РЕЦЕНЗИЈА: Приватноста е концепт од минатото во провокативниот „Која е Ева?“

Кон „Која е Ева?“ во режија на Пиа Хелентајл, сценарио на Пиа Хелентал и Џорџија Малатраси, кинематографија на Јанис Мацух.

Ева Коле е андерграунд блогерка, чиј животен стил е полн со контрадикција. Таа може да се опише со голем број епитети: феминистка, жртва на сексуално насилство, сексуален работник, модел, анархист, но никако не може со сигурност да се дефинира ниту нејзиниот карактер, ниту пак да се предвиди нејзиниот следен потег. „Која е Ева?“ е портрет на европски „миленијалец“, кој ја користи технологијата како борба за изразување на сопствената политика и ставот кон социјални неправди, но од друга страна е премногу интимен. Едно нешто е речиси неизбежно – долгометражниот првенец на Пиа Хелентал е непријатно воајеристичко искуство за просечниот гледач, на најдобар можен начин.

Ева не е родена со тоа име, па не ѝ се допаѓа фактот што таа никогаш немала избор во тоа како ја именувале нејзините родители, зависници од хероин. Уште од раните тинејџерски години од неа било очекувано да извршува сексуални акти само за основни потреби како превоз, иако во родното место во Италија (од каде што потекнувал самиот Мусолини) редовно биле силувани девојки. Таа во ниеден момент не покажува дека нејзиното минато би имало некаква улога во нејзиниот живот како сексуален работник што редовно консумира дрога, туку едноставно „една партија орален секс плаќа подобро отколку 3 ревии во Париз“ (цитат од филмот).

Режисерката успешно наоѓа начин како да ја прикаже нејзината онлајн персона во контраст со таа пред камерата за да креира еден вид есеј, односно ода за Ева. Преку вињети што ги прикажуваат експлицитните и сирови исповеди на нејзините пријатели, следачи и семејство, таа го покажува ефектот на нејзината нецензурираност, но и борбата да отфрли секаква претпоставка што некој би ја имал за неа. Овој формат на креативен приказ ја истакнува фасцинираноста на режисерката со својот предмет на работа, но не е премногу јасен за секој гледач.

Кинематографијата на Јанис Мацух е во совршена хармонија со визијата и текот на овој видеоесеј, па максимално ја искористува секоја приказна што протагонистката ја раскажува во 83 минути. Кадри полиени во црно и облека во стил на католицизмот, рекреација на Венера на Ботичели во совршено бела спална соба, неподвижни сцени каде што влакнестите гениталии се во прв план ќе ги воодушеват сите обожаватели на филмска естетика.

Дали филмот носи одреден заклучок и поучност? Не. Дали Ева е продукт и жртва на својата судбина или нешто што го нарекуваме фарса? Таа никогаш нема да открие и ќе продолжи со отфрлање на сите етикети, или ќе започне некој нов онлајн проект, или во нејзини зборови, ќе реши во зависност од тоа што прават нејзините другари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот