РЕЦЕНЗИЈА: „Момóма“ е музичкиот Олимп по кој тежнеат најголемите

Многу чувства и емоции, внатрешни превирања кои излегуваат на површина, разочарување од надворешните општествени и политички случувања и трагање по вечната љубов, се првите неколку елементи кои веднаш се препознатливи во новиот албум на „Фолтин“ под назив „Момóма“.

„Момóма“ е осмиот студиски албум, кој содржи шест стандардни, но сепак нешто поразлични нумери, од она на што не навикна досега овој битолски состав.

Покрај членовите на „Фолтин“, за магијата на овој албум да биде уште покомплетна, помагаат и Петар Димитровски – клавијатури, Владан Дробицки – тромбон и Васко Бојаџиски – саксофон.

Како што можевме да слушнеме и на промоцијата, албумот веќе го доби епитетот „најзрел“, од она што досега го имаат тие зад себе, а по слушањето на песните тој факт добива само уште една своевидна конфирмација.

Албумот е пред сѐ бескрајно љубовен, нежен, многу мек, а истовремено толку цврст и зрел што звуците кои ги слушате едноставно ве опиваат, а вие сте препуштени да уживате и да посакате само едно нешто – никогаш да не заврши!

„Момóма“ е на едно повисоко ниво од сѐ друго досега, една различна димензија на испреплетени чувства и емоционална слобода, глатки експериментални звуци со примеси на џез, кои се одмор за душа.

Од „Ми се води љубов“, преку мојот фаворит „Чекор“, па сѐ до „Ти верувам“, јасно ќе ја почувствувате и доживеете музичката експерименталност, која со генијалноста на клавијатурата, саксофонот и тромбонот, многу лесно ќе ве доведе до едно длабоко чувство на екстаза.

Различен од сѐ досега, а сепак претпознатливо „Фолтински“, е новиот албум чии текстови се повторно со многу примеси од книжевноста, филмовите, а пред сѐ најмногу од духовната и психолошката состојба на членовите на бендот.

Речиси секој врвен бенд доаѓа до момент кога ја доживува својата најголема зрелост, кога се подготвени да го достигнат врвот и да го прикажат најдоброто што го можат, а мислам дека токму ова сега им се случува на „Фолтин“.

Со  „Момóма“, „Фолтин“ го искачи музичкиот Олимп по кој тежнеат најголемите уметници.

Покажувајќи ни дека не се само уште еден бенд, туку дека се единствени во она што го работат, а сите длабоки чувства и емоции се вложени токму во овој труд, „Момóма“ кој е финален производ и подарок за сите кои можеме да уживаме во него.

Албумот изобилува и со една цврстина и интелигенција, во која го препознаваме и влијанието на легендарниот Дејвид Боуви, преку музичка маестралност која нѐ навраќа наназад во музиката, но и за резултат ни дава еден оригинален и многу посебен концептуален албум, на кој треба да му се радуваме.

Ремек дело, вистински празник за уши и една музичка авантура која не се пропушта – гласи последното резиме за „Момóма“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот