Рецепт на Стефанија Несторовска: Солени мафини со семки
Рецепт за здрави, вкусни и солени мафини без глутен со брашно од хелда и семки. Многу едноставно, а сепак некако поразлично од секојдневното.
За сите оние што сакаат да пробуваат нови комбинации, како и за оние што се нетолерантни на глутен, мафините од брашно од хелда се вистинскиот избор. Брашното од хелда нутритивно ќе го збогати тестото, а вкусот ќе биде поинтересен.
Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com ви носи лесен рецепт за мафини со хелда збогатени со семки.
Тие се фантастичен појадок или опуштена вечера за викенд, а можете да ги завиткате во фолија и да ги ставите во чантата како ужина додека сте на работа или додека трчате низ градот или парковите.
Состојки:
– 200 г (1 филџан + 1/2 филџан + 2 лажици) брашно од хелда
– 150 г (1+2/3 филџан) овесни снегулки
– 100 г (3/4 филџан) бадеми
– 6 лажици мелено ленено семе
– 100 г (3/4 филџан) семки од тиква
– 100 г (3/4) семки од сончоглед
– 6 лажици сусам
– 1 лажичка сол
– 1 лажичка рузмарин
– 1 лажичка оригано
– 1 лажичка прашок за печиво
– 480 мл (2 филџани) бадемово млеко
Подготовка:
Се загрева рерната на 180 степени и се поставуваат каписли или хартија за печење на тава за мафини. Ако самата тава е нелеплива, доволно е само да се додаде малку масло за печење за полесно да се извадат мафинките. Може слободно да се користи и тава за леб наместо мафини.
Во блендер или сечко се додаваат бадемите и овесните снегулки. Се блендира сè додека не се добие текстура на брашно. Се додава смесата во голем длабок сад. Се додаваат и сите други состојки освен сусамот и млекото.
Сè добро мешајте додека сите состојки не се измешаат и распоредат.
Се додава и бадемовото млеко и повторно убаво се промешува. Смесата ќе почне да се згуснува доста и можеби мешањето ќе оди потешко и ќе сакате да додадете повеќе течност, но не правете го тоа.
Убаво промешајте за комплетно сè да се измеша и соедини и не заборавајте на долниот дел од садот затоа што често знае да заостане сува смеса таму.
Се остава смесата 10-тина минути да се згусне. Можеби ќе треба и повеќе. Значи не смее да остане нималку течност, мора да биде екстремно густо.
Се распоредува смесата во 12 мафини. Ова е најздодевниот дел затоа што смесата е малку тешка за оформување, но може слободно да додадете малку масло на рацете, да оформувате топчиња и да ги вметнете во калапите за мафини.
На крај се додава и сусамот, и тоа само на површината на секое мафинче и со прстите притиснете нежно да навлезе во тестото.
Се печат 30-ина минути. Мафините се готови кога ќе добијат малку крцкава текстура.
Се оставаат да се изладат и да дојдат на собна температура пред да се извадат од тавата или да се сечат.
Може да се чуваат на собна температура 3-4 дена, во фрижидер 1 недела или во замрзнувач до еден месец. Превкусни се малку тостирани на тостер.
Забелешки и совети:
→Ако немате готово брашно од хелда може да изблендирате зрна хелда за да добиете брашно.
→Бадемите може да се заменат со кои било сирови јаткасти плодови. Јас користев бадеми зошто имаат најнеутрален вкус.
→Меленото ленено семе може да си го изблендирате сами или да купите веќе изблендирано. Исто така може да се замени со чиа семе, или пак, да се направи микс од чиа и лен. Пример: 3 лажици чија семе со 3 лажици ленено семе.
→Зачините слободно може да си ги замените или адаптирате. Превкусно би било ако додадете и малку ким или, пак, да ги оставите едноставни, без зачини. Изборот е ваш.
→Бадемовото млеко може да се замени со какво било млеко од растително или од животинско потекло.