опозиција и ако има предвремени избори, тогаш во прашање е доведен опстанокот на Алтернатива. Од друга страна, стравуваат за партијата и ако решат да бидат дел од власта, заедно со ДУИ. Од таму велат дека сепак веруваат дека ќе ја донесат вистинската одлука.

 

Видео на денот