Ребаланс на буџетот на Општина Карпош: Повеќе пари за училиштата, за ИТ-опрема и за капитални инвестиции

Општина Карпош на последната седница на Советот направи ребаланс на буџетот.

– Во духот на новата реалност и сменетите приоритети на граѓаните за време на пандемијата од ковид-19, Општина Карпош ги усогласи и своите приоритети во активностите што ги финансира локалната самоуправа. Така, со усвоениот ребаланс на буџетот, советниците дадоа согласност за зголемување на капиталните инвестиции во сите сфери: инфраструктура (плоштади, платоа,  реконструкција на улици, канализација), во ИТ-опрема на училиштата и во одржување на хигиената во услови на пандемија и здравствената превентива – информираат од Општина Карпош.

Оттаму велат дека капиталните инвестиции се зголемуваат за околу 25 милиони денари односно од предвидените 235.704.000 на 260.804.000 денари. Зголемени се и парите од буџетот што ќе бидат наменети за хигиена и дезинфекција од 800.000 на 4.000.000 денари, кои ќе одат за општинските потреби.

Десетте основни училишта што работат на територијата на Карпош од Општината ќе добијат донација за дезинфекција и хигиена во износ од два милиона денари, а од блок-дотациите што ги дава државата за нив, наместо 400.000 денари ќе добијат петкратно повеќе, односно 2.000.000 денари токму за оваа намена.

– Новиот начин на учење во училиштата услови и прераспределба и зголемување на финансиите кои ќе одат во ИТ-опрема и тоа со овој ребаланс ќе биде од 335.000 денари на 1.335.000 денари. Од општинската каса, од делот на субвенции ќе биде даден и еден милион денари за обезбедување лаптопи за училиштата – информираат од Општина Карпош.

Оттаму објаснуваат и дека, поединечно, одделните сектори и одделенија во рамките на локалната самоуправа направиле рационализација на трошоците и од тековните проекти и од програмите за 2020 година. Така речиси е преполовен буџетот за образование од над 14,5 милиони денари на нешто над 7 милиони денари. Ужинките за децата што сега веќе нема да бидат присутни на училиште, ќе се сведат од 3,6 милиони на 1,2 милиони денари. Парите за школскиот превоз од 4,5 милиони се сведуваат на 1,5 милиони денари, целосно е скусено и плаќањето на летните школски одмори за 1,75 милиони денари, како и хорскиот натпревар и некои образовани проекти.

– Намалување на трошоците има и во културата и во спортот и тоа кај организацијата на Карпошово културно лето од 5.750.000 на 3.000.000 денари, во спортот кај турнирот „Сокол“ од 19.200.000 на 3.000.000 денари. Затоа, пак, локалните власти во ребалансираната каса за претстојниот период драстично ги зголемија трошоците за социјална заштита на своите граѓани и тоа за 50  насто, односно од 2.000.000 на 3.000.000 денари. Ова се пари што ќе одат за справување со пандемијата, за лицата што се наоѓаат во социјален ризик и за лекување на карпошани, односно вкупната сума за социјала во Карпош од 4.385.000 денари, сега ќе изнесува 5.385.000 денари – додаваат од Општина Карпош.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот