Ред Бул дефинитивно ја затвори вратата за Себастијан Фетел

EPA-EFE/SRDJAN SUKI

Првиот човек на Ред Бул, Кристијан Хорнер стави крај на шпекулациите дека Фетел може да се врати во тимот со кој освои четири шампионски титули.

Откако Рено го комплетира тандемот возачи за наредната сезона со враќањето на Фернандо Алонсо, се помал избор останува за Себастијан Фетел кој по крајот на сезоната си заминува од Ферари.

Во последните изјави на Фетел многумина добија впечаток дека тој се нуди на Ред Бул со кого освои четири шампионски титули, но од австрискиот тим одлучија да стават крај на ваквите шпекулациите.

– Оваа тема е се поактуелна. Имавме одличен период со Фетел кога возеше за нас и тој засекогаш ќе биде дел од нашата историја. Не очекувавме дека тој ќе биде на пазарот како слободен агент, но ние сме посветени на возачите кои ги имаме и сметаме дека имаме одличен пар во Макс Ферстапен и Александер Албон. Сметаме дека и двајцата имаат огромен потенцијал. Се плашам дека ова е дефинитивно не, и Себастијан е свесен за тоа – изјави првиот човек на Ред Бул, Кристијан Хорнер.

Кристијан Хорнер/EPA-EFE/ISSEI KATO

Хорнер смета дека е сосема реално Фетел во наредната сезона да вози за Астон Мартин.
– Необично е четирикратен светски шампион да биде без тим и претпоставувам дека има неколку избори пред себе и можеби Рејсинг Поинт е еден од нив – додава Хорнер.

Токму екипата на Рејсинг Поинт од наредната сезона ќе се преименува во Астон Мартин, а сезонава за тимот возат Серхио Перез кој има договор и за наредната сезона но има и силна финансиска поддршка од најголемите мексикански компании, а втор возач е Ленс Строл, синот на газдата на екипата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот