Реакција на ССНМ: Владата своеволно го толкува извештајот за „Репортери без граници“

За Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) соопштението испратено од владината прес-служба со наслов „Владата го одржува нагорниот тренд на Северна Македонија на листата за слобода на медиумите на „Репортери без граници”, претставува своеволно толкување на извештајот и преземање на успесите на други организации и иницијативи на свое конто.

Како што денеска објави ССНМ, се вели дека во соопштението како причини за скокот на листата е наведено подобрувањето на работничките права на новинарите и медиумските работници, но тоа во извештајот на „Репортери без граници” не е така нотирано.

– ССНМ напоменува и истакнува дека во извештајот на „Репортери без граници како позитивни се истакнати иницијативите и активностите на синдикатот, Здружението на новинари и Советот за етика во медиумите во Македонија притоа означувајќи ги како „многу значајни постигнувања”, но од страна на фелата, се подвлекува во соопштението од ССНМ.

Се додава дека во извештајот е спомената иницијативата на ССНМ за потпишување на „Повелбата за работните услови на новинарите” на Европската Федерација на новинари, како и на нацрт фер-договорите за вработување изработени од ССНМ со помош на Меѓународната федерација на новинари од страна на ЗНМ, СЕММ и други медиуми и организации.

Во резимето од извештајот на „Репортери без граници”, посочуваат од ССНМ, стои дека  Повелбата за работните услови на новинарите и нацрт фер-договорите за вработување на новинари и медиумски работници во дигиталните медиуми беа потпишани од Самостојниот синдикат на новинари и Медиумски работници во соработка со ЗНМ и СЕММ, со што се обврзаа на почитување на работничките права на новинарите и медиумските работници, нивното право на слобода на изразување, како и етички и професонални стандарди.

– Повелбата… како и нацрт фер-договорите за вработување се иницијатива на ССНМ со помош на ИФЈ и ЕФЈ кои претставуваат дел од подолг процес кој сè уште трае . Нивното потпишување е поздравено од меѓународните организации, но тоа не значи дека преку ноќ е подобрена состојбата со работничките права во медиумите. Ако Владата сака да има барем минимум подобрувања во оваа сфера потребни се низа законски измени, како и поголема контрола на тоа дали се почитува Законот за работни односи, се подвлекува во соопштението од ССНМ.

Од ССНМ истакнуваат дека работничките права на новинарите и медиумските работници се под постојана закана, наши колеги се соочуваат со правна, социјална и економска несигурност, несигурност на работното место, а прекаријатот е сериозно распространет особено во дигиталните медиуми. Исто така  во голем дел од таканаречените традиционални медиуми не се почитуваат основните работнички права, а во голем дел од нив на сила се директни забрани за синдикални активности што е спротивно на Законот за работни односи.

Од ССНМ повторуваат дека ја поздравуваат одлуката на владата економските мерки за време на кризата со корона вирусот да важат и за медиумите, но напоменуваме дека ако оваа состојба продолжи тие нема да бидат доволни за зачувување на работните места на новинарите и медиумските работници бидејќи медиумите ќе се соочат со уште поголеми финансиски проблеми.

– Новинарите и медиумските работници од почетокот на кризата со коронавирусот се една од најизложените професии во земјава, извршувајќи една од најважните алки во борбата против епидемијата – правовремено и точно информирање на граѓаните. Професионалното известување е еден од најважните фактори во вонредни ситуации како оваа, а новинарите и медиумските работници професионално можат да ја вршат својата работа само доколку се економски и социјално обезбедени, стои во денешното соопштение од ССНМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот