„Раззеленетата“ фонтана зад ТЦ „Бисер“ можно е пак да се врати во функција

фонтана аеродром
Искршените и дотраени плочки, оштетената фонтана и лошата хигиена на просторот позади ТЦ „Бисер“ наскоро ќе станат минато, Фото: Фејсбук

Проектот чини околу 37 милиони денари без ДДВ, а согласно со договорот, реконструкцијата на просторот треба да биде комплетно завршена до крајот на идниот месец.

Искршените и дотраени плочки, оштетената фонтана и лошата хигиена на просторот позади ТЦ „Бисер“ според надлежните во Општина Аеродром наскоро ќе станат минато, а како што информираат од оваа скопска општина, се очекува, едно од најфрекфентните места во овој дел на градот да прерасне во ново збиралиште за скопјани.

На просторот помеѓу ТЦ „Бисер“ и пазарот во Аеродром, од септември наваму  интензивно се работи на хортикултурно уредување на просторот, се заменуваат старите и дотраени плочки со нови гранитни плочки, а според најавите на просторот е предвидено да се изгради и детско катче и ќе се постави и нова урбана опрема.

– Градежните работи почнаа во септември оваа година, со партерно и хортикултурно уредување на просторот зад трговскиот центар „Бисер“. Реконструкцијата на просторот опфаќа замена на постојниот плочник, така што дотраените се заменуваат со нови  гранитни плочи. Проектот предвидува поставување настрешници во средишниот дел на просторот, под кои ќе се изгради детско катче, а во страничните делови ќе има нова урбана опрема за одмор и релаксација на жителите. Проектот чини околу 37 милиони денари без ДДВ, а согласно со договорот, реконструкцијата на просторот треба да биде комплетно завршена до крајот на месец декември, годинава – информираат од Општина Аеродром.

 

Кога станува збор пак за фонтаната која се наоѓаше во централниот дел на просторот кој во моментов се преуредува а беше наполнета со земја и во неа беа засадени најразлични дрвца и растенија, од Општината велат дека, во наредниот период сите фонтани на територијата на Аеродром ќе бидат конзервирани поради ниските температури што се очекуваат.

– На пролет, ќе се размисли за нејзино враќање во првобитна состојба, односно отстранување на земјата од неа и повторно пуштање на водата. Исто така, на пролет ќе бидат ставени во функција и други фонтани кои долго време биле запоставувани и не биле во функција, а се наоѓаат на повеќе локации низ општината – најавуваат од Општината.

Колку за потсетување, пред само неколку месеци, од Општина Аеродром најавија дека постоечките фонтани на нејзина територија или ќе ги уредат хортикултурно или целосно ќе ги реконструираат или пак на некои од нив ќе им биде направена комплетна дислокација. Ваквата своја одлука тогаш ја правдаа со скапото одржување на старите фонтани кои како што изјавија тогаш, тие веќе одамна ја изгубиле својата убавина и функционалност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот