Разговор со Васко Мавровски за големиот јубилеј на Народен театар Битола: Враќање на театарот на народот

Васко Мавровски, в.д. директор на НУ Народен театар Битола / Програма за прославата на јубилејот / колаж

Битолскиот народен театар во новата сезона влезе со мотото „Театарот повторно твој“, а првиот предизвик со кој се соочува колективот и раководството на театарот е одбележувањето на големиот 80-годишен јубилеј.

Народен театар Битола деновиве прославува 80 години од првата претстава на својата сцена. Големиот јубилеј е предизвик да се одржи традицијата што ја востановиле претходните генерации, но и можност актуелниот ансамбл на театарот да се покаже во најубаво светло.

Со концептот и организацијата на прославата на јубилејот раководи Васко Мавровски, в.д. директор на НУ Народен театар Битола.

Со каква програма ќе биде одбележан големиот јубилеј?

– На 14 ноември НУ Народен театар Битола прославува 80 години од одигрувањето на првата претстава на македонски јазик во слободна Битола, едночинката „Ѓоре Магаревски“ по текст на Владо Малески, со што беа поставени темелите на оваа најстара театарска куќа во Македонија. Во чест на овој голем јубилеј со свои претстави ни гостуваат колегите од Македонскиот народен театар, Драмски театар Скопје и Театар „Џинот“ од Велес.

Покрај гостувањата подготвуваме и нова премиера „Ѓоре Магаревски – 80 години потоа“, а во завршна фаза е и монографијата „80 години НУ Народен театар Битола“. Подготвуваме и изложба на плакати и фотографии од нашиот пензиониран тон-мајстор, фотограф, графичар, единствениот македонски автор што добил награда за најдобра музика на фестивалот „Стериино позорје“, Христо Бојаџиев, а паралелно работиме на подобрување на условите за работа со мали реконструкции на просториите низ театарот.

Во завршна фаза е и подготовката на трајна постановка на сите награди и признанија што ги добил Народниот театар од Битола, која ќе биде поставена во фоајето пред големата сала.

Главната свеченост е најавена за 14 ноември, кога треба да се случи премиерата на претставата „Ѓоре Магаревски – 80 години потоа“. За што станува збор?

– За мене, како раководител на оваа институција, вистински предизвик беше да се навратиме назад во историјата и по 80 години повторно на сцената да ја поставиме претставата со која овој театар почнал со работа. Фасцинантен е фактот што основачите на овој театар само за десет дена по ослободувањето се одлучиле да направат претстава и, како што самите кажуваат во своите мемоари, не станувало збор за уметничко дело со високи уметнички квалитети, но со подигањето на завесата и стоечките овации на публиката започнала ерата на новиот слободен театар во кој се зборувало на македонски јазик.

Темите за дволичноста, предавството, лажниот патриотизам, со кој се занимава претставата, за жал, и денес се актуелни, можеби повеќе од било кога, и веројатно тоа беше и пресудно при изборот на текстот. Претставата ја режираат тројцата вработени режисери во НТБ, секој со своја верзија и прочит на оваа едночинка и сите три парчиња ги поврзува една слична приказна, дело на нашиот драматург Билјана Крајчевска. Во претставата игра целиот ансамбл на НТБ и двајцата пензионирани актери Соња Михајлова и Петар Мирчевски. Мислам дека публиката ќе има можност да ужива во еден модерен спектакл испреплетен со многу историја и современи театарски решенија.

Сцена од претставата „Грешниот Захарије“ (1987)

Низ историјата Битолскиот театар со неговата актерска и уметничка екипа оставаат силна трага во театарскиот живот во Македонија. Како сегашната генерација во театарот ги продолжува трагите на своите претходници?

– НТБ отсекогаш бил светол пример за тоа како би требало да функционира една успешна театарска институција. Со повеќе од 300 лични и колективни награди и признанија минатите генерации, особено во 90-тите години, го достигнаа врвот и сите нас нѐ задолжија да ја продолжиме таа успешна приказна.

Многу е неблагодарно да се прават споредби, но лично сметам дека оваа нова генерација има голем потенцијал за продуцирање на репрезентативни претстави и сметам дека успехот и бомбастичното враќање на врвот ќе ни се случи кога вистинските луѓе ќе се најдат на вистинското место во точно време, а тоа веројатно најмногу ќе зависи од работата на менаџерскиот тим и уметничкиот совет. Верувам во подобри времиња за театарот, воопшто, и верувам дека колективот на НТБ во иднина ќе испорача сериозни резултати.

Со какво мото ја конципирате работата на Битолскиот театар откако ја преземавте раководната функција?

– Како „театарско дете“, кое од 1986 година покрај мојот дедо Петар Стојковски Бабец растело во Битолскиот театар и како менаџер во културата во последните 15 години со мојот „Бабец театар“ и фестивалот „Битолино“, имам увид во развојот и проблемите со кои се соочува театарот. Кога ја добив задачата да раководам со оваа институција првото нешто со кое се соочив беше статистиката и бројките на посетеност, кои во 90-тите биле 560.000, а во последните 10 години се намалиле на 130.000 гледачи.

Овие поразителни бројки некако природно ја одредија насоката во која во иднина ќе се движи НТБ, а тоа е комплетна промена на репертоарската политика и враќање на публиката во салите на театарот. Моето мото е „Театарот повторно твој“, театарот повторно со претстави за деца и тинејџери, театар во кој ќе творат македонски режисери и драматурзи, театар со претстави од битовата македонска драматургија, комедии, светски класици итн., односно репертоар за сите „од 7 до 77 години“ (оваа фраза во минатото се пишуваше на плакатите на НТБ).

Ќе биде тежок и макотрпен процес да ја вратиме веќе еднаш изневерената публика, но сметам дека сме должни сите заедно да го вложиме својот максимум од силите за да биде НТБ повторно место во кое битолчани со задоволство ќе доаѓаат, бидејќи без публиката ние денес немаше да бидеме тоа што сме.

Сцена од претставата „Галеб“ (2024)

Во Битола има рафинирана и посветена театарска публика, која знае да го препознае квалитетот на актерските изведби. Каква е заемната комуникација помеѓу театарот и публиката?

– Во Битола е многу тешко да „продавате“ театар што не исполнува високи уметнички квалитети, многу е тешко да создавате уметност која е разбирлива и податлива само за мала група вљубеници во театарот. Игнорирањето на барањата на публиката за продуцирање одреден тип претстави и форсирањето репертоар што единствено содржи некакви нови и неразбирливи театарски форми, кои агресивно пропагираат нечии политички агенди во Битола, доведе до целосно губење на комуникацијата со публиката.

Процесот на реализација на новата визија на театарот за во иднина „Театарот повторно твој“ имено ќе се темели на враќањето на комуникацијата со публиката и враќање на театарот на народот, бидејќи ние сме, пред сѐ, народен театар, а не театар кој припаѓа на некаква квази-елита.

Во овој период Битолскиот театар имаше неколку гостувања, премиери, но и други театри гостуваа на неговата сцена. Колку соработката со други театри и фестивали е важна во развојот на театарската куќа?

– Соработката со театрите од Македонија и светот е една од најважните алки за правилен и брз развој на НТБ. За наша среќа, вратите насекаде ни се отворени и имаме можност директно да комуницираме со наши колеги што својот живот, исто како нас, го посветиле на театарот.

Во иднина овие гостувања сакаме да ги претвориме во соработки и реализација на нови заеднички проекти со театри и креативни екипи кои ќе внесат свежина во нашиот ансамбл. Отворени сме за соработка и за во иднина најавуваме неколку вакви проекти, кои ќе се темелат на дифузија на креативци и кои ќе бидат реализирани со македонски театарски куќи.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 255, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.11.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот