Реакција од Мелпомени Корнети на текстот „Кај СДСМ ни студено кафе за разделба“ од Сашо Орданоски – Слободен печат
Колумни

Реакција од Мелпомени Корнети на текстот „Кај СДСМ ни студено кафе за разделба“ од Сашо Орданоски

Од каде потребата, сега, кога сме секојдневно опседнати со настани битни за животот во и на државата, при недоброј теми што и најпрофесионалните медиуми не стигнуваат да ги обработат, С.О. споделува со своите читатели (би рекла за нив ирелевантна) приказна стара 23 години!

Мелпомени Корнети до редакцијата на „Слободен печат“ испрати реакција на колумната на новинарот Сашо Орданоски „Кај СДСМ, ни студено кафе за разделба“.

Реакцијата ја пренесуваме во целост:

Необично е новинар, колумнист (и експерт) толку често во текстовите да почнува и да завршува со себе. Oва не важи за Сашо Орданоски, кој си вообразува статус на „институција“, па ете, може јавниот простор да го користи за лични потреби, а за тоа, изгледа, често има потреба. Веројатно тоа е случај и со написот „Кај СДСМ ни студено кафе за разделба“, објавен во “Цивилмедиа“, потоа и во дневното издание “Слободен печат“/и уште понекаде. Очигледно, авторот спаѓа во „тиражни“ новинари без кои не се може. Зошто е тоа така, каде стигна нашето новинарство, не е цел на овој текст.

Ќе се осврнам на некои од наводите до наведеното писание – кое под рубрика „Добро утро со…“, изгледа е редовно обраќање до читателите на колумнистот со естраден манир С.О.

Имено, правејќи козерија од начинот на кој бил разрешен од функцијата директор и главен уредник на МТВ (а вчудовиден од “непристојниот“ однос на највисоките политички функционери на тогаш владејачката партија при неговата смена, па се’ до денес), во посочениот текст детално ја третира формата на тој чин (за волја на вистината, не беше џентлменски изведен), додека суштината – причината за смена, ја минимизира или забошотува (како што самиот пишува, „овде не е ни важно кои се причините за тоа..“).

Од каде потребата, сега, кога сме секојдневно опседнати со настани битни за животот во и на државата, при недоброј теми што и најпрофесионалните медиуми не стигнуваат да ги обработат, С.О. споделува со своите читатели (би рекла за нив ирелевантна) приказна стара 23 години!

Ако е во прашање (пот)свесна потреба да се прикаже како жртва, вечен бунтовник против властите и режимите, олицетворение на слободно новинарство, борец за демократија итн. (неспорни му се остварувањата во новинарството, особено во почетоците), можеби тоа е поврзано со очекуваните промени на раководството на МРТ?.. и евентуалната улога на кадровик, или обновени лични проекции за (поддршка на) највисоките управно/менаџерски позиции?

Под таква претпоставка, треба да се потсети дека настрана од „високата политика“, за смена на С.О., претходно имаше битни причини од професионална природа. Оттаму, должност на еден ген. директор на МРТ (кој според статутот, го постави директорот на МТВ), беше/е, да ја преиспита одлуката за именување. Основни причини:

-Узурпирање на службената позиција/ медиумскиот простор за пласирање лични ставови поврзани со (заштита на) одделни политичари, спротивно на принципите на јавен сервис и на МРТ;

-Непрофесионалност при следењето (од новинарски аспект) на атентатот на тогашниот Претседател Киро Глигоров (октомври-декември 1995), заобиколување на вистинските прашања за одговорноста итн…;

А во самата институција,

-Параелно со подготвената програма за тековна санација и трансформација на МРТ (верификувана од европски стручњаци за медиумско право во радиодифузната сфера), гоподинот Орданоски (коорднирано) со други директори во МРТ поднесе „елаборат“ за одвојување на основните делови на МРТ во самостојни организации (Радио, Телевизија, Предаватели и Врски). За медиумите тоа не успеја, но единицата Предаватели и Врски се одвои (подоцна самостојна институција Македонска радиодифузија), за потоа МРТ безмалку да стане „кираџија“ на системот кој со децении самата го создаваше. Инаку, тој моќен технички систем е и столб на независноста на еден јавен сервис,а во рамките на ЕБУ (Европската радиодифузна унија), речиси и да нема пример на раздвоени радио, телевизија и предаватели, покрај другото, и од економски причини – рационализација на трошоците и ефикасно работење, особено поради директното финансирање од граѓаните.

Овие нешта треба да се имаат предвид, бидејќи, како што пропагандистите најдобро знаат, „сто пати повторена лага станува вистина“, па така, самоуверени и самобендисани, наметливи и податливи за соработка (добро платена), често не се тоа што го прикажуваат за себе додека да стапат на јавни функции, кои во демократски држави за какви што и тие се залагаат, подразбираат должност – одговорно и компетентно да му се служи на јавниот и националниот интерес.

Патем, не се сеќавам дека „жртвата“ на политички игри, а експерт во медиумската сфера, реагирал кога оваа влада со ефтина предизборна кампања за „ослободување“ на семејниот буџет дури цели 190 денари месечно, ја укина радиодифузната такса и и’ зададе тежок удар на МРТ, односно на децениските напори (со помали или поголеми успеси), да прерасне во вистински јавен сервис одговорен кон граѓаните, според етаблирани европски стандарди.

Сепак, со оглед на новинарскиот и експертски капацитет, е за очекување дека публиката на С.О. нема долго да чека тој да се врати на “големата маса“.

Една неважна госпожа’ 23 јуни 2019

(Мелпомени Корнети)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Исто прочитајте

Close
Close