Реакција по повод аутирањето на Васил Гарванлиев: Зошто му судите, хомосексуалците не се ниту неморални ниту болни

Наша сонародничка која живее и работи во Мелбурн, Австралија како градежен инженер објави реакција по повод аутирањето на македонскиот претставник на Евровизија Васил Гарванлиев кое предизвика низа негативни коментари и реакции на социјалните мрежи. Имено, Гарванлиев отворено зборуваше за својата сексуална ориентација поради што се најде на удар на дел од јавноста.

Ви ја пренесуваме во целост,  објавата на оваа мајка која во клучниот момент од животот на нејзиниот син – неговото аутирање, му дала поддршка и се справила со негативните реакции од околината.

„Како и повеќето од нас, и јас сум на Фејсбук и ги проверувам постовите неколку пати на ден. Пред некој ден читам: Васил Гарванлиев е геј. И коментари! Ама од луѓе, мои ФБ пријатели! Грозно! Такви коментари се сомневам дека се спремни и јавно да ги кажат, ама хартијата трпи се.

И не можев, а да не изреагирам.

Нешто малку за мене:

Се викам Мирјана Фотевска-Елефтеријадис и по професија сум дипломиран градежен инженер. За време на моето студирање, жени на Градежниот факултет имаше да ги изброиш на прстите од едната рака. Коментарите што ги добивав беа од типот: кај најде баш тоа да учиш или: женско си ти, кај ќе одис по објекти со мажи; или: ќе дојде време ќе треба да се мажиш па да раѓаш, остави ја градежничката работа на мажите; или: а што ќе фалеше да си завршиш за една учителка, супер ќе ти беше! Да се разбереме, немам ништо против учителките, и мајка ми беше една од нив, ама тоа едноставно не беше за мене.

Кога дојде време за вработување, на едно интервју ме прашаа како мислам дека ќе се снајдам во работата со мажи. Поглупаво прашање тешко дека можеа да смислат.

Дури и сега, после повеќе од 20 години работно искуство, многу поретко за волја на вистината, ама пак понекогаш некој ќе се осмели да го проверува мојот кредибилитет само на основ на мојот пол!
Пред некој ден го гледав филмот за Рут Бадер Гинсбург. Активистка од Америка, прва жена што завршила право на Харвард некаде во 50-тите години. И низ каква се голгота требало да помине за да дојде на местото што го заслужува. Само заради нејзиниот пол.

Мојата покојна баба беше неверојатно интелигентна жена. Сама научила да чита и пишува, и моите сеќавања за неа се секогаш со книга во рака. Беше вредна жена, мајка, домаќинка. Ама не смееше ни да помисли на кариера или да покаже поголема способност од нејзиниот маж. Тоа ќе се сложите во тие времиња ќе беше видено во најмала рака како неморално.

Но времињата се менуваат и светот оди напред. Денеска жените се многу блиску до еднаквост со мажите на многу полиња. Иако има да се направи уште многу, посебно на нашиве балкански простори.

Со сето ова кажано, јас сакам да верувам дека моите деца ги воспитав да бидат свои, независни и највеќе од се искрени – спрема себе и луѓето што им се драги.

Па не беше големо изненадување кога еден ден нашиот син ни кажа дека е геј. Сигурно дека не е сеедно, дека ние како родители се плашиме за сигурноста и добробитот на нашите деца. Но едно знаев тогаш, и сега после 10-тина години од таа негова изјава – дека го сакам и почитувам баш таков каков што е.

И да се вратам пак на ФБ коментарите: Каков ум може да отиде во такви темни места па да каже дека сите хомосексуалци се неморални, дека се болни и што ли уште не!

Зборуваат со таква самодоверба, мислиш се први пријатели со Васил. А не ни помислуваат каков ефект имаат таквите зборови на некое младо дете кое можеби во моментов ја истражува својата сексуалност.

Од друга страна, и јас се гледам засегната од таквите коментари. Моето дете има високи морални критериуми, работи вредно, се забавува со пријателите, и има планови за својата иднина. И меѓудругото е геј.

Како може некој хетеросексуален средовечен бел маж кој мисли дека светот му должи само заради тоа што е хетеросексуален средовечен бел маж, да му суди на Васил, а со тоа и на мојот син, и на многу други деца што поминуваат низ процесот на осознавање меѓу другото и на својата сексуалност?

Доста е! Времето е дојдено, и правата на ЛГБТ заедницата се неминовни.

А во меѓувреме, бев зафатена со блокирање на тн. ФБ пријатели и колеги. Додека не разберат дека иако сум жена, можам да бидам подобар инженер од маж, и, иако сум жена, готвењето и пеглањето не ми се јака страна, таквите нема да имаат место во мојот свет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот