Рецензија: „Lamb“ – Од пикантно, до горчливо

Lamb/Twitter
Lamb/Twitter

Сценарио: Сјон и Валдемир Јохансон, режија: Валдемир Јохансон. Улоги: Номи Рапас, Хилмир Гуднасон, Бјорн Харалдсон, кинематографер: Ели Аренсон, музика: Тоти Гуднасон

Заситени од здодевната и еднолична техничка холивудска продукција, со нетрпение очекуваме кога ќе се појави некој филмски продукт кој ќе отскокнува со оригиналност, „свежа авторска крв“, инаквост и тематска неконвенционалност. По правило, таквите освежувања главно доаѓаат од независни продукции, режирани  од помлади режисери, и се разбира, надвор од холивудските фабрики на популистичка забава. На еден таков филмски наслов се препнавме во блиско минато.

Филмот „Lamb“, во исландска продукција, а под етикетата на Њујоршката компанијата А24, е прв авторски проект на режисерот Валдимар Јохансон. Како косценарист на филмот е потпишан и познатиот исландски романсиер, поет и текстописец Сјон, а како извршни продуценти потпис ставаат и Номи Рапас и Бела Тар.

Lamb/Twitter
Lamb/Twitter

Нужен баланс помеѓу бизарноста и семејната посветеност

Приказната има корени во старите библиски записи, древните исландски бајки и фолклор, како и римската и грчката митологија кои раскажуваат фантазмагорични сказни за чудни суштества /изроди, надвор од законите на природата, плод на човечката фантазија, која сепак се темелела на реални инциденти од зоофилска активност. Имено, „Lamb“ ја следи таа линија со видлива алузија за некаков противприроден чин, и на тој начин создава атмосфера на непријатно наслутување во која насока ќе се одвива приказната. Марија и Ингвар се сопружници кои живеат на изолирана од цивилизацијата фарма со овци, сложни и работливи но несреќни поради губитокот на своето дете. Објагнувањето на „Lamb“ со човечко тело е оној пресврт по кој се прекршуваат логичните реакции на „родителите“, а нивните психолошки состојби ги минуваат границите на нормално однесување. Единствениот сведок на оваа паранормална пасторала е братот на Ингвер, Петер, кој неочекувано доаѓа на фармата…

Lamb/Twitter
Lamb/Twitter

Современиот гледач, потсетувајќи се на имагинарните митови за сатирите, пановите и фауните, ќе препознае дека ваквите вознемирувачки бајки биле наменети за лековерните како закана во случај на крешење на природниот поредок на работите. Иако филмот имплицинтно не го кажува, но со сигурност алудира на хинду традициите во еротското сликарство, каде љубовта или сексот со Бога е можен кога Бог е реинкарниран во животно. А „љубовта“ кон Бога е безгранична!

Од друга страна, инсистирањето на родителството кон „приновата“ Ада, во филмот е нужен баланс помеѓу бизарноста и семејната посветеност. Тука хоророт не е цел за себе, туку е извлечен од постојаната тензичност и очекување на расплетот. Во тој сегмент филмот е супериорен, не му е потребен текст, тишината е демначот, планините се сведокот. Моменти кога Ада ја гледаме како питом монструм. Така, молчењето е во функција на необјаснување, а сепак интензивно сугерирање. Убавината во овој филм има поинаква димензија, структура, изразена преку велелепната природа и нејзината спротивност-неприродноста.  Режисерот умешно не воведува во состојба на неодлучност, дали сме збунети, разочарани или, на моменти обземени од паралелниот свет на убавото и гротескното. Во секој случај, на тенок мраз сме!

Lamb/Twitter
Lamb/Twitter

Ако наративот го тргнеме на страна, тогаш „Lamb“ е чиста визуелна експресија. А кога, мајчиниот инстникт кај Марија ќе проговори: „Ада е подарок, нов почеток“,  поминуваме во депресија. Крајот на филмот е приказна за себе. Чинам, неславен обид да се закрпи таа дискрапанција помеѓу реалното и митското време. Па сепак, примарно, „Lamb“ е интензивен хорор, и според природата на жанрот тој неизбежно финишира со надреализам со веќе препознатлива знаковност.

Филмската екипа на „Lamb“ е беспрекорна

Актерската двојка Номи и Хилмир беспрекорни во своите карактери. Номи во полн експересивен замав, телесно и портретно, а Хилмир во својата потиштеност и благост.

Режисерот Јохансон несомнено е голем талент, изнедри филм за кој постои енормно интересирање, а со нетрпение се очекува што наредно ќе понуди. Да подвлечеме дека она што „Lamb“ го прави и модерен и оригинален секако е фотографијата на Ели Аренсон и музиката на Тоти Гуднасон. Два клучни авторски прилози кон филмот кои се во беспрекорна симбиоза.

Lamb/Twitter
Lamb/Twitter

Режисерот Валдимар Јохансон е победник на фестивалот во Кан во програмата „Извесен поглед“ а „Lamb“ е исландскиот кандидат за оскар идната година.

ПС: Сметам дека за крајот на филмот, „Сарабанда“ на Хендел е погрешен избор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот