Рецензија: Бурно патување од Москва до Сибир во „Compartment Number 6“

Купе бр 6
Compartment Number 6/Instagram

Не можам а да не се навратам на првенецот на тандемот Јухо/Јани од 2016 година кога нивниот филм „The Happiest Day in the Life of Olli Mäki“ победи во престижната категорија на Канскиот фестивал, „Извесен поглед“, истата година кинематограферот Јани Петери-Паси ја доби и Златната камера 300 во Битола.

За „Olli Mäki“ тогаш напишав: „Што овој мал филм го прави голем? Ликот на Оли навидум крајно редуциран во рамките на интровертост, смиреност, провинцијалност, срамежливост…практично надвор од сите модели и клишеа на филмовите кои за тема го земаат спортот. Ги нема спектакуларните сцени на беспоштедни исцрпувачки борби во рингот, нема крупни планови на деформирани од борба лица, ги нема исцрпувачките десет рунди, нема одмазда на рингот, нема емоции, има само рутина и … да се биде подобар од противникот, доколку е можно. Јарко Лахти маестрално ги доловува сите овие состојби. Ние речиси и не сме сведоци на неговите боксерски подвизи, но и тоа како го чувствуваме неговото големо срце… Камерата пак на Ј-П Паси е најдобриот пријател, побратим на Оли. Таа не е екстерен инструмент кој бележи настани, таа бележи состојби, многу интимни, внатрешни, карактерни.“

„Compartment Number 6“ само го потврдува нагорниот пат на режисерот и снимателот, нивната зрелост и исклучителен талент.

View this post on Instagram

A post shared by Haut et Court (@hautetcourt)

 

Автентична вербална релација, без тронка тривијалност и патетика

 

Ќе го наречеме „on the train road“ филм во кој дестинацијата е Москва-Мурманск (1486 км.и 35 часа патување) во декадентната, но горда Русија од 90-тите.

Лаура ја интересира археологијата и решава да патува за Сибир за да ги види петроглифите во тамошните пештери. Јоха пак, се надева на подобар живот работејќи во рударска компанија, далеку на Истокот. Таа е од Финска со престој во Москва, тој е „чистокрвен“ Русин, кој во филмот „влегува“ добро натрескан. На повидок е долготрајна меѓусебна нетрпеливост и можен конфликт. Нивното принудно дружење не ветува многу. Но патувањето е долго и работите се менуваат. Обајцата откриваат дека првичните слики не се и конечни, откриваат и некои понакви личности и кај сопатникот и во себе самите. Грубоста се трансформира во пристојност, љубезност, доверба и конечно во љубов. Не, со ова не ви го откривам крајот на филмот, само ја следам насоката по која двата лика се движат. Тајната и возбудата се во начинот на кој се градат релациите меѓу нив. Ако некогаш сте биле навивачки настроени некоја филмска врска да „успее“, бргу ќе го облечете дресот на „Compartment Number 6“

Звучи премногу романтично? Ве уверувам дека овде нема ни ронка тривијалност и патетика, нема изветвени клиширани „западни“ дијалози, има автентична вербална релација помеѓу два лика, природни човечки реакции, реални ситуации и здрав хумор.

 

„Compartment Number 6“ премостува жанровски конвенции градејќи необични и искрени емоции

 

Несомнено, заслугата е во проникливоста на режисерот во градењето на адаптација на сценариото (инаку работено според новела на Роза Ликсом), и секако во извонредното актерство на двајцата протагонисти. Сеиди Хаарла со овааа своја прва главна улога внесува неверојатна свежина и лирика во филмот, а Јуриј Борисов, веќе голема ѕвезда на големото платно, е единствен. А можеби најважна е нивната меѓусебна хемија во големата разноликост на емоции во процесот на самооткривање.

Од друга страна, сомневањата дека според приказната ќе добиеме стерилна, клаустрофобична слика од здодевно и долго патување, ги побива камерата на Јани Петери-Паси. Со оние неколку застанувања на возот тој внесува чудесна топлина од студенилото на руските пространи рамници и сибирските снежни прекривки. На чуден начин „Compartment Number 6“ премостува некои жанровски конвенции градејќи необични и искрени емоции.

Купе бр 6
Compartment Number 6/Instagram

„Compartment Number 6“ годинава на фестивалот во Кан го освои Гран при-то од жирито и наградата од Екуменското жири, а кинематограферот Јани Петери-Паси по вторпат ја доби Златната камера 300, по онаа во 2016 година. Како куриозитет, канската публика по проекцијата го награди „Compartment Number 6“ со 10 минутни овации.

Некој овој филм (макар и во шега) го нарече „Малиот руски Титаник на шини“. Сосема погрешно! Сметам дури и навредливо.

Оценка 4+

View this post on Instagram

 

A post shared by //Zadrian Smith. (@zadriansmith)

Видео на денот