Разговор со Тина Иванова, директорка на НУ Филхармонија: Крајниот резултат даде магија

Официјалниот дел од концертната сезона 2021/2022 на НУ Филхармонија беше заокружен на 19 мај со грандиозниот концерт „Слобода“, а тоа беше повод со директорката Тина Иванова да направиме резиме на целата сезона.

Оркестарот на Филхармонија предводен од диригентот Бенџамин Шварц (Израел/САД) заедно со Камерниот оркестар на Филхармонија под диригентската палка на Ангел Спироски, Националниот хор на Софиската филхармонија, подготвен од Славил Димитров, и Детскиот хор при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, подготвен од Бехар Весели, го изведе делото „Реквием за војната“ од британскиот композитор Бенџамин Бритн.

На концертот настапија и солистите Весна Ѓиновска-Илкова (сопран), Стеван Каранац (тенор, Србија) и Горан Начевски (баритон). Комплексното музичко дело кое носи силни пораки за хуманоста и слободата беше изведено во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Делото на Бритн звучеше возвишено и волшебно, а публиката имаше можност уште еднаш да се увери во врвните изведувачки перформанси на нашата Филхармонија.

Со концертот „Слобода“ националната Филхармонија за првпат настапи во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“

Со грандиозен концерт со наслов „Слобода“, на кој беше изведено делото „Реквием за војната“ од Бенџамин Бритн, го затворивте официјалниот дел од сезоната на Филхармонија. Каков предизвик беше поставувањето на ова монументално музичко дело и која беше пораката на делото?

– Можеби поставувањето на ова дело беше еден од најголемите предизвици во последниот период со кој се соочи нашата институција. Од технички, организациски, изведувачки аспект. Но, желбата беше преголема, а уште подлабока е и пораката којашто „Реквием за војната“ ја носи – во ова дело е вткаена вербата во хуманоста, тоа е израз на длабоко сочувство кон жртвите во војните, дело кое зборува за мир во немирно време (впрочем, кое време е мирно?), но дело кое го изразува крикот кон ослободувањето.

Концертот беше насловен „Слобода“ и не само поради суштината на „Реквием за војната“, не само поради идејата на Бритн и поезијата на Вилфред Овен, чии стихови се проткаени низ музиката, туку и поради слободата во сите нејзини значења и прашања што ги поставува: Дали човекот може да биде слободен и кога не е зад решетки, и кога нема војна, и кога нема предрасуди, и кога нема болести и пандемија…

За слободата може многу да се зборува, но јас знам дека човекот е слободен во миговите кога ја восприема музиката, затоа што таа нема бариери, а човечката мисла и фантазија во тие мигови се како птица. Среќна сум навистина што сѐ помина во најдобар ред, и благодарна сум на сите учесници на сцената и зад сцената, што го дадоа својот креативен влог и што работеа со силен ентузијазам.

Човекот е слободен во миговите кога ја восприема музиката, затоа што таа нема бариери, а човечката мисла и фантазија во тие мигови се како птица

Следејќи го мотото на сезоната „Филхармонија во движење“ и со овој концерт бевте во движење, односно излеговте од својот објект за да понудите ново искуство за публиката. Што како нов квалитет даваат концертите од овој тип?

– Првпат настапуваме како институција во овој храм (Соборниот храм „Св. Климент Охридски“) и искуството е навистина интересно. Самата архитектура дава поинаков пристап, амбиентот има своја акустика која е сосема различна од акустиката во сала и тоа е искуство плус и за музичарите, но и за публиката. Не случајно е избран овој простор, затоа што „Реквием за војната“ е напишан по повод отворањето на новата катедрална црква „Св. Михаел“ во Вест Мидлендс, изградена на темелите на старата, срушена во нацистички воен напад. И затоа постојано се изведува во цркви и катедрали. Идејата на композиторот Бенџамин Бритн, еден од најголемите композитори на 20. век, е безвременскиот однос кон мирот и хуманоста.

Кога постои квалитет, просторот е важен секако, но не секогаш пресуден, во некои случаи и придонесува за негово подобрување. „Архитектурата е замрзната музика“, отсвирете ѝ го само првиот тон, таа ќе почне да танцува. Интересно е секако кога има промени во амбиентот, а ние сме навикнати да реализираме концерти и надвор од земјава, во различни концертни простори, но и под отворено небо.

Движење имаше и во програмска смисла и оваа сезона понудивте концерти од барок до современа музика со низа значајни композитори и фантастични солисти. Иако поголемиот дел од концертите во сезоната се одржуваа со здравствените протоколи, колку сте задоволни од начинот на кој публиката ја прифати изведената програма?

– Задоволни сме, навистина. И повеќе од тоа, затоа што се исплатува целиот напор кога ќе видите среќна публика. За жал, нема музичка критика која би можела да нè води во некаков правец на размислување, доколку постои некаква дилема. Ние го реализиравме сето она што го замисливме, колку и да беше макотрпно, но крајниот резултат даде магија. Не зборувам само за нашата институција, туку на ваков начин, воведувајќи новини во програмата, делуваме и едукативно и се стремиме да го доближиме симфонискиот звук и на новите генерации на слушатели, кои сега имаа можност да слушнат нешто што немале прилика да го доживеат на друго место.

Карактеристика на сезоната беа и неколку „необични“ концерти, како „100 Метрономи“, настапот на „Баланеску квартет“, камерниот концерт со тереминот на Ива Дамјановски, но и „Диши љубов“ како посебен проект. Колку со овие концерти сакавте да го проширите музичкиот хоризонт и дадете „додадена вредност на движењето“?

– Тие концерти колку и да се чинат „необични“, всушност се многу реални и стандардни. Но, не и кај нас, за жал. Сè уште творби на Стравински, Шостакович, Бритн, Лутославски итн. се сметаат за т.н. современа класика, а сега веќе тоа е класика, ако веќе сакаме да ги дефинираме нештата. Се променија времињата, мораме да бидеме во сооднос со тоа движење, не затоа што ќе звучиме конзервативно, туку затоа што на „новите деца“ тоа треба да им се понуди. Еден совршен баланс помеѓу старата практика и школа и денешниот пристап на размислување.

Какви се плановите по завршувањето на официјалната сезона и дали планирате да го продолжите истиот концепт?

– Новата сезона е веќе готова, подготвена. Ќе стартуваме во октомври со нов слоган кој ќе ја дефинира цела програма, и на некој начин ќе ја проектира во одреден правец. Да, продолжуваме со истиот концепт, односно ќе го збогатиме со некои поинакви уметнички форми.

Фотографии: Маја Аргакијева

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 129, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот