Реакција на „Зелен хуман град“ по ставот на шефот на кабинетот на градоначалникот на Скопје

„МојКандидат“„Зелен хуман град“
Фото: „Зелен хуман град“

Повод: „Улици и споменици“, Никола Наумоски, „Слободен печат“ од 17 јули 2021 година

Функционерите се должни да работат во интерес на граѓаните, континуирано да им обезбедуваат проверени и точни информации и да не ги доведуваат во заблуда. Но наместо објективно и одговорно да ја информира јавноста, шефот на кабинет на градоначалникот на Скопје, во својот текст за „Слободен печат“ изложи низа лажни премиси. Во продолжение, одговор на неговиот став објавен во „Слободен печат“ со наслов „Улици или споменици?“ по паралелата што нашата активистка Драгана Велковска ја направи меѓу нерационалното трошење јавни пари на оваа и на претходната власт.

Има или нема разлика помеѓу споменици и улици?

Спомениците беа и останаа лош потсетник за окупацијата на градот, за кои се потрошија милионски суми, а во никаков обем не го подобрија квалитетот на животот на граѓаните. Улиците, односно булеварите, повторно, немаат никаква суштинска вредност за граѓаните. Зошто? Затоа што со поголеми и со побројни булевари сообраќајот нема да се намали, но тоа што ќе се намали е зеленилото кое ќе се исече за нивното „соодветно профилирање“ и безбедноста на учесниците во сообраќајот. Како пример, само во изминатата недела бевме сведоци на тешки сообраќајни несреќи од кои дел резултираа со смртни последици: прегазен велосипедист на бул. Кочо Рацин, прегазен пешак на улицата Коце Металец во Железара, тeшка сообраќајка на Партизанска, тешка сообраќајка на Трета македонска бригада. Апсурдно е да се враќаме во-ти век, како што напомeнува претставникот на Град Скопје, и да следиме веќе докажано нефункционални начини на градење инфраструктура во густо населен град, само затоа што „доцниме“ и „не можеме да прескокнуваме фази“.

Зошто да не се водиме од поуките на метрополите, кои својата примарна инфраструктура ја изградиле во 20 век, увиделе дека е небезбедна и не води кон намалување на автомобилскиот сообраќај, па мигрираат кон решенија што го насочуваат автомобилскиот сообраќај надвор од градот, а се фокусираат на ослободување на улиците за безбедни и еколошки превозни средства? Во сообраќајната теорија постои еден концепт што се нарекува induced demand, т.е. „колку повеќе улици, толку повеќе автомобили“. Ова правило што во науката е утврдено врз база на емпириски докази од целиот свет го изговори проф. д-р Никола Крстаноски, од Техничкиот факултет во Битола на презентацијата на BRT на која беше промовиран како врвен експерт за сообраќај токму од градоначалникот на Скопје. Правилото за пропорционално зголемување на бројот на возила со зголемување на инфраструктурата наменета за возила е универзално и не зависи од никакви фази. Освен ако авторот на ставот и претставник на Градот нема намера да каже дека Скопје треба најпрво автоцентрично да се развива, а потоа да се пренаменуваат улиците за други типови на транспорт.

Што е точно, што погрешно, а што манипулативно?

  1. Во Локалниот еколошки акциски план за Скопје (2020-2026) во заглавјето 5.3 Развој на одржлив локален јавен сообраќај (стр. 168) во инженерски мерки за смирување на сообраќајот е наведено и стеснувањето улици. Што значи, не само што тоа е еден од механизмите како да се постигне одржлив локален сообраќај, туку е механизам за зголемување на безбедноста на ранливите учесници во сообраќајот, како што се пешаците, велосипедистите и корисниците на други еколошки превозни средства. Стеснувањето улици освен што ќе демотивира користење возила, ќе придонесе и за намалување на брзината со која возилата се движат низ урбаните средини, што ќе значи намалување на жртвите кои во Скопје се секојдневие. И тоа не треба да се изведе на три, туку на сите улици во градот.
  2. Затоа уште повеќе изненадува неосврнувањето на критиката за широчината на коловозните ленти од 3,5 м (што е дозволениот максимум согласно со Законот за урбанистичко планирање), која соодветствува на движење со брзина од 90 км/ч, наместо да се оди со широчина од 3 м, која соодветствува на брзина на движење од 40-60 км/ч. Впрочем, оваа брзина е и во рангот на дозволената брзина на 2 ленти во населени места. Лошото решавање на улиците односно нивното проширување и адаптирање во корист на автомобилскиот сообраќај, континуирано резултира и ќе продолжи да резултира со недолжни жртви.
  3. Понатаму, во текстот авторот манипулативно избегнува да се осврне на крајно контрадикторното инвестирање на над 20 милиони евра во нови улици и булевари со кои ќе се генерира уште повеќе сообраќај и истовременото субвенционирање на ЈСП со над 8 милиони евра за намалување на загадувањето предизвикано од сообраќајот. И тие 20 милиони за нови улици и тие 8 милиони евра за неутрализирање на ефектот од новите улици се наши, јавни пари, кои неодговорно се трошат во рамки на една иста година на контрадикторни политики.
  4. Во својот став двапати го спомнува Драчево за да потенцира дека ако не се градат улици – до тоа населено место нема да постои поврзување ниту велосипедски патеки. И во право е. Но, зошто кога биле свесни за овој суштински приоритет, работата на ова поврзување е почната во последната година од нивниот мандат? Веројатно зашто нема што да понуди како аргумент, воопшто не ја ни адресира критиката за отсуство на критериум според кој се одлучува што ќе се прави приоритетно, по какви принципи ќе биде дизајнот на сообраќајните решенија и што ќе добиеме како резултат, колку рационално ќе се потрошат јавните пари, како и дека во Градот не се работи базирано на податоци и анализи, нема податоци за жители, за движења, за премерување кои се приоритетни врски во градот и колкав ефект ќе има од изградба на една улица, а колкав од друга (мерено во CO2, во зголемување велосипедски сообраќај итн.). А токму на ова најмногу се темели издржаната констатација „Тоа што за претходните беа спомениците, за овие сега се улиците“.
  5. Во текстот, авторот негира дека новоизградените булевари имаат помали стандарди за пешаци, велосипеди и зеленило за разлика од булеварите кои биле изградени во Скопје во 1970-ти и 1980-ти, додека, пак, стандардите за возила останале исти како оние од 70-тите и 80-тите. Негира дека севкупно новите булевари се потесни како коридор, па делот за пешаци, велосипеди и зеленило се намалува по цена на делот предвиден за автомобили – кој не се намалува воопшто. Односно, негира (дали од незнаење или со цел свесна манипулација на јавноста) дека процентуално гледано, инфраструктурата што ова владејачко мнозинство ја градеше е поавтоцентрична од таа во 1970-ти и 1980-ти и дека улиците што се изградија во последните години се асфалтни писти. Споредбата која ја направивме се однесуваше на тој период од развојот на Скопје, а не на периодот на претходната власт.
  6. Навидум го критикува проширувањето на бул. Климент Охридски и сечењето на дрвјата од страна на претходната власт, па дотолку повеќе нè зачудува фактот што во овие четири години не направија ништо за да го вратат зеленилото и да го намалат бројот на ленти за возила на овој булевар.
  7. При спомнувањето на протестот организиран по повод сечењето на здрави возрасни дрвја на ул. Орце Николов организиран од „Зелен хуман град“, воопшто не ја спомнува причината за организирање на протестот – сечењето на здрави возрасни дрвја. Напротив, ја наведува јавноста да мисли дека се протестирало за некаква баналност и со тоа го потценува здравиот разум на жителите на Општина Центар, како и на активистите за заштита на животната средина, кои беа присутни на протестот.
  8. Зборува за отстранување на билбордите, но не кажува дека тоа се должеше на договор помеѓу градоначалникот и сопствениците на билбордите бидејќи во екот на пандемијата голем дел од бизнисите беа затворени и никој не се рекламираше. Правењето услуга на крупниот капитал лажно си го припишува како нивна заложба за „ослободување на Скопје“ од информациско загадување.
  9. На крајот од своето писание зборува за BRT (Bus Rapid Transit или брз автобуски транспорт), но ова владејачко мнозинство, како и сѐ друго, прави со комплетна исклученост на јавноста – затоа и единствената досега одржана презентација на BRT од страна на Град Скопје беше тајна, за која дури ни советниците од опозицијата не беа известени и мораа да се информираат преку медиумите отпосле. За реализација на проектот BRT ќе се отстрануваат речиси две илјади возрасни дрвја. Непобитен факт е дека она што се носи далеку од очите на јавноста не може да е во јавен интерес.

Јасна разлика?

Во текстот, авторот неколкупати споменува и прави споредба со работењето на претходните власти, па наместо афирмативното „има јасна разлика“, прашуваме „има ли разлика“? Наместо да го слушаат гласот на граѓаните, тие на идентичен начин како и нивните претходници агресивно ја напаѓаат критички настроената маса, притоа повикувајќи се некои мали незначајни подобрувања на мал број на улици и булевари, градењето на булевари се пласира како позитивна промена предводена од некакви анонимни „експерти со завршени школи“, но не се споменува: Разликата во транспарентноста во донесувањето на одлуки за „доброто на граѓаните“. Каде е таа транспарентност, за која толку зборувавме и сè уште зборуваме? Како може некој да знае што е „добро за граѓаните“, без претходно да ги праша и консултира токму тие граѓани, кои кога имаат мислење кое е спротивно на мислењето на владејачката партија се „едуцирани преку социјални медиуми“, а кога имаат мислење кое е во согласност со работењето на партијата на власт, тогаш се „експерти“? Дали граѓаните на ул. Орце Николов се согласија да бидат исечени здрави дрвја на нивната улица? Токму таквото донесување на одлуки зад затворени врати и во рамки на непознат за јавноста „експертски тим“ е всушност истото што го правеше и претходната власт, а со цел покажување на моќ и самоволие, наместо разбирање и соработка со граѓаните.

Кои се „експертите со завршени школи“ кои се споменуваат во текстот и кои се доволно стручни сами да одлучуваат за градот, без притоа да ја консултираат пошироката јавност, а посебно стручната? Сакаме да знаеме кои се луѓето во чиишто раце е иднината на градот и од чија експертиза зависи квалитетот на животот на граѓаните? Како истите овие експерти дојдоа до едногласен заклучок дека изградбата на поголеми и побројни булевари ќе ги реши проблемите на граѓаните? Дали овие експерти направија анализа за позитивните и негативните страни на нивните предлози и решенија? Дали овие експерти имаат усвоен метод преку кој ќе го измерат резултатот од завршениот проект и ќе констатираат дали била успешна односно неуспешна неговата имплементација?

Јасно е дека донесувањето на градските контрадикторни политики се прави нетранспарентно, без вклученост на јавноста, со т.н. експерти, непознати и непретставени на граѓаните, а платени од истите тие граѓани, кои не се чувствуваат безбедно во сопствениот град, а потоа така нетранспарентно донесените политики им се сервираат како единствено решение за проблемите креирани од самите власти.

Одлуките во Скопје мора да се носат со целосна вклученост на засегнатата, со акцент на стручната јавност и мора да се темелат на наука и на објективни факти за градот да се развива праведно и одржливо. Токму тоа е визијата на активистите од „Зелен хуман град“ – безбедни и човекомерни улици, безбеден сообраќај, безбеден град! Град во кој би се чувствувал сигурно кога ќе преминуваш улица, град во кој ќе се чувствуваш сигурно кога ќе го пратиш своето дете на училиште, град во кој нема да татнат автомобили кои возат со недозволена брзина под прозорците на сите граѓани, град во кој брзо и безбедно ќе стигнеш до посакуваната дестинација. Не е важно само да се гради, како што е практика на секоја партија на власт. Тоа што навистина е важно е да се претвори градот во сигурно и убаво место на живеење за граѓаните.

А за да се стигне до таму, потребни се луѓе кои ќе работат транспарентно, ќе ги вклучат граѓаните активно и делотворно во процесите и врз база на научни истражувања и анализа на претходни искуства и пракси заедно ќе го бараат најдоброто решение. „Зелен хуман град“ ги повикува сите граѓани да ја користат платформата „МојГрад“ и да ги доставуваат таму своите предлози за зелено и хумано Скопје. Знаеме дека имаме доволно мудрост и доволно знаење кај нашите сограѓани за низ една цивилизирана и аргументирана дискусија да го обликуваме Скопје во современ, одржлив, достапен и пристапен град.

Со почит, активисти на граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“

СТАВ | Улици или споменици?

Видео на денот