Разговор со визуелната уметница Весна Стефановска: Станав сојузник со просторот

По отворањето на изложбата „Во длабоко и танцувајте“ на визуелната уметница Весна Стефановска, се искачивме на Кале и во Музејот на современата уметност се сретнавме со уметноста, но и со личноста на авторката.

Непосредна, пријатна и инспиративна беше средбата со Весна Стефановска во Музејот на современата уметност, каде до 23 септември ќе биде поставена нејзината изложба „Во длабоко и танцувајте“. Делата со кои се претставува откриваат внатрешен свет што не се задржува на површината, туку длабоко понира низ слоевите на современата цивилизација, а изведбата на самите дела изгледа толку едноставно и практично, како да станува збор за тегли со слатко во домашниот шпајз.

Иако некои од делата се реализирани пред повеќе години, во галеријата се споени во компактна целина што открива чист и рафиниран визуелен естетски израз. Авторката веќе е во Париз, каде што живее и работи, но пред да замине успеавме да добиеме одговор на неколку наши прашања.

Како би можеле да ја дефинираме Вашата изложба во Музејот на современата уметност во Скопје, бидејќи од една страна има дела создадени пред повеќе години, а од друга страна, сите заедно создаваат компактна целина?

– Можеби наједноставно би било да кажам дека тоа е ретроспективна изложба. Во суштина тоа е ретроспективна изложба во однос на тоа што ги регрутира сите мои истражувања во последниве 20 години. Делата биле изложувани на различни места и во различни прилики. Тоа е ретроспективниот аспект. Меѓутоа, ниту едно од делата што се поставени во галеријата на МСУ во Скопје не е повторено. Делата се нови на тој начин што за секоја поставка се прилагодувам на дадениот простор. Делото по форма може да се измени, но доживувањето на делото останува исто. Така изложбата е и не е ретроспективна.

Со делото „В кревет“ авторката Стефановска изведе перформанс на отворањето на изложбата

Има и сосема нови дела што никогаш претходно не биле реализирани. Тоа се инсталацијата „В кревет“ (Bed time), со која имав перформанс на отворањето на изложбата на 4 септември, редимејдот што е на влезот на изложбата „Во длабоко и танцувајте“, редимејдот „Часовник“ и инсталацијата „Средна класа“. Така што поголемиот дел од изложбата, практично се новореализирани дела.

Живеете и работите во Париз. По колку години самостојно се претставувате во Скопје?

– Мислам дека поминаа 21 година. Последен пат во Скопје изложував во склоп на изложбата „Нарцисизми“, која беше некаде во 1999 година на „Скопско лето“. Тоа беше изложба на авторки од тогашната современа ликовна сцена што беше поставена во МСУ, што значи по 20 години се враќам во истиот простор.

Што беше причина за толку долгото отсуство од „дома“?

– Животот! Во Париз живеам од 2000 година. Од Македонија заминав во 1997 година, по мојата дипломска работа и самостојната изложба во МКЦ. Тргнав за Њујорк, но стигнав до Прага, а завршив во Париз. Во Прага студирав на академијата за уметност, архитектура и дизајн со применети уметности во класата на професорот Курт Гебауер, кој самиот по себе е институција во Чешка. По три години студии во Прага го открив Париз и францускиот јазик. За мене тоа беше вистинско откритие, и јазикот и менталитетот, и затоа се преселив и живеам во Париз. Иако немав намера да останам толку долго, бидејќи за себе велам дека сум номад, односно никаде не би сакала да останам премногу долго. Со мојот начин на размислување секаде би можела да бидам „дома“, односно дома сум таму каде што можам непречено да набљудувам. Сепак, факт е дека сега во Париз се чувствувам „дома“.

Секаде би можела да бидам „дома“, односно дома сум таму каде што можам непречено да набљудувам – Весна Стефановска пред делото „Во длабоко и танцувајте“

Колку успевате процесот на работа што е прикажан на изложбата во Скопје да го задржите и таму?

– Кога спомнав дека сум номад, тоа се однесува и на мојот начин на работа. Во Париз немам свое ателје во кое работам, односно работам секаде. Просторите во кои работам, сѐ уште, се ателјеата во мојата душа во кои сум работела во детството и во младоста, како Сули ан додека студирав, ателјеата во Прага, музеите и галериите во кои сум изложувала. Значи имам еден посебен однос кон просторот во кој работам. Уште за време на студиите не знаев каде да ја бранам мојата дипломска работа и морав да го решам проблемот со просторот.

Некогаш од не знаење или инстинктивно носиме одлуки што се генијални. Тогаш решив моите скулптури да ги направам по модул и да се ослободам од надворешниот простор. Таа одлука за модуларен пристап во делата засекогаш ме ослободи од просторот како ограничување. Дури тогаш просторот ми стана сојузник и мојата уметничка работа можам да ја претставам во секаков простор. Изложбата „Во длабоко и танцувајте“ ја конципирав за галеријата на МСУ, но имам уште многу дела во моите мисли што чекаат соодветен простор и време за реализација.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 48, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот