Разговор со Тони Манџуковски Манџук: Импресија од младоста на Никола Тесла

Необичната поема „Како ти и јас“, пишувана на хрватски, препеана на македонски и на англиски јазик, од Тони Манџуковски Манџук, својата промоција во живо и онлајн ја имаше на 9 јули во „Тесла бар“, во рамките на програмата на „Скопско лето“.

Силната фасцинација од ликот и делото на научникот и брилијантен ум, Никола Тесла, е основната енергија што го натерала електроинженерот Тони Манџуковски Манџук да ја напише љубовно-патописната поема „Како ти и јас“. Самата книга има необичен формат, но уште поголем впечаток остава самата содржина на поемата.

Во рецензијата со наслов „Имагинациската лирска пловидба на Тони Манџуковски Манџук“, поетот Ефтим Клетников, меѓу другото, забележал дека станува збор за „аргонаутска имагинациска пловидба на духот и душата остварена во стилот на, речиси, молскавично поетско озарение“, но и дека „и јазикот и предметот / темата во поемата се во убав спој на фасцинација и дестилација, на кристализација на палимпсесните слоеви на имагинацискиот набој и слики од кои излегуваат стиховите на начин на кој, како што би рекол Пол Валери, морските бранови ја изнесуваат длабочината на брегот“.

Иако Тони Манџуковски Манџук по професија е ИТ систем инженер и магистер по електротехнички науки, паралелно се занимава и со пишување проза, поезија, сценарија за уметнички перформанси. Досега објавил пет книги: „Скалила кон градот на пингвините“ (1999 година, збирка на проза, поезија и фотографии), „Скршениот шестар“ (2001, еколошка бајка во 9 чина), „Аквадукт“ (2005, дузина кратки раскази), „Анализа на електромагнетните појави во двобрзински еднофазен асинхрон кондензаторски мотор“ (2013, магистерски труд) и „Аманет“ (2015, дуодрама). Поемата „Како ти и јас“ е негова шеста книга.

Стихови од поемата во форма на видеопорака на промоцијата рецитираше актерот Сашко Коцев, додека колегата од електроинженерската и ИТ-сферата, Томислав Шуминоски, го откри своите најсилни впечатоци од делото.

– По прочитувањето на поемата останав без зборови. Како што останува човек по откровение на највисокото, на нешто возвишено кое е достапно само на духот. Нешто што секој во себе го носи, но поради низа причини, пречки, животни околности, обврски и искушенија, ете не успеал да го допре, или да се идентификува или нурне длабоко во тоа што е. Длабоко, длабоко како љубовта која е опишана во ова поема. Токму така, едноставна е вистината, а ретко допрена – откри Шуминоски.

Деветте дела од поемата „Како ти и јас“ на Манџук се читаат во еден здив, но сакавме да откриеме што беше пресудно во нејзиното создавање лично од авторот.

Што беше првичната инспирација за љубовно-патописната поема „Како ти и јас“ и од каде се појави импресијата на Тесла од младоста?

– Минатата 2019 година беше доста турбулентна, со големи настани и случувања, како во светот, така и кај нас. Таа година посетив шест града, кои се доста важни и интересни за мене (Истанбул, Милано, Будимпешта, Виена, Загреб и Белград). Турбулентни настани ми се случија и на приватно поле, кои резултираа и со промена на работното место. Шетајќи по виртуелниов свет, налетав на единствената сочувана поема на Никола Тесла, „Фрагменти од озборувањата на Олимп“, напишана во 1920 година. Сето тоа резултираше со повторно воскреснување на вечната инспирација и енергиите на три лика: на Јас и на Ти, Ти како муза, како љубов, како страст и на взаемното „Како Ти и Јас“, кое е резултат на резонанција и вибрација на енергиите.

Со помош на катализаторот, музиката од бендот „Азра“, како и песните и улогите на актерот и боем Раде Шербеџија, како главен лик во ТВ-серијата од 1977 година за Никола Тесла, веќе се создаваше „костурот“ на новото дело. Тоа резултираше со девет дела (интро, шесте града, јас во мојот роден град и повторно интро).

Следејќи го својот стил на пишување, со малку зборови да се кажат многу работи, веќе се разоткриваа контурите на ова дело. Кога ќе се додаде и биографијата на Никола Тесла, посебно младоста, период кога се формира една личност, се направи спојот кој на „костурот“ му даде „мускули“ и „органи“. Во тек на една година, дојде и „душата“ на делово, кога се добрусуваа зборовите, речениците, стиховите. Првин на хрватски, а потоа и на македонски, а препеани и на англиски јазик. Сега делото, по промоцијата на „Скопско лето“, ќе се „движи“ кон читателите и верувам дека ќе побуди преку неговата фреквенција соодветна резонанца на енергиите кај нив.

Најважно од сѐ е да постои љубов, сочувство и убавина, а тоа се и основните елементи на космичкото јадро, за кое и големиот Никола Тесла зборува преку своите дела

Како дипломиран електротехнички инженер, што личноста на Тесла значи за тебе?

– Никола Тесла е мистичен лик и многу значаен за развојот на човештвото. Како резултат на неговата работа денес голем дел од животот го живееме користејќи ги неговите пронајдоци. Проучувајќи го стручно преку процесот на образование, со ова дело решив да ја согледам и претставам и неговата друга страна, духовната. Резултатот од тоа го давам на проценка на читателите, преку тријазичната љубовно-патописна поема, е импресија од неговата младост.

Работиш како електро и ИТ инженер, а „Како ти и јас“ е твоја шеста книга. Меѓу претходните има и драма и раскази и еколошка бајка и поезија и проза… ти ја бараш инспирацијата или таа те наоѓа тебе?

– А што е инспирацијата? Често сум размислувал на ова прашање. Одговорот е во енергиите што ги носиме, резултат на повеќе фактори. Најважно од сѐ е да постои љубов, сочувство и убавина, а тоа се и основните елементи на космичкото јадро, за кое и големиот Никола Тесла зборува преку своите дела. Погледнете околу себе, во себе и дајте сѐ од себе, инспирацијата е во сите нас.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 39, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 11-12 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот