Рецепт на Дијана Иваноска: Полнети пиперки на малку поинаков начин

Полнети пиперки / Фото: Приватна архива

Животот навистина може да биде беспрекорно „вкусен“, а тоа го потврдува и Дијана Иваноска од Тетово, која со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.

Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.

„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.

Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за еден добро познат македонски специјалитет – полнети пиперки, но на малку поинаков начин.

„Иако го сакам и класичниот начин на подготовка на ова јадење со овој рецепт се добива ‘пролетна’ свежина на состојките. Пробајте го, се надевам ќе ви се допадне исто колку и на мене“, порачува Дијана.

Состојки:

Ова се количини за 3 пиперки односно 6 наполнети половинки. Зголемете ја дозата по потреба.

– 3 пиперки бабури
– 300 грама мелено месо
– 1/2 главица кромид
– 1/4 шолја ориз
– 180 грама сечкани домати или од лименка исцедени од течноста
– 1 морков
– магдонос
– кашкавал околу 50 грама
– сол
– бибер

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Загрејте ја рерната на 180 степени Целзиусови. Пиперките исечете ги на половина по должина и премачкајте ги од двете страни со малку маслиново масло. Наредете ги во тава свртени надолу и печете ги 15 минути.

За тоа време подгответе го филот. Оризот сварете го и процедете го. Во тенџере испржете го кромидот. Кога ќе омекне, додадете го ситно сечканиот морков, а потоа и месото. Кога е месото ќе биде испржено, додадете го доматот и нека се крчка додека испари течноста. Зачинете со сол, бибер и мешавина од суви зачини (опционално).

Тргнете го од оган и додадете го сварениот и исцеден ориз и ситно исечканиот магдонос.

Извадете ги пиперките. Превртете ги и наполнете ги со смесата. Одозгора ставете по малку рендан кашкавал или парче моцарела. Печете уште 15-20 минути. Одозгора ставете магдонос и уживајте.

За веге варијанта заменете го месото со покиснати и исцедени соја трошки. Подготовката е иста како со месото. Додајте веге кашкавал одозгора.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот