Реџепи: Урнебесна координација кај Џафери

Урнебесна координација кај спикерот Талат Џафери во траење од десет минути. Вака координаторот на пратеничката група АА/А Скендер Реџепи ја опиша утринската координација на која главна тема беше утрешната собраниска седница на која пратениците треба да ги гласаат законите од петиот сет на економски мерки.

Тој за „Слободен печат“ вели само што почна координацијата, спикерот ја прекина. Алијансата и Алтернатива до сега поднесоа 32. 000 амандмани и велат дека нема да ги повлечат се додека нема дијалог за Законот за државјанства. Според Реџепи тие ги блокираат економските закони, затоа што бараат деблокада на Законот за државјанство.

– Ако се деблокира Законот за државјанство, тогаш ќе се деблокираат и сите други закони. На сметка на дијалогот, власта веќе подолго време, се прави глува и игра на емоции. Ги убедува граѓаните дека Алијансата и Алтернатива се против интересите на граѓаните. Свесни сме дека оваа блокада не е случајна и дека сите закони се во интререс на сите граѓани. На координацијата побарав да се деблокираат сите закони, вклучително и нашиот предлог. Бидејќи власта тврди дека има своја верзија за Закон за државјанство, предложив да седнеме и да ги усогласиме и двата закони. Да направиме еден во корист на граѓаните на кои им е неопходно државјанството. Сите замолчеа. Констатирав дека немаат таков предлог закон, туку само напразно зборуваат пред медиумите, рече Реџепи.

Според Реџепи координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски соопштил дека пратениците, ќе бидат присутни на седницата но, под услов на дневен ред да бидат ставени само точките од петиот сет на економски мерки.

И овој предлог како и предлогот на ААС/А, биле одбиени.

Меѓу точките на дневен ред на оваа седница се закони од петиот сет мерки за справување со Ковид-19: Предлог на закон за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, за месеците февруари и март 2021 година, Предлог на закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здраствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците февруари и март 2021 година, како и Предлог на закон за изменување на Законот за данокот на личен доход, сите по скратена постапка.

Утре пратениците треба се изјаснат и за продолжување на кризната состојба на јужната и северната граница, а на дневен ред на 36. пленарна седница се и интерпелации поднесени од опозицијата, предлог закон за поништување на законот за попис на ВМРО-ДПМНЕ и други.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот