РЕЦЕНЗИЈА: Моленбек – лулка на терор или игралиште за деца?

Кон „Боговите од Моленбек“ во режија на Рета Хухтанен, кинематографија на Хану-Пека Витикаинен

Во ерата на ксенофобија, тероризам и масовна миграција, Белгија е земјата од каде што потекнуваат повеќе џихадисти по глава на човек од која било западно европска држава. Околу 520 регрути на каузата за Исламската држава во Сирија се токму одовде. За подобро или полошо, бриселската населба Моленбек е втора најсиромашна во земјата, со околу 80 отсто муслиманска популација. Предрасуди, закани, заплашувања – тоа е реалноста на луѓето што го населуваат тој мал простор од околу 6 квадратни километри.

Овие проблеми сами по себе се привлечни за продукција на филмско остварување, но што ако секојдневието и навиките на локалците се погледнат низ призмата на неколку невини деца? Токму за тоа се интересира финската режисерка Рета Хухтанен, која во 73 минути успеала да раскаже топла приказна за пријателство, прерано созревање и губењето на наивноста на група другарчиња припадници на различни националности.

Атос, Амине и Фло се 6-годишни деца, кои деновите ги поминуваат правејќи различни активности: се возат со велосипеди, си играат во природа и си раскажуваат приказни. Нивните животи се среќни и исполнети, иако во заднина демне светот на возрасните, кои гневно маршираат во протест против религиска омраза, но и се нејзини креатори. Амине е муслиман од Мароко, Атос е Финец што верува во грчката митологија и сака еден ден да биде како Хермес, гласникот на боговите, или можеби Посејдон, а Фло не е растена со религија. Тој понекогаш силно му завидува на Амине поради неговата верба во Бога, додека Фло упорно тврди дека „ако веруваш во Бог, ти си луд. А ако полудиш, те молам прво предупреди ме“.

Во комбинација со ефективното користење на светлината и суптилната режија на Хухтанен, таа сцена е нагло будење од сонот на утописко детство со кое постојано ја залажуваат публиката. Постојат низа деликатни, но ударни кадри, што сведочи за чувствителноста на темата која режисерката ја обработува. Во една извонредна сцена, неколку мешани семејства прославуваат роденден на сите јазици кои ги зборуваат, што го прави филмот и интересна студија на карактери кои преку разговор и љубов кон ближните стануваат сојузници во заедничката борба за безбедна средина за сите.

Ова е прв долгометражен филм на финската режисерка, која успеала во потфатот сите интеракции помеѓу ликовите и ситуациите во кои се наоѓаат да изгледаат што помалку инсценирано. Тоа особено се забележува кога децата навидум невино лежат на килимите во една џамија, и Амине нефилтрирано му објаснува на Атос дека неговиот Бог е вистински, поради тоа што Арапите едноставно знаат сè. Таа реплика носи голема тежина со себе, но никогаш не звучи помалку невино. Камерата сталожено ја следи борбата на мајката на Амине, која не се плаши да го однесе на протест чија главна цел е да се урне стигмата дека сите муслимани се терористи.

Самата населба е всушност во споредна улога. Статистиката не е толку важна колку децата што растат во вакви средини. Тие живеат во свет што го креирале луѓето кои треба да знаат повеќе од нив – возрасните – а нивното (пре)рано созревање е само последица на тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот