Разоружување и ТВ-вооружување на Србија

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Ријалити програмата „Задруга“ е олицетворение на бесрамност, разврат, прељуба, пцости, пијанство. Таму криминалец до онесвестување давеше една од учесничките, меѓу кои мнозинството се старлети, па и проститутки, што скандализираат со своето однесување. Речиси по правило се ботоксирани, со надградени усни, гради и задници. Наметнуваат стандарди на „убавина“ што ги следат девојчиња по училишта. Една се фали дека му родила дете на момчето на својата мајка! Двајца браќа-задругари си го променија полот.

Откако истрелите од двете масовни убиства ја мрднаа Србија од летаргија, отворени се неколку фронтови за спречување на насилството, кое со децении продираше во сите пори од општеството: од Парламентот до телевизијата, од улицата до училиштата.

Потресена по двете катастрофи во кои беа убиени 17 луѓе, половината од нив деца, власта го остави за подоцна трагањето по подлабоките причини за социјалната клима што е создадена и се определи со други мерки да го запре повторувањето на крвавите пирови.

За две години се запира издавањето дозволи на оружје (освен ловечкото) и ќе бидат проверени сите постојни дозволи, со задолжително правилно чување – оружјето одвоено од муницијата. Тргна и кампања за „разоружување на Србија“, како што опиша претседателот Александар Вучиќ.

Србија според некои истражување е трета во светот според бројот на парчиња огнено оружје на жител, зад Јемен и Соединетите Држави: вкупно 766.665 парчиња, или по 40 на 100 жители. Бројот несомнено е значително поголем, барем два-три пати, поради арсеналот што не е легален, делумно поради историската „култура на оружје“, а делумно како наследство од времето на последните војни.

Јавноста ги поздрави мерките, но бара енергичен ангажман на уште еден фронт: медиумскиот. Многу бизарни телевизиски содржини, кои децата како клипови ги шират преку социјалните мрежи, директно промовираат насилство и антихерои, од криминалци до осудени воени злосторници. Особено токсични се ријалити програмите, па едно од барањата на масовните протести против насилството, кои ширум Србија собраа десетици илјади луѓе, е укинувањето на двете телевизии со национална фреквенција и распуштање на Регулаторното тело задолжено за контрола на содржините на електронските медиуми.

Според некои истражувања, дури 60 отсто од програмите на двете најпопуларни приватни телевизии „Пинк“ и „Хепи“ сочинуваат програми што под превезот на забава промовираат разни форми на насилство.

„Масакрот во основното училиште е апсолутен доказ дека итно треба да бидат укинати ријалити програмите, тоа е труење“, оценува психологот Жарко Требјешанин. „Профитот што го остварувате од ријалити програми се како да дилате хероин и кокаин“, порача режисерот Срѓан Драгоевиќ.

Но, не чепкајте ги „Пинк“ или „Хепи“. Овие телевизии се информативните бастиони на власта на Вучиќ. Таму претседателот се глорификува, а политичките противници се понижуваат на најбрутален и најпримитивен начин. Јавноста секојдневно се регрутира за пресметка со „предавниците, странските платеници, гнасите, битангите, крадците и неработниците“.

Штом изминаа трите дена жалост поради масакрот во белградското училиште и кај Младеновац, беше отворен баражен оган. Претседателот првиот собир против насилството го нарече „срамен“, иако тоа беше ретко мирна и достоинствена поворка, која во молк изразуваше незадоволство. Пред и по вториот, уште помасовен собир, кој со барем 100.000 учесници веројатно беше најголемиот уште од времето на соборувањето на Слободан Милошевиќ на 5 октомври 2000 година, власта провокативно ја затру реториката.

Вучиќ тврдеше дека зад сето тоа стојат „хиени и мршојадци“, кои ја користат трагедијата за да ги повикуваат луѓето на улици. Не. Тие, меѓу другото, бараа забрана на ријалити програмите што го трујат и го загадуваат јавниот простор.

Ријалити програмата „Задруга“ е олицетворение на бесрамност, разврат, прељуба, пцости, пијанство. Таму криминалец до онесвестување давеше една од учесничките, меѓу кои мнозинството се старлети, па и проститутки, што скандализираат со своето однесување. Речиси по правило се ботоксирани, со надградени усни, гради и задници. Наметнуваат стандарди на „убавина“ што ги следат девојчиња по училишта. Една се фали дека му родила дете на момчето на својата мајка! Двајца браќа-задругари си го променија полот.

Многумина машки учесници „од порано им се познати на властите“, што е еуфемизам за криминално минато. Апсени поради насилство, хероин. Насилници од стадиони, кои пред камери се нафрлаат врз послабиот пол. Ќе да има врска со податокот дека во Србија од почетокот на годината се убиени 17 жени.

Обилно платен, се нудат како примери на „успешноста“ на инстант-генерацијата, во која многумина сакаат сѐ и веднаш. „Задруга“ е гнездо на создавањето на криминализирана Србија, која потоа е на чекор од насилничка Србија. Се поигрува со најниските нагони. Што да се очекува кога озлогласен криминалец, идол на убиецот од Младеновац, во спот сниман во училница на учениците им зборува за „професорите дегенерици“?

Но, „Пинк“ не е само инкубатор на загадувањето на јавниот простор што ги храни апетитите на воајерската јавност. Таа телевизија е олицетворение на медиската моќ и манипулацијата на режимот. Затоа Вучиќ ги брани „Пинк“ и „Хепи“ и ги навредува оние што се уверени дека Србија ќе има помалку насилство ако се упристои. Затоа луѓето излегуваат на улици.

„Пинк“ привремено го запре емитувањето на „Задруга“ од почит кон жртвите на двете масовни пукања, Вучиќ кажа дека таа програма му е одвратна, но веднаш мораше да политизира: колку и ријалити шоуто „Сурвајвер“ на една опозициска телевизија. Светскиот бренд мораше да го изедначи со опскурната телевизиска содржина.

Вели дека може да се разговара за ријалити програмите, па повторно политизира. Целта на оние што бараат нивно укинување не се програмите, туку „мојата глава. Никогаш не сакале ништо друго освен тоа“.

Србија повторно влезе и во опасно заострен период на конфронтација. Претседателот, нескриено лут поради тоа што толку многу луѓе му се оттргнале од контрола и самоиницијативно излегле на улиците, за 26 мај го најави „најголемиот собир во историјата на Србија“. Со вишок нервоза и недоволно креативност се потпре на сценографијата од времето на Милошевиќ. Ќе биде тоа уште еден колосален придонес за поделбите.

Никој нема право луѓето што мислат поинаку толку остро да ги екскомуницира од општеството, вулгарно да ги анатемисува и да ги прогласува за парии. Најмалку тоа го смее претседателот на сите граѓани на Србија, но му се може. Затоа и живееме во земја на парадокси: демократските вредности ги брани оној што полна деценија ги урива, не дозволувајќи општеството слободно да задише.

„Вучиќ е врховниот насилник, кој ликовите од подземјето ги внесе во секојдневието на Србија“, сурово заклучува Јанко Баљак, режисер на култниот документарен филм „Се гледаме во некролог“.

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот