Разговор со Владимир Мартиновски: Кризите природно нè тераат да се преиспитаме за многу работи

Професорот, писател и поет Владимир Мартиновски неодамна почна да објавува сонети на тема поврзана со ситуацијата со коронавирусот на својот фејсбук-профил, а тука открива повеќе можни причини за неговата инспирација.

Независно дали е во функција на промотор или, пак, како пријател и читател на делото на авторот, професорот, писател и поет Владимир Мартиновски е еден од најактивните посетители на културните, особено книжевни, настани.

Периодот на социјална изолација и полициски часови поради ситуацијата со коронавирусот принудно го „заклучи“ дома, но тоа не го спречи да биде активен во полето на книжевниот израз. Неодамна почна да објавува сонети инспирирани од животот во изолација на својот фејсбук-профил.

– Сонетот е поетски облик што ме привлекува одамна. Бара голема кондензација на изразот, а и постојано треба да се балансира меѓу звукот и значењето. Затоа Никола Боало вели дека добриот сонет вреди колку цел еп. Пред десетина години објавив еден мал циклус сонети во книгата „Квартети“, а еден од нив е преведен на дваесетина јазици.

Неодамна му се вратив на сонетниот облик и со голем мерак напишав неколку сонети за деца. Од пред неколку денови, сосема ненадејно напишав една мала серија сонети поврзани со кризнава состојба во која е целиот свет. Ни сам не знам зошто сонетот ми се виде како соодветна форма за поетско соочување со актуелниве состојби. Можеби, бидејќи кризите природно нè тераат да се преиспитаме за многу работи. Можеби, затоа што кога сонетот се калел како поетски облик и тогаш во светот имало страшна, разорна пандемија. Можеби, сонетите што ги пишувам деновиве и ги споделувам преку интернет, некогаш ќе се најдат меѓу кориците на некоја идна книга, открива Мартиновски.

Покрај поетската инспирација, „принудниот одмор“ од културни настани Мартиновски интензивно го користи, пред сè, за читање, но и за паралелна работа на неколку ракописи. Некои ги редактира и привршува, а некои ги скицира. Обично се вели дека тешките времиња даваат многу инспирација за уметниците, а актуелното „седење дома“ тој го чувствува како дел од креативниот процес.

– Откога постои човекот, се создава уметност, а времињата биле доволно тешки за да има нови дела во сите уметности. Независно од надворешните околности, осамувањето е еден дел од творечкиот процес. Уметниците често се во доброволен карантин и во најдобри времиња. На прв поглед, седењето дома е најлесната работа на светот. Но, кога се седи дома принудно, поради реална закана, која секојдневно одзема илјадници животи на глобално ниво, тогаш, како што сите гледаме, воопшто не е лесно. Не ни е лесно ако сочувствуваме со луѓето што ги губат своите блиски, со луѓето што губат работа или стравуваат од неизвесноста. Како и порано така и сега, кризата од многу луѓе ќе го извлече најдоброто, а од уметниците нови дела, смета Мартиновски.

Марсовска песна

На планета каде сите носат маски
И кај што секој од секого се плаши
(Празнејќи конзерви дур скапуваат праски)
И каде нè делат на „наши“ и „ваши“

Кај што в коски си садиме семиња страв
(И кај што човек од човек фаќа штрафта)
И кај што в кафез е и последниот лав
И сите по дома си ја чистат правта

На планета на која грев e да кивнеш
А дур горат шуми секој глуми невин
(И од лоши вести не можеш да здивнеш)

На планета бетонирана без треви
(Кај што глупоста заразно зема замав)
На таква планета вонземјанин станав

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 27, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-20 април 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот