Реакции во Грција за владиниот план за протести во однос на третманот на претставниците на медиумите

Фото: Zuma / SplashNews.com / Splash / Profimedia

Полицијата ќе одреди конкретен простор за новинарите и еден претходно одреден претставник на полицијата кој ќе функционира како врска и канал за комуникација со нив во текот на целиот протест, со цел соработка и меѓусебно разбирање, пишува, меѓу другото во делот што се однесува на претставниците на медиумите во владиниот план за протести, презентиран од министерот за цивилна заштита на Грција Михалис Хрисохоидис, а кој предизвика реакции од Здруженијата на новинари, странски дописници и фоторепортери, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Националниот план за управување со јавни собири во делот за „присуство и заштита на новинарите”, пишува дека со планираното „ќе се обезбеди и правото на граѓаните да бидат информирани, но паралелно и непреченото спроведување на полициските операции, особено во случаи кога има инциденти”.

Од Здружението на новинари, Здружението на фоторепортери и Здружението на странски дописници во Грција експресно реагираа преку заедничко писмо до министерот за цивилна заштита во кое го изразуваат нивното спротивставување и загриженоста за новиот план „во однос на улогата и присуството на новинарите за време на јавните собири”.

-Со „одредувањето” на новинарите, како што се гледа во горенаведениот план директно и сериозно е погодено информирањето на граѓаните, што е еден од столбовите на демократијата, пишуваат од трите здружение во заедничкото писмо до надлежниот министер  и бараат што е можно поскоро да одржат средба со Хрисохоидис.

Негативни беа реакциите на социјалните мрежи, како од претставниците на медиумите така и од граѓаните.

Од Министерството за цивилна заштита на Грција, по соопштението од здруженијата, излегоа со објаснувања во однос на планот и делот за новинарите.

Велат дека новинарите и фоторепортерите се слободни на било кој начин сакаат да ги покриваат протестите и дека можат да се движат каде сакаат, а пред протестот ќе биде одреден „простор за нивна заштита”, за да знаат дека „за да се заштитат во случај на инциденти, можат доброволно да се засолнат таму”.

Во однос на полицаецот задолжен за комуникација со претставниците на медиумите, од Министерството објаснуваат дека тој се одредува за доколку „почувствуваат дека се во опасност или ако постои закана или повреда, да можат да се обратат до него и да побараат помош”.

Објаснуваат дека мерките соопштени во планот се „со чисто опционален карактер” за новинарите и фоторепортерите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот