Разумна изјава за името на идниот премиер

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Од првиот ден на независноста никој во Републиката не беше среќен со грчкото инсистирање на промена на името на државата, перцепција што се создаваше кај граѓаните на тогашната опозиција за власта, заради гласови.

Со изјавата дека во заклетвата ќе го користи уставното име на државата, Северна Македонија, идниот премиер ја напушти, најавуваната, усогласена политика со претседателката. Разумно. Без оглед на правната аргументација, тоа беше политика на  заострување на односите со Грција и со западните сојузи. Доаѓајќи од устата на водачот на партијата на македонските националисти, изјавата има уште поголема тежина: партијата и народот да се приспособат на новата реалност без оглед на личните вкусови и сите да се обединиме околу новото име. Воскликот „Никогаш Северна – Само Македонија“ губи од својата силина и реално е да се очекува дека на крајот од мандатот на ВМРО-ДПМНЕ веќе нема да биде алатка за добивање избори.

Од првиот ден на независноста никој во Републиката не беше среќен со грчкото инсистирање на промена на името на државата, перцепција што се создаваше кај граѓаните на тогашната опозиција за власта, заради гласови. Токму спротивното: немаше форум или индивидуална средба на која не беше укажувано на оваа неправда. Кога во 1992 година, во придружба на претседателот Глигоров отидовме на состанок во Белата куќа со Брент Скокрофт, советникот за национална безбедност и Лоренс Иглбергер, државниот секретар, во потрага по поддршка за наше членство во ОН со тогашното уставно име, следеше и овој разговор. Скокрофт ни вели како во светот има повеќе држави кои ги смениле своите имиња, на што јас реплицирав дека нема ниту една која тоа го сторила против својата волја и дека тоа не е праведно. На тоа генералот ми реплицираше дека е праведно ако од тој чин зависи самиот опстанок на државата. Тукушто ја добив една од првите лекции по меѓународна политика.

Можеби уште поважно од „името“ беше и содржината со која ќе се исполни поимот „Македонија“: „словенска“ или „античка“. Тогашната надворешна политика не наседнуваше на античката приказна за Александар Велики, како што сведочат изјавите на претседателот и на министерот за надворешни работи. Но, политички амбиент за ран компромис немаше и на двете страни, иако иницијативата тоа да се случи апсолутно беше на македонска страна. Подоцна, кога државата тргна кон „антиквизација“ ѓаволот ја однесе шегата. Обвинети за кражба на историјата, единствениот спас беше тежок компромис кој, не само што ќе го смени името, туку ќе го испразни поимот „Македонија“ од она што Грците, но и светот, го сметаат за грчко историско наследство. Тешкиот компромис беше Преспанскиот договор со кој се повлече остра линија меѓу нас и Грците: не само територијална, туку и историска.

Еден член на потесното семејство кој не се занимава со политика туку со литература, ми вели дека воопшто не му пречи името Северна Македонија. Ми вели дека не сака да има забуни околу тоа кои сме ние и дека таа дистинкција во однос на Грците ја обезбедува токму „Северна“. Мене, пак, поддржувач на компромис со Грција, сѐ уште ми пречи, но стискам заби зашто е за доброто на народот во меѓународното општество на држави.

Либертас

(Авторот е професор и прв министер за надворешни работи)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот