Разговори со Софија има, напредок – нема!

Фото: Димитар Ковачевски/Фејсбук

Ковачевски рече дека тимовите од двете Министерства за надворешни работи и овие денови комуницираат, со што одговори на обвинувања од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека се водат тајни преговори во Софија.

Нема нови моменти во врска со францускиот предлог за тргање на бугарското вето од македонските интеграции, а во овој момент нема предлог што е прифатлив за двете страни, рече вчера премиерот Димитар Ковачевски. Тој додаде и дека тимовите од двете Министерства за надворешни работи и овие денови комуницираат, со што одговори на обвинувања од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека се водат тајни преговори во Софија. Според премиерот, ставовите на Владата се исти како оние што тој ги искажа минатиот четврток во Брисел пред состанокот на Советот на ЕУ.

– Нема ништо ново. Како што ви кажував и досега, процесот со Бугарија се води од страна на МНР, кое со своите експертски тимови разговара со МНР во Бугарија. Кога ќе има прифатлив предлог од двете страни, тогаш ќе може да биде ставен пред институциите во Северна Македонија. Во овој момент таков предлог нема – рече Ковачевски.

Премиерот го отфрли францускиот предлог за преговарачка рамка како неприфатлив во сегашната форма, со можност разговорите да продолжат ако се направат прифатливи измени. Македонија има три клучни барања за рамката – целосно признавање на македонскиот јазик, историските прашања да не бидат дел од неа и преговорите да почнат пред внесувањето на Бугарите во Уставот. Бугарија, пак, го прифати францускиот предлог, а францускиот претседател Емануел Макрон најави дека продолжуваат разговорите.

ВМРО-ДПМНЕ вчера уште еднаш го обвини Ковачевски за тајни преговори и го повика на транспарентност. Во партиското соопштение се потенцира дека во Софија преговара тим од Владата, а не од МНР.

„Што бара владиниот тим во Софија и дали Ковачевски повторно ќе кажува дека не го видел предлогот што го преговараат негови луѓе? Ковачевски со неговото лажење ја загрози државата и македонската евроинтеграција. Со предлогот каков што го преговараше Ковачевски, Македонија за да влезе во ЕУ треба да се бугаризира. Од првичните намери беше спречен од народот, академската заедница, новинарите, колумнистите и од ВМРО-ДПМНЕ. Дали сега повторно на мала врата преговара нешто што удира по македонските црвени линии, па после ќе кажува дека не го видел предлогот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, шефот на дипломатијата Бујар Османи и неговиот претходник Никола Димитров  жестоко се обвинуваат меѓусебно кој што прифатил и кој што згрешил во преговорите со Софија. Османи го обвини Димитров дека во 2019 година потпишал билатерален протокол со кој, меѓу другото, Македонија се обврзала да го прифати бугарско гледиште кон Илинденското востание, а тоа да се именува како „Илинденско-преображенско“, термин што го користи бугарската историографија. Тој на Фејсбук објави копија од бугарскиот примерок, додавајќи дека документот го нема во архивите на МНР.

„Не сметам дека имал лоши намери тогаш, но нема да го премолчам неговиот обид сега да се пенави на нашиот обид да направиме пристоен Протокол, во кој нема да се обврземе за содржината, туку за принципите на нашата работа“, напиша Османи.

Димитров му одговори дека се занимава со „БГНЕС-спинувања“ и тера пропаганда. Тој вели дека тој протокол е потпишан во јуни 2019 кога немаше вето, што е голема разлика.

„Во тоа време протоколот беше навистина билатерален, а се работеше без уцена“, одговори Димитров. Тој додаде и дека во македонската верзија на документот „Илинденското востание е Илинденско востание и никако поинаку“ и дека е интересно што  Османи нашол некоја бугарска верзија, а не македонската. Зошто токму денес ви се губат документи од архива можеме да претпоставиме. Одговорете и реафирмирајте ги македонските позиции, па потоа слободно продолжете со личната опсесија“, напиша Димитров.

Местото на т.н. протокол е главната пречка македонската страна да го прифати францускиот предлог. Предлогот на Париз е тој да биде во Рамката, но Скопје се противи, затоа што така ќе се вметнат и нерешените историски прашања во преговорите за членство. Протоколот е практично записник што се потпишува на состанок на меѓувладина комисија на чие чело се двајцата министри за надворешни работи и во него се договараат активностите за следниот период и прашањата што треба да се разгледуваат.

Радев очекувал повеќе од Протоколот

Шефот на бугарската држава Румен Радев го оцени францускиот предлог како добар, но посочи дека билатералниот протокол меѓу Софија и Скопје е исклучително важен.

– Очекував повеќе од него бидејќи има гаранции и детали за други прашања. Францускиот предлог ги гарантира правата на граѓаните, но и нашето културно и историско наследство, промената на учебниците, искоренувањето на говорот на омраза… Овој протокол го обезбедува механизмот со кој европските институции ќе следат и контролираат, ќе носат одлуки за корекции во овој долг преговарачки процес. Токму тоа треба да се разбере. Ако во јануари ја добиев поддршката од нашиот премиер и другиот партии, ова не би го направиле во последен момент – рече Радев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот