Речиси 12 илјади Македонци примиле две дози вакцина против ковид-19 во Врање
Од почетокот на вакцинацијата, па до вчера, во Спортската сала во Врање се вакцинирани вкупно 100 066 граѓани од Врање, од другите градови во Србија и државјани на Северна Македонија и други држави, соопшти денеска Здравствениот центар (ЗЦ) во Врање.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, според порталот Врање њуз, прва доза вакцина во овој град е аплицирана на 13 657 македонски државјани, на 24 161 граѓанин на Врање и останати места во Србија и на девет државјани на БиХ.
Што се однесува до втората доза, неа во Врање ја примиле 11 966 македонски државјани,
32 416 српски и 13 граѓани на БиХ. Трета доза на некои од вакцините, во Врање досега е дадена на вкупно 7733 лица.
Ако се земат предвид вкупните бројки, најчесто е аплицирана кинеска вакцина „Синофарм“ и тоа вкупно 62 711 пати за сите три дози (прва доза 28 965, втора 28 122 и трета 5624). Потоа следи „Фајзер“, кој бил аплициран во вкупно 29 439 случаи (прва доза 15 139, втора 12 755 и трета 1545), па рускиот „Спутник В“ даден во 6999 дози (прва 15 139, втора 3146 и трета 571). Астра Зенека, која не беше достапна долго време, е аплицирана во 932 случаи (прва 455 и втора 477).
Инаку, вчера во Врање се вакцинирале тројца граѓани на Северна Македонија.