Разговор со виолинистката и диригентка Ана Спасовска: Енергичен израз на музичката зрелост

Младата виолинистка и сѐ поуспешна диригентка Ана Спасовска има прилично интензивен период на настапи и речиси во лет ја сретнавме за да ни ги открие сите свои сегашни и идни планови.

Камерно-солистичкиот концерт „Мој роден град“ ми беше прва можност да се запознаам со изведувачките вештини на Ана Спасовска на виолина. Претходно го проследив нејзиниот бис како диригентка во рамките на концертот на Европскиот креативен оркестар при институтот „Фаме’с“. Со истиот оркестар овие денови настапува и во Сплит, Хрватска.

Со целата своја динамика на живеењето и енергичност во изведбата на делата, Ана Спасовска е вистински пример на млад музички талент. Тоа годинава беше потврдено и на голем интернационален музички натпревар за оркестарско диригирање во Сегед, Унгарија, каде меѓу деветнаесет извонредни диригенти таа го освои првото место.

На виолина почнала да свири на деветгодишна возраст. Нижото и средното музичко образование ги завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје во класата на професорката Александра Младенова. Студиите ги продолжува на Факултетот за музички уметности во класата на професорот Олег Кондратенко.

Во 2018 година Спасовска почнала да студира и втор отсек – диригирање на ФМУ во класата на маестро Борјан Цанев. Потоа следувале и учества на семинари за диригирање на маестро Урош Лајовиц, со кого ја продолжила соработката и во следните години. Настапила на многу фестивали, член е на оркестарот „Фаме’с“ од 2018 година, а својата кариера ја развива и како виолинистка и како диригентка.

Минатата недела настапи на камерно-солистичкиот концерт „Мој роден град“ на 45. Денови на македонска музика. Како се појави можноста за настап и колку време се подготвуваше за концертот?

– На мое големо задоволство бев поканета повторно од страна на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) на Денови на македонска музика 2022. Овој пат со целовечерен концерт „Мој роден град“, заедно со моите почитувани и драги колеги Елена Атанасовска Ивановска на пијано и Дејан Теодосиевски на виолончело. Знаејќи за важноста на овој настан, а воедно и другите наши ангажмани, концертот го подготвувавме околу два месеци.

Својата кариера ја развива и како виолинистка и како диригентка

На програмата беа дела од македонски композитори. Каков предизвик е да се свири македонска класична музика?

– За мене претставува голем предизвик да се свират дела од македонски композитори пред македонска публика. Но, истовремено е задоволство да се истражува македонското уметничко музичко творештво и е од огромна помош да се комуницира со композиторите на делата што се изведуваат, споделувајќи идеи и инспирации.

Диригирањето се појавува како втора љубов или планираш понатаму да ги развиваш двете професии?

– Според мене, доколку за еден инструменталист е најдобро да се почне што порано со инструментот, за диригирањето е клучна музичката зрелост. Многу е важно еден диригент да свири инструмент и да ги разбира проблематиките на инструментите во оркестарот. Планирам во иднина да ги негувам двете професии, бидејќи една без друга не оди.

Многу е важно еден диригент да свири инструмент и да ги разбира проблематиките на инструментите во оркестарот / Фотографија: Маја Аргакијева

На каков натпревар учествуваше во Сегед, Унгарија, пред извесно време?

– Натпреварот во Сегед, Унгарија, беше за мене едно огромно искуство – тридневен семинар и во следните два дена интернационален натпревар во три етапи. Јас бев единствена претставничка од Македонија и од Балканот. Деветнаесет извонредни диригенти, кои веќе имаат кариери, беа дел од натпреварот и горда сум што токму јас сум избрана за победник. Членови на комисијата беа професор Рудигер Бон (еден од најуспешните професори на диригентски класи во Европа), маестро Томас Зандерлинг (еден од најпознатите диригенти на минатиот век – асистент на големите Бернштајн и Карајан) и Гујди Сандор (генерален и уметнички директор на Операта во Сегед).

Каков е распоредот на следните концерти на кои ќе настапиш?

– Мојот прв настап после Сегед беше сосема неочекуван. На мое големо задоволство, освен што бев дел од оркестарот на институтот „Фаме’с“, настапив и како диригент на бисот „Капричо“ од македонскиот композитор Драган Шуплевски. Следниот настап ми е повторно во улога на диригент. На 7 октомври во Софија, со Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио.

Го најавувам и концертот на гудачкиот оркестар „Ајга“ на 31 октомври во Филхармонија, што ќе биде под мое диригентско водство. Тогаш на сцена ќе бидам заедно со нашите солисти Маја Чанаќевиќ, Владимир Костов, Горан Јанев, Елена Атанасовска и Ивона Базгалоска.

Всушност, оркестарот ќе го има својот прв концерт на 3 октомври, со наслов „Барокна рефлексија“, повторно во малата сала на Филхармонија, со гости диригент и солист од Германија. На програмата ќе бидат дела од барокни композитори и од македонските творци Властимир Николовски, Александар Лековски и Благој Цанев.

По концертот на 31 октомври, ќе се припремам за мојот прв целовечерен концерт како гостин диригент со Унгарскиот национален симфониски оркестар, каде што ќе го диригирам едно од моите најдраги дела, „Шехерезада“ од Николај Римски – Корсаков.

Би сакала кратко да ги запознаам вашите читатели со ансамблот „Ајга“, за кој допрва ќе се слуша. Идејата произлезе од неопходноста да се оформи гудачки оркестар што ќе го проследи во својот опус творештвото од музичкиот барок до денес, со особен акцент на современите автори. Ансамблот е составен од млади, но веќе добро познати имиња на класичната музичка сцена во Македонија, со што ќе дојде до израз нивната енергија, полетност, но и исполнителска зрелост.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 148, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2 октомври 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот