Разговори за театарот со Слаѓана Вујошевиќ: Потрага по нови форми

Разговорите со театарските режисери Александар Поповски, Нела Витошевиќ и Ирена Стеријовска на 22 јули го отворија циклусот снимени „Разговори за театарот во време на пандемија“, што актерката Слаѓана Вујошевиќ ги објавува на Јутјуб. Целта на разговорите е по неколкумесечниот застој во театарската продукција и затворените театри низ целиот свет да се направи обид да се пронајде нова форма на живот за театарската уметност.

Според режисерот и уметнички директор на Словенско народно гледалишче – Марибор, Александар Поповски, најинтересно во целата ситуација е што од сите живи суштества само човекот ги чувствува последиците од пандемијата на ковид-19. „Ова лудило е како автомобил без контрола кој не знаеме каде ќе запре“, забележува Поповски, но според него, „театарската уметност не може да постои на интернет, бидејќи гледање претстави на интернет е како лижење сладолед преку излог“.

– Акциите на интернет се само колку да се покаже солидарност, но театарот не може да функционира така. Во театарот контактот е многу важен и тоа не може да се надомести преку интернет и тој никогаш нема да биде замена за тоа што треба да се случи на сцената – сигурен е Поповски.

Режисерката Нела Витошевиќ веќе има едно искуство со подготовка на виртуелен, или десктоп театар. Неодамна на Јутјуб публиката имаше можност да ја проследи премиерата на претставата „Илузии“, работена со четири актери според текст од Иван Вирипаев.

– Целиот свет се најде во еден нов систем на функционирање. Сите сме експериментални глувчиња врз кои медицината ќе ги испробува своите вакцини. Светот секако ќе претрпи промени, а сите филозофи веќе се занимаваат со редефинирањето на светот. Се надевам дека либералниот капитализам ќе почне да пука по сите свои рабови, бидејќи светот стана крајно суров. Но, се надевам дека пандемијата ќе донесе и добро, дека конечно ќе се свртиме кон образованието, уметноста, хуманоста и кон екологијата. Во однос на театарот, да се биде режисер во ова време е прилично апсурдно, бидејќи без контактот со публиката е речиси невозможно да се открие театарската магија.

Сепак, се вклучив во потрага по нови форми и ја направив претставата „Илузии“. Така, мојот полициски час помина прилично активно правејќи виртуелен театар. Сметам дека и со виртуелниот театар можеме да отвориме некои потиснати мемории од несвесното кај публиката и дека не треба да се прекине со правење уметност во време на пандемија, која на крајот на краиштата, воопшто не знаеме колку ќе трае. Затоа мора да трагаме по нови форми на театарот – вели Витошевиќ.

Затворањето на театрите прилично трауматично го доживеала режисерката Ирена Стеријовска, бидејќи не постоеше период на трансформација. Сега живееме во лимбо период, бидејќи не знаеме колку ќе трае целава ситуација.

– Мислам дека може да биде прилично конструктивен период, бидејќи почнавме да наоѓаме нови визии, форми и простори. Уметноста дури и при најмали потреси трпи промени, а сега со пандемијата трпи сериозни промени. Во овој период уметниците не треба да заспијат, туку треба да излезат надвор од својата комфорна зона и да трагаат по нови можности за експресија – тврди Стеријовска.

Надвор од комфорната зона сигурно е актерката Слаѓана Вујошевиќ, која снимила 40-ина разговори со театарски уметници и секојдневно на Јутјуб поставува по две-три видеа.

– Идејата за ваков проект се роди, пред сѐ, од потребата да се видам и чујам со моите колеги актери, режисери и професори. Сите се најдовме затекнати во несекојдневни, нови и екстремни услови, пред сѐ, за живеење, а потоа и творење. Оттука ми се чинеше корисно да направам една платформа на која ќе можеме да зборуваме за тоа што нѐ вознемирува, провоцира и предизвикува.

При изборот на соговорниците, се трудев да опфатам актери и режисери од скоро сите државни, но и независни театри; професори по практични и теоретски предмети од скоро сите факултети за драмски уметности и едукатори од приватните школи за театар. Се разбира многумина недостигаат, но овој проект го работам единствено со техничка поддршка од колегата Никола Настоски.

Целта на оваа моја замисла е да се оформи една архива на доживувања, размислувања и ставови за театарот во време на пандемија, архива на која ќе можеме да ѝ се навратиме откако сѐ ова ќе заврши и да видиме како стекнатите искуства од пандемијата можат да се употребат за понатамошниот тек на постпандемскиот театар – открива Вујошевиќ.

Покрај разговорите со Александар Поповски, Нела Витошевиќ и Ирена Стеријовска, на Јутјуб се поставени и разговорите со Зоја Бузалковска, Ана Стојаноска, Билјана Радиноска, Милош Б. Андоновски, Драгана Гунин, Бесфорт Идризи, Никола Настоски, Деан Дамјановски, Зорица Панчиќ, Васил Зафирчев, Драгана Костадиновска Лошкова, Ивана Павлаковиќ, Исмет Шабановиќ, а ќе следуваат уште 20-ина разговори, кои премиерно се емитуваат секоја вечер во 19.30 часот на Јутјуб од фб-профилот Разговори за театарот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 41, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 25-26 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот