Реакција за случајот со Веапоска: Држава што не постапува е држава што не се грижи за здравјето на жените!

По прес-конференцијата на Лекарската комора и информацијата дека стручниот надзор на Комората не утврдил никаква лекарска грешка во случајот со родилката Јелдз Веапоска од Дебар, со остра реакција се огласи Платформата за родова еднаквост.

Упатувајќи на негрижата и непостапувањето на државата, како и груба повреда на човековите права и флагрантно кршење на законите во државата, родилката изнесе искази и документација пред јавноста со кои повеќе од јасно е дека отсуствувала здравствената заштита за неа како бремена жена. Родилката за време на целата своја бременост, но и непосредно пред породувањето била изложена на незаконска наплата за потребните прегледи и прегледувана во нерегистрирана ординација, велат во реакцијата од Платформата за родова еднаквост.

-По уредна бременост, породувањето се изведува со царски рез во струшката болница. По породувањето кое е заведено како стандарден оперативен зафат без какви било пропусти, на пациентката значително ѝ се нарушува здравјето, поради што завршува на лекување на скопската Универзитетска клиника каде што се констатира дека се извадени три органи и за тоа се информира семејството. Нетранспарентниот стручен надзор на Лекарската комора и недостапноста на самиот извештај, како и необелоденувањето на членовите на Комисијата за стручен надзор укажува на непостапување на државата и на негрижа за женското здравје. Она што дополнително ја шокира јавноста е констатацијата на Комисијата дека не постои лекарски пропуст или грешка кај гинекологот Мухамед Асани, кој и по овие случувања, останува на директорското место во струшката болница и сопственик на нерегистрирана гинеколошка ординација – се вели во реакцијата на Платформата за родова еднаквост.

За гинекологот се води постапка во во обвинителството во Струга врз основа на кривична пријава поднесена од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Лекарската комора не утврдила ниту каква било неправилност иако ниту пациентката ниту нејзиниот сопруг во ниту еден момент не биле консултирани или информирани за можната потреба од вадење органи. Случајот со Јалдз Вапиоска не е изолиран случај туку системски проблем кој се провлекува со години – потенцираат тие.

Лошите болнички услови, немањето пристап до квалитетни услуги и грижа за сексуално и репродуктивно здравје, вклучително и за време на породилниот период, нелегалната наплата на инаку бесплатни услуги, акушерското насилство и нехуманиот однос особено кон маргинализираните се само дел од пакетот здравствена грижа што го добиваат жените во Македонија.

Колку за илустрација, во Македонски Брод, Пробиштип, Крушево, Радовиш, Демир Хисар, Кратово, Делчево, Штип, Крива Паланка и Ресен државата нема обезбедено доволно акушерски и гинеколошки услуги и грижа, а во 4 од нив воопшто нема гинеколог на примарното ниво на заштита, што драстично го уназадува репродуктивното здравје особено на жените во руралните средини, жените со попреченост и Ромките.

Платформата за родова еднаквост во реакцијата под итно бара јавно објавување на имињата на лекарите што биле дел Комисијата за стручен надзор, а со тоа да ја извести јавноста со детални информации според кои Лекарската комора не утврдила лекарски пропусти, вклучително и за причините зошто се отстранети органите кај пациентката. Дополнително, се бара одговорност од Лекарската комора, Министерството за здравство, истрага во врска со нерегистрираната ординација на докторот, но и Јавното обвинителство да спроведе темелна истрага за понудената заштита на пациентката – утврдуваат во реакцијата на Платформата за родова еднаквост.

Позади оваа реакција застанаа повеќе од 20 организации – членки на Платформата за родова еднаквост.

Видео на денот