РЕЦЕПТ | Стефанија Несторовска ни приготви вкусни тиква браунис, прсти ќе излижете!

Стефанија порачува дека за да го приготвите овој деликатес не ви е потребно никакво брашно, туку во замена користете само блендирани бадеми / Фото: snestorovska.com

Сезоната на тиква и пријатни „топли“ вкусови ја прогласуваме за отворена, а младата инвентивна Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, ви донесува рецепт за неодоливи тиква браунис, со кои ќе си ја засладите душата во есенските денови.

Стефанија порачува дека за да го приготвите овој деликатес не ви е потребно никакво брашно, туку во замена користете само блендирани бадеми. Без разлика на тоа – текстурата е феноменална.

– Ако сте печеле тиква и ви останале остатоци, искористете ја да ги направите овие чоколадни печени браунис, после што тиквата ќе ја гледате со други очи, вели Стефанија.

Состојки:
  •  150 гр (шолја) бадеми, сирови, блендирани како брашно
  • 2 лажици какао
  • 1 лажичка цимет
  • 1/2 лажичка ѓумбир
  • 1/4 лажичка морско оревче
  • 1/2 лажичка сода бикарбона
  • 2 јајца
  • 170 гр (1 шолја) чоколадни капки или 1 цело црно чоколадо
  • 70 гр (1/3 шолја) кокосово масло или ги путер
  • 80 гр (1/4 шолја) агаве сируп
  • 120 гр (1/2 шолја) пире од тиква
За декорација (по желба):
  • сечкани ореви
  • чоколадни капки

Ако имате печена тиква, само испасирајте ја во блендер или со вилушка и ќе добиете пире од тиква.

Фото: snestorovska.com
Подготовка:

Рерната се загрева на 175 степени Целзиусови и се поставува хартија на сад за печење. Користете керамички сад 20 х 20, но ако го немате, каков било сад добро ќе функционира.

Се додаваат чоколадните капки или црното чоколадо во мало тенџерче и се става во микробранова или на многу ниска температура на рингла да се растопи.

Во меѓувреме, во длабок сад се додаваат јајцата, кокосовото масло, агавето и се промешува. Кога чоколадото ќе се стопи, се додава во истата смеса и повторно се промешува сѐ додека не се соедини и не добиете „пудинг“ смеса.

На оваа смеса се додаваат мелените бадеми, какаото, зачините и сода бикарбона. Повторно убаво се промешува, сѐ додека сите состојки не се соединат комплетно.

Се додава смесата во садот за печење и убаво се израмнува.

Одозгора се додава и пирето од тиква. Со нож или со вилушка се прават кружни движења, за да се соедини смесата.

На крај се додаваат оревите и чоколадните парчиња и се пече во загреаната рерна 30-тина минути.

Проверете со чепкалка дали е готово. Ако остане смеса на чепкалката, потребни се уште неколку минути.

Се остава да се излади пред да се сече. Парчињата може да стојат на собна температура 2-3 дена или во ладилник до 4 дена.

Забелешки и совети:
  • Агавето може да се замени со каков било течен засладувач. Мед, јаворов сируп, меласа, сируп од урми и слично.
  • Кокосовото масло или ги путерот задолжително се мери во течна состојба.
  • Пирето од тиква не мора да го мерите, ставете „од око“, тоа оди на крај од смесата и повеќе е подобро, па нема да згрешите и ако ставите повеќе.
Фото: snestorovska.com

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот