Ребалансот на Буџетот чека да му „закажат“ термин

Фото: МИА

На веб-страницата на Собранието засега не е закажана седница за ребалансот на Буџетот. Од прекројувањето на државната каса, кое е второ годинава, зависи почетокот на имплементацијата на четвртиот пакет мерки, најавен од Владата. Амандманската расправа е завршена и сега се очекува негово усвојување на пленарна седница.

Според ребалансот, приходите се пониски за 0,2 отсто во однос на првото кратење, расходите се повисоки за 4,2 отсто, а дефицитот е зголемен за 22,6 отсто во однос на првиот ребаланс. Вкупните приходи се планирани на ниво од 196,4 милијарди денари, а расходите на ниво од 253 милијарди денари. Дефицитот е 8,5 отсто од БДП.

Надлежните од Министерството за финансии уверуваат дека Буџетот е во добра кондиција и дека навремено ќе бидат исплаќани сите обврски.

– Средствата за реализација на мерките од четвртиот пакет се обезбедени со реалокација на неискористените средства од сите институции. Очекувањата се дека со реализација на овие мерки ќе се придонесе за подобрување на вкупниот економски резултат, односно ќе се амортизира социо-економскиот удар од пандемијата, а веќе следната година се очекува заздравување на економијата со економски раст и постепена фискална консолидација, сметаат од Министерството за финансии.

Четвртиот пакет мерки е проектиран на 470 милиони евра и во него има 31 мерка насочена кон граѓаните и кон бизнис-секторот. Дел од новиот пакет се платежните картички во износ од 6.000 денари, кои ќе ги добијат самохрани родители, пензионери со пензии до 15.000 денари, пасивни баратели на работа и самостојни уметници… Платежни картички „Купувам домашно“, пак, ќе добијат оние студенти што беа заборавени со третиот пакет мерки.

За компаниите ќе бидат обезбедени нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка, а продолжува и мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за вработените за која Предлог-законското решение веќе ја помина владината процедура. Новина е тоа што компаниите со најголем пад на приходите, ќе добијат најголема поддршка за исплата на плати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот